Префрли се на текстот

Крајот на лажната религија е близу!

Крајот на лажната религија е близу!

Вест за Царството бр. 37

Порака за целиот свет

Крајот на лажната религија е близу!

▪ Што е лажна религија?

▪ Како ќе ѝ дојде крајот?

▪ Што ќе значи тоа за тебе?

Што е лажна религија?

Дали те вознемируваат лошите работи што се направени во името на религијата? Дали војните, тероризмот и корупцијата од страна на оние што тврдат дека му служат на Бог го повредуваат твоето чувство за правда? Зошто изгледа дека токму религијата е причината за толку многу проблеми? Виновникот не е целокупната религија, туку лажната религија. Исус Христос, кој денес е почитуван во речиси сите религии, рекол дека лажната религија ги наведува луѓето да постапуваат погрешно, и ја споредил со ‚гнило дрво што дава безвреден плод‘ (Матеј 7:15-17). Кои плодови ги дава лажната религија?

Лажната религија...

СЕ МЕША ВО ВОЈНИ И ВО ПОЛИТИКА: „Низ цела Азија, како и на други места, челници жедни за власт подло манипулираат со побожноста на луѓето за своја лична корист“, се вели во весникот Asiaweek. Овој весник предупредува дека, како резултат на тоа, „светот е во опасност да потоне во лудило“. Еден познат свештеник од Соединетите Држави изјавил: „Мора да ги убиете терористите ако сакате тие да престанат да убиваат“. Какво решение понудил тој? „Разнесете ги во името на Бога.“ Спротивно на тоа, Библијата вели: „Ако некој каже: ‚Го сакам Бог‘, а го мрази својот брат, тој е лажливец“ (1. Јованово 4:20). Исус дури и рекол: „Сакајте ги своите непријатели“ (Матеј 5:44). Колку религии знаеш ти чии верници учествувале во војна?

ШИРИ ЛАЖНИ УЧЕЊА: Повеќето религии учат дека душата или духот е нешто невидливо во човекот, кое преживува откако ќе умре материјалното тело. Со ова учење многу од овие религии ги искористуваат своите верници, барајќи им пари за да се молат за душата на покојникот. Но, Библијата учи нешто друго. „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4). „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Исус поучувал дека умрените ќе бидат воскреснати. Ова би било сосема непотребно кога луѓето би имале бесмртна душа (Јован 11:11-25). Дали твојата религија учи дека душата е бесмртна?

ПРЕМИНУВА ПРЕКУ НЕМОРАЛЕН СЕКС: Во западните земји, во некои религии се ракоположуваат за свештеници хомосексуалци — и мажи и жени — и тие се залагаат кај властите да ги признаат браковите меѓу лица од ист пол. Дури и некои религии што го осудуваат неморалот толерираат во своите редови свештеници што сексуално злоупотребувале деца. Но, што вели Библијата во врска со ова? Таа јасно кажува: „Не залажувајте се! Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи... нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Колку религии знаеш ти што преминуваат преку неморален секс?

Каква иднина ги чека религиите што даваат гнили плодови? Исус предупредил: „Секое дрво кое не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Матеј 7:19). Да, лажната религија ќе биде исечена и уништена! Но, кога и како ќе се случи ова? Одговорот ни го дава едно пророчко видение запишано во книгата Откровение, 17 и 18 поглавје.

Како ќе ѝ биде ставен крај на лажната религија?

Претстави си ја сликата. Една блудница седи на еден страшен ѕвер. Ѕверот има седум глави и десет рогови (Откровение 17:1-4). Кого го претставува блудницата? Па, таа има влијание врз „земните цареви“. Се облекува во пурпурна облека, користи темјан и многу е богата. Освен тоа, со нејзините гатања ‚биле заведени сите народи‘ (Откровение 17:18; 18:12, 13, 23). Библијата ни помага да разбереме дека оваа блудница е религијата. Но, со неа не е претставена некоја одделна религија туку сите религии што даваат гнил плод.

Ѕверот што го јава ги претставува светските политички сили * (Откровение 17:10-13). Лажната религија го јава овој политички ѕвер, обидувајќи се да влијае врз неговите одлуки и да управува со него.

Но, наскоро ќе се случи нешто неверојатно. „Десетте рогови што ги виде, и ѕверот — тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган“ (Откровение 17:16). Во еден ненадеен, шокантен потег, светските политички сили ќе се свртат против лажната религија и потполно ќе ја уништат! Што ќе ги натера на ова? Одговорот го дава библиската книга Откровение: „Зашто, Бог им стави во срцата да ја извршат неговата замисла“ (Откровение 17:17). Да, Бог ќе побара сметка од лажната религија за сите подли работи што таа ги направила во негово име. Во склад со совршената правда, тој ќе ги искористи нејзините политички љубовници за да ја уништи.

Што мораш да направиш ти ако не сакаш да те снајде судбината на лажната религија? „Излезете од неа, народе мој!“, повикува Божјиот гласник (Откровение 18:4). Да, сега е време да се побегне од лажната религија! Но, каде да се бега? Сигурно не во атеизмот, зашто и неговата иднина е мрачна (2. Солуњаните 1:6-9). Единствениот спас е во вистинската религија. Но, како да ја препознаеш?

Како да ја препознаеш вистинската религија

Кои добри плодови треба да ги дава вистинската религија? (Матеј 7:17).

Вистинската религија...

ПОКАЖУВА ЉУБОВ НА ДЕЛО: Вистинските верници „не се дел од светот“, не се поделени според расата или потеклото и „се сакаат едни со други“ (Јован 13:35; 17:16; Дела 10:34, 35). Тие не само што не се убиваат меѓусебно туку се спремни да умрат еден за друг (1. Јованово 3:16).

ИМА ДОВЕРБА ВО БОЖЈАТА РЕЧ: Наместо да се држи за ‚преданието‘ и да ги учи луѓето на „човечки заповеди“, вистинската религија ги заснова своите верувања на Божјата реч, Библијата (Матеј 15:6-9). Зошто? Затоа што „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16).

ГИ ЗАЈАКНУВА СЕМЕЈСТВАТА И СЕ ДРЖИ ЗА ВИСОКИ МОРАЛНИ МЕРИЛА: Вистинската религија ги учи мажите „да ги сакаат своите жени како своите тела“, им помага на жените ‚длабоко да ги почитуваат своите мажи‘, и ги поучува децата да ги ‚слушаат своите родители‘ (Ефешаните 5:28, 33; 6:1). Освен тоа, оние што се на некаква положба мора да се морално беспрекорни личности (1. Тимотеј 3:1-10).

Дали некоја религија ги исполнува овие барања? Книгата Политиката на холокаустот (Holocaust Politics), издадена во 2001 година, вели: „Ако повеќе луѓе правеа нешто слично на она што го проповедаат и прават Јеховините сведоци, ќе беше спречен холокаустот и светот немаше повеќе да биде измачуван од геноциди“.

Да, во 235 земји, Јеховините сведоци не само што проповедаат за моралните мерила на Библијата туку и живеат според нив. Можеш да ги замолиш да ти помогнат да дознаеш што бара Бог од тебе за да му служиш на прифатлив начин. Сега е време да направиш чекор. Не одложувај. Крајот на лажната религија е близу! (Софонија 2:2, 3).

□ Без никакви обврски, нарачувам примерок од брошурата Бдејте!

□ Ве молам, стапете во контакт со мене за бесплатно да ја проучувам Библијата.

[Фуснота]

^ За детално објаснување на оваа тема, види ја книгата Откровение — близу е величествената завршница!, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 3]

Лажната религија има влијание врз „земните цареви“

[Истакната мисла на страница 3]

„Излезете од неа, народе мој!“