Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Земјата ќе биде Рај?

Дали Земјата ќе биде Рај?

Што вели Библијата

Дали Земјата ќе биде Рај?

ЕГИПЌАНИТЕ, Мексиканците, Перуанците, Тибеќанците и многу други народи имаат легенди за една златна ера во која луѓето биле безгрешни, имале добар однос со Бог, не се разболувале и не умирале. Во нив се спомнува и како луѓето станале грешни.

Иако се малку извртени и поддотерани, овие легенди имаат толку заеднички елементи што не е можно да се работи за случајност. Од таа причина, многумина заклучиле дека овие приказни се темелат на вистинити настани. Тие имаат многу допирни точки со првите поглавја од библиската книга Прва Мојсеева која, за разлика од легендите, содржи конкретни детали и претставува точен историски запис (2. Тимотеј 3:16).

Совршен почеток

Од Првата книга Мојсеева дознаваме дека Бог ги создал првите луѓе, Адам и Ева, во една добро наводнета градина позната како Еден. Тие имале совршено здравје и можеле да живеат вечно. Смртта била казна за грев (1. Мојсеева 2:8-17; Римјаните 5:12). Адам и Ева требало ‚да се плодат и да се множат, да ја наполнат земјата и да ја потчинат‘ (1. Мојсеева 1:28). На тој начин, целата Земја ќе станела рај во кој ќе живееле совршени луѓе кои од срце ќе му служеле на Бог како на свој владетел.

За жал, Адам и Ева не му останале послушни на Бог, и со тоа ја испуштиле можноста да ја исполнат намерата на својот Творец и да живеат вечно. Сепак, Јехова Бог ќе ја оствари својата намера со Земјата. Тој рекол: „Ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам“ (Исаија 55:11). Всушност, Јеховината намера Земјата да биде рај исполнет со луѓе што ги одразуваат неговите особини е главната тема на Библијата (Римјаните 8:19-21).

„Ќе бидеш со мене во Рајот“

Веднаш откако Адам и Ева згрешиле, Бог ветил дека ќе обезбеди „потомство“ кое на крајот ќе ја уништи „празмијата“, Сатана Ѓаволот, и неговите зли дела (1. Мојсеева 3:15; Откровение 12:9; 1. Јованово 3:8). Со текот на времето, било откриено дека главниот дел на ова „потомство“ е Исус Христос (Галатите 3:16). Што е уште поважно, Бог го поставил него за Цар на една небесна влада што ќе владее со Земјата (Даниел 7:13, 14; Откровение 11:15).

Христос ќе го стори она што Адам не успеал да го стори. Всушност, Библијата го нарекува Исус „последниот Адам“ (1. Коринќаните 15:45). Освен тоа, во молитвата Оченаш, Исус ја поврзал иднината на Земјата со Божјето Царство кога рекол: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).

Како иден Цар на Земјата, Исус со право можел да му каже на злосторникот што се каел и бил прикован покрај него: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Рајот за кој зборувал Исус ќе биде на Земјата, што е во склад со Божјата првобитна намера. Библијата јасно го потврдува тоа. Разгледај ги следниве библиски стихови:

„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16). „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа“ (Изреки 2:21). „Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши на целата моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).

Во својата Проповед на гората, Исус ги потврдил овие изјави. Тој рекол: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Подоцна апостол Јован напишал: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето... [Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4). Очигледно е дека во овие библиски стихови станува збор за рај на Земјата, а не на небото.

Што велат изучувачите на Библијата

Многу изучувачи на Библијата мислат дека, под Христовото Царство, Земјата ќе стане рај. Теологот Џозеф А. Сајс вели: „На крајот, целата Земја под власта на Месијата сигурно ќе стане... она што... ќе беше да не згрешил Адам“. Во своите коментари со наслов Новиот завет за англиската публика (The New Testament for English Readers), Хенри Олфорд напишал: „Тоа Божје Царство... ќе стане царство над Земјата и неговите поданици ќе ја наследат Земјата... која конечно ќе се врати во својот првобитен сјај и ќе остане таква засекогаш“ (нагласено од него).

Исак Њутн, познат научник кој темелно ја проучувал Библијата, напишал нешто слично: „По денот на судот, на Земјата и понатаму ќе живеат смртници [луѓе] — не само 1.000 години, туку засекогаш“.

Бидејќи Исус Христос директно ќе владее со Земјата, на неа никогаш повеќе нема да има злоба (Исаија 11:1-5, 9). Земјата ќе биде вистински рај кој засекогаш ќе му носи чест на својот Творец.

ШТО МИСЛИШ?

◼ Која била Божјата првобитна намера со човештвото и со Земјата? (1. Мојсеева 1:28).

◼ Што ќе постигне Божјето Царство? (Матеј 6:10).

◼ Зошто никогаш повеќе нема да има злоба? (Исаија 11:1-5, 9).

[Истакната мисла на страница 11]

„Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5).