Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали библиските пророштва се однесуваат на денешната држава Израел?

Дали библиските пророштва се однесуваат на денешната држава Израел?

Дали библиските пророштва се однесуваат на денешната држава Израел?

ДЕНЕС светот загрижено набљудува што се случува на Блискиот Исток. Често доаѓа до вооружени судири и до ракетни и терористички напади. Згора на сево ова постои и реална опасност од употреба на нуклеарно оружје. Не е чудо што луѓето во целиот свет се исплашени!

Светот исто толку загрижено ги следеше збиднувањата на Блискиот Исток во мај 1948 год. Во тоа време, пред 62 години, истекуваше мандатот на Британија со кој ја држеше тогашна Палестина под своја власт. На повидок беше војна. Една година претходно, Обединетите нации го одобрија создавањето на независна еврејска држава во дел од окупираните територии. Околните арапски народи се заколнаа дека по секоја цена ќе го спречат тоа. „Делбената линија ќе биде само линија на престрелки и крвопролевање“, предупреди Арапската лига.

Во петок попладне, на 14 мај 1948 год., почнале да истекуваат последните часови од британскиот мандат. Во 16.00 часот, во музејот во Тел Авив се собрале 350 тајно поканети набљудувачи за да бидат присутни на желно очекуваното известување — официјалното прогласување на денешната држава Израел. Имало високо обезбедување за да не се случи бројните непријатели на новоформираната држава да го спречат извршувањето на процедурата.

Давид Бен-Гурион, водачот на израелскиот Државен совет, ја прочита Декларацијата за создавањето на државата Израел. Еден дел од неа гласеше: „Ние, членовите на Народниот совет, претставници на еврејската заедница од Ерец-Израел... благодарение на нашето природно и историско право и по сила на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации, го прогласуваме создавањето на еврејската држава во Ерец-Израел, која ќе се нарекува Израел“.

Исполнување на библиско пророштво?

Некои членови на евангелистичката црква веруваат дека денешната држава Израел претставува исполнување на едно библиско пророштво. На пример, во својата книга свештеникот Џон Хејџи вели: „Овој значаен настан е запишан од перото на пророкот Исаија, кој рекол: ‚Народ ќе се роди за еден ден‘ (Види Исаија 66:8.)... Тоа беше највеличественото исполнување на едно пророштво во дваесеттиот век — жив доказ за сите луѓе да видат дека Богот на Израел сѐ уште постои“ (Последните денови на Ерусалим — Jerusalem Countdown).

Дали е точно тоа? Дали во Исаија 66:8 е претскажано основањето на денешната држава Израел? Дали на 14 мај 1948 год. навистина се случило „највеличественото исполнување на едно пророштво во дваесеттиот век“? Ако денешната држава Израел сѐ уште е Божји избран народ и ако Бог сѐ уште ја користи за да се исполнат библиските пророштва, тоа сигурно би било од големо значење за оние што ја проучуваат Библијата.

Пророштвото на Исаија гласи: „Кој чул такво нешто? Кој видел такво нешто? Се раѓа ли земја во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш? А Сион, штом доби родилни болки, ги роди своите синови“ (Исаија 66:8). Овој стих јасно го претскажува ненадејното раѓање на еден цел народ, како во еден ден. Но, кој го предизвикал тоа раѓање? Одговорот го добиваме во следниот стих: „,Зарем ќе ја отворам материцата, без да ѝ дадам да раѓа?‘ — вели Јехова. ‚Зарем ќе ѝ дадам да раѓа, и истовремено ќе ја затворам?‘ — вели твојот Бог“. Јехова Бог јасно кажал дека тоа драматично раѓање е негово дело.

Денешниот Израел е секуларна демократска држава и не вели дека се потпира на Богот на Библијата. Дали Израелците во 1948 год. признале дека Јехова Бог е заслужен за тоа што имаат своја држава? Не. Ниту името на Бог ниту зборот „Бог“ не се спомнуваат некаде во официјалната објава за прогласување на независна држава. Во врска со конечната верзија, во една книга го пишува следново: „Дури и во 13.00 часот, кога се состана Државниот Совет, неговите членови не можеа да се договорат што да напишат во прогласот за стекнување на државност... Религиозните Евреи сакаа да се спомне ‚Богот на Израел‘, а секуларистите не го дозволуваа тоа. За да направи компромис, Бен-Гурион одлучи наместо ‚Бог‘ да стои зборот ‚Карпа‘“ (Славни настани во еврејската историја — Great Moments in Jewish History).

Постоењето на својата држава Израелците ѝ го припишуваат на една резолуција на ОН и на она што го нарекуваат природно и историско право на еврејскиот народ. Разумно ли е да се очекува дека Богот за кој се зборува во Библијата ќе го направи најголемото пророчко чудо на 20-тиот век во корист на народ што не сака да му оддаде никакво признание?

Денешниот во споредба со древниот Израел

Секуларната определба на денешниот Израел е во остра спротивност со ситуацијата во 537 год. пр.н.е. Тогаш израелскиот народ навистина бил повторно ,роден‘ како за еден ден откако бил уништен и раселен од Вавилонците 70 години претходно. Во тоа време, било очигледно исполнувањето на зборовите од Исаија 66:8 кога персискиот освојувач на Вавилон, Кир Велики, го одобрил враќањето на Евреите во нивната татковина (Езра 1:2).

На персискиот цар Кир му било јасно дека Јехова има удел во она што се случило во 537 год. пр.н.е., а оние што се вратиле во Ерусалим тоа го направиле со јасна цел да го обноват обожавањето на Јехова Бог и повторно да го изградат храмот. Денешната држава Израел никогаш јавно не изјавила дека има таква желба или намера.

Дали сѐ уште се Божји избран народ?

Во 33 год. од н.е., Израелците ја изгубиле својата повластена положба како Божји избран народ бидејќи го отфрлиле Јеховиниот Син, Месијата. Самиот Месија го кажал тоа со зборовите: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе... Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Матеј 23:37, 38). Ова се исполнило во 70 год. од н.е., кога римските војски го уништиле Ерусалим заедно со храмот и неговото свештенство. Но, што се случило со Божјата намера да има една ,најмила сопственост меѓу сите други народи... царство на свештеници и свет народ‘? (2. Мојсеева 19:5, 6).

Апостол Петар, кој и самиот бил Евреин, го дал одговорот во едно писмо што им го упатил на сите христијани — и на не-Евреите и на Евреите. Тој напишал: „Вие сте ,избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост‘... Зашто, некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ. Порано не ви беше покажана милост, а сега ви е покажана милост“ (1. Петрово 2:7-10).

Значи, христијаните што биле избрани со светиот дух припаѓаат на еден духовен народ, кој не се одредува според раѓањето или географската локација. Апостол Павле вака го опишал тоа: „Не е важно ниту обрежувањето ниту необрежувањето, туку новото создание. А на сите што ќе живеат според ова правило, на нив нека бидат мирот и милосрдието — на Израелот Божји“ (Галатите 6:15, 16).

Додека денешниот Израел му дава државјанство на секој природен или преобратен Евреин, правото да бидат жители на она што Библијата го нарекува „Израелот Божји“ им се дава само на оние што се „послушни и попрскани со крвта на Исус Христос“ (1. Петрово 1:1, 2). Зборувајќи за членовите на Божјиот Израел, или духовните Евреи, Павле напишал: „Не е вистински Евреин оној што е тоа однадвор, ниту е вистинско обрежување она што е однадвор, на телото, туку вистински Евреин е оној што е таков однатре и неговото обрежување е обрежување на срцето по дух, а не по пишан закон. Тој не добива пофалба од луѓето, туку од Бог“ (Римјаните 2:28, 29).

Овој библиски стих ни помага да разбереме еден коментар што го дал Павле. Во своето писмо до Римјаните, Павле објаснил дека Евреите кои не покажале вера биле како гранки на симболична маслинка што се пресечени за да можат да се накалемат ,диви гранки‘ со кои се претставени не-Евреите (Римјаните 11:17-21). На крајот од оваа споредба рекол: „На некои од Израел им отврдна срцето додека не влезат целосниот број луѓе од другите народи. И така ќе биде спасен целиот Израел“ (Римјаните 11:25, 26). Дали со овие зборови Павле претскажал дека Евреите ќе се преобратат кон христијанството во последен момент? Се разбира, такво нешто не се случило.

Со зборовите „целиот Израел“ Павле мислел на сиот духовен Израел — христијаните што биле избрани со светиот дух. Тој сакал да каже дека пропустот на Евреите да го прифатат Месијата немало да ја спречи Божјата намера да има една духовна ,маслинка‘ полна со гранки што носат плод. Ова е во склад со споредбата што ја дал Исус за самиот себе, опишувајќи се како лоза чии неплодни прачки ќе бидат пресечени. Исус рекол: „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот. Секоја прачка на мене што не носи плод, тој ја отстранува, а секоја што носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод“ (Јован 15:1, 2).

Иако во Библијата не било проречено создавањето на денешната држава Израел, во неа било проречено создавањето на еден народ од духовни Израелци! Ако го пронајдеш и се поврзеш со тој духовен народ денес, ќе пожнееш вечни благослови (1. Мојсеева 22:15-18; Галатите 3:8, 9).

[Истакната мисла на страница 29]

Што значела споредбата за маслинката што ја кажал Павле?

[Слика на страница 27]

Давид Бен-Гурион 14 мај 1948

[Извор на слика]

Israel Government Press Office, Фотограф: Kluger Zoltan

[Извор на слика на страница 27]

Todd Bolen/Bible Places.com