Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Мир меѓу луѓето“

„Мир меѓу луѓето“

„Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја!“ (ЛУКА 2:14)

Зошто некои го слават Божиќ?

Секоја година, папата и други верски водачи испраќаат пораки на мир, со надеж дека на божиќните празници ќе се исполни она што го објавил ангелот: „На земјата мир меѓу луѓето што му се по волја [на Бог]“. Некои дури одат и на аџилак во чест на овој празник.

Каде лежи проблемот?

Мирот за време на божиќните празници, во најдобар случај, е само привремен. На пример, во декември 1914 год., додека Европа беше зафатена од Првата светска војна, британските и германските војници излегле од рововите и заедно го прославиле Божиќ. Си разменувале храна, пијалаци и цигари. Дури играле и фудбал. Меѓутоа, ова примирје не траело долго. Во едно писмо напишано од првите борбени линии, еден британски војник раскажал дека некој германски војник му рекол: „Денеска сме во мир. Утре ти ќе се бориш за твојата земја, а јас за мојата“.

Кои библиски начела можат да ни помогнат?

„Ни се роди дете... Името ќе му биде... Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7). Колку утешно е ова пророштво за Исус Христос! Тој не се родил на Земјата за да донесе мир што ќе трае само по еден ден секоја година. Како небесен Владетел, Исус ќе донесе вистински мир кој ќе нема крај.

„Ова ви го реков за да имате мир преку мене [Исус]. Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33). Исус им помага на своите следбеници уште денес да бидат во мир еден со друг. Точно е дека христијаните имаат тешкотии. Сепак, благодарение на Библијата, тие сфаќаат зошто има страдања и како Исус ќе донесе траен мир. Затоа чувствуваат внатрешен спокој.

Бидејќи се послушни на Исусовите зборови, без разлика на нивната националност, боја на кожата, етничка припадност или јазик, Јеховините сведоци живеат во таков мир. Можеш и самиот да се увериш во тоа ако отидеш на еден состанок во нивната Сала на Царството. Можеби и ти, како многу други, ќе се согласиш дека тој мир е далеку подобар од секаков мир што може да настапи додека трае Божиќ.

Јеховините сведоци живеат во мир без разлика на нивната националност, боја на кожата, етничка припадност или јазик. Увери се и самиот во тоа така што ќе отидеш на состанок во нивната Сала на Царството