Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што стана од Божиќ?

Што стана од Божиќ?

„Лесно е да бидеш понесен од еуфоријата која владее за време на Божиќ. Празничните обичаи стануваат само една обврска повеќе, а времето што треба да се помине со семејството и пријателите може да биде скратено заради пренатрупаниот распоред. Радоста што треба да ја чувствуваме во тие мигови понекогаш е засенета од стресот“ (БРЕД ХЕНРИ, ПОРАНЕШЕН ГУВЕРНЕР НА ОКЛАХОМА [САД], 23 ДЕКЕМВРИ 2008 ГОД.)

КАКО што наближуваат божиќните празници, разни песни, филмови и ТВ емисии создаваат весело и празнично расположение — божиќна атмосфера. Според тебе, што треба да биде најважно во тој период?

  • Да се сеќаваме на Исус Христос?

  • Да ја почувствуваме радоста од давањето?

  • Да им помагаме на другите?

  • Да бидеме со семејството?

  • Да шириме мир?

Како што изјавил поранешниот гувернер цитиран претходно, на мнозина од оние што го слават Божиќ им е тешко да постигнат некоја од овие цели за време на празниците. Периодот околу Божиќ сѐ повеќе станува трескавичен и стресен и, пред сѐ, прилика добро да се заработи. Но, можно ли е да се доживеат радоста и љубовта што би требало да бидат суштината на божиќните празници?

Библијата нѐ поттикнува да се сеќаваме на Исус Христос, да даваме великодушно, да им помагаме на другите и да одвојуваме време за семејството. Таа исто така нѐ поучува да бидеме во мир со другите. Затоа, наместо во овие статии да стане збор зошто некои луѓе не слават Божиќ, * тие ќе ни дадат одговор на следниве прашања:

  • Што мислат некои, зошто треба да се слави Божиќ?

  • Зошто е тешко да се почувствуваат радоста и љубовта кои би требало да бидат суштината на Божиќ?

  • Кои библиски начела им помогнале на милиони луѓе да најдат нешто поубаво од Божиќ?

^ пас. 10 Од кои библиски причини некои не слават Божиќ можеш да прочиташ во статијата „Читателите прашуваат — зошто некои луѓе не слават Божиќ?“