Префрли се на текстот

Дали Библијата прорекла какви ќе бидат луѓето денес?

Дали Библијата прорекла какви ќе бидат луѓето денес?

Што вели Библијата:

 Да. Библијата прорекла дека во наше време луѓето, општо земено, ќе се сменат на полошо. Таа укажува дека оваа промена ќе води до огромен пад на моралните и општествените вредности a (2. Тимотеј 3:1-5). Но, Библијата исто така прорекла дека некои луѓе нема да се поведат по мнозинството. Наместо тоа, со Божја помош, тие ќе се трудат да се спротивстават на негативното влијание и да научат да размислуваат и да постапуваат во склад со Божјата волја (Исаија 2:2, 3).

Во оваа статија:

 Што прорекла Библијата во врска со тоа какви ќе бидат луѓето во наше време?

 Библијата кажува дека луѓето ќе развијат голем број негативни особини и постапки кои ќе станат вообичаени, а главна причина за тоа ќе биде себичноста. Луѓето ќе бидат „без самосовладување“, „себељубиви“ и „повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:2-4).

 Во склад со ова пророштво, многу луѓе денес мислат само на себеси, на своите интереси, на својата корист, на тоа како да си угодат себеси и слично. Овие особини се толку вообичаени што некои групи се наречени „Јас-генерација“. Многу луѓе се толку фокусирани кон себеси што немаат „љубов кон добротата“, односно не ги ценат убавите особини. Бидејќи се неблагодарни, тие не чувствуваат потреба да покажат ценење за она што го имаат или за она што другите го прават за нив (2. Тимотеј 3:2, 3).

 Себичноста е причината и за други ставови кои се проречени за наше време:

  •   Алчност. Многу луѓе се „алчни за пари“. Тие честопати успехот во животот го мерат според тоа колку пари или колку материјални работи поседуваат (2. Тимотеј 3:2).

  •   Гордост. Многу луѓе се „вообразени“, „надуени“ и „горди“ (2. Тимотеј 3:2, 4). Кога зборуваат за себе, за своите способности, квалитети или богатство, тие се фалат и ги преувеличуваат работите.

  •   Клеветење. Денес, „хулители“ и „клеветници“ има на секој чекор (2. Тимотеј 3:2, 3). Овие зборови може да се однесуваат на оние кои ги навредуваат другите луѓе или Бог или на оние кои кажуваат лаги за нив.

  •   Тврдоглавост. Многу луѓе се „нелојални“, „неспремни за каков и да било договор“, „предавници“ и „своеглави“ (2. Тимотеј 3:2-4). Тие не се спремни да попуштат, не се трудат да најдат заеднички решенија и не ги одржуваат своите ветувања.

  •   Агресивност. Многумина денес се сурови и лесно му се препуштаат на гневот, а тоа честопати води до сурови и насилни постапки (2. Тимотеј 3:3).

  •   Беззаконие. Исус прорекол дека во нашето време „беззаконието ќе се зголеми“ (Матеј 24:12). Тој, исто така, прорекол дека ќе има немири (Лука 21:9).

  •   Недостиг на љубов во семејството. Бидејќи многумина се „непослушни на родителите“ и немаат „љубов кон членовите на семејството“, сѐ повеќе луѓе се запоставени, злоупотребувани или трпат насилство од своите најблиски (2. Тимотеј 3:2, 3).

  •   Верско лицемерие. Во Библијата е проречено дека сѐ повеќе луѓе „на изглед ќе бидат богобојазливи“ (2. Тимотеј 3:5). Наместо да ја вршат Божјата волја, тие го следат водството на верските водачи кои им го кажуваат она што тие сакаат да го чујат (2. Тимотеј 4:3, 4).

 Какво влијание ќе имаат себичните луѓе врз другите?

 Бидејќи себичноста е толку многу раширена, луѓето повеќе од кога и да било порано се соочуваат со ментални и емоционални проблеми (Проповедник 7:7). На пример, некои кои ги сакаат парите ги искористуваат другите. Понекогаш, оние луѓе кои немаат љубов кон членовите на семејството ги злоупотребуваат своите најблиски. Поради тоа, многумина што биле злоупотребени страдаат од депресија, па дури и сакаат да си го одземат животот. А луѓето кои ги изневеруваат другите им оставаат емоционални лузни на жртвите на нивното неверство.

 Зошто луѓето, општо земено, стануваат сѐ полоши?

 Библијата објаснува кои се вистинските причини за таквата промена кај луѓето:

  •   Искрената љубов кон Бог и кон ближниот се намалува (Матеј 24:12). А како резултат на тоа, себичноста е во пораст.

  •   Сатана Ѓаволот бил исфрлен од небото на Земјата (Откровение 12:9, 12). Оттогаш наваму, под негово влијание, луѓето стануваат сѐ полоши и посебични (1. Јованово 5:19).

 Како треба да реагираме поради тоа што луѓето околу нас се менуваат на полошо?

 Во Божјата Реч пишува: „Од таквите бегај!“ (2. Тимотеј 3:5). Тоа не значи дека треба да се изолираме и да ги избегнуваме другите луѓе. Но не треба да развиваме блиски пријателства со оние кои се себични и кои не живеат по Божјите мерила (Јаков 4:4).

 Дали сите луѓе ќе станат полоши?

 Не. Библијата прорекла дека некои ќе „тажат и плачат поради сите гадости што се прават“ (Езекиел 9:4). Тие нема да бидат себични и ќе живеат во склад со Божјите мерила. Нивните зборови и постапки значително ќе се разликуваат од зборовите и постапките на повеќето луѓе (Малахија 3:16, 18). На пример, тие ќе се трудат да бидат во мир со сите луѓе и нема да учествуваат во војни и насилство (Михеј 4:3).

 Дали на крајот во целото човечко општество ќе завладее потполн хаос?

 Не. Човечкото општество нема потполно да се расипе. Бог наскоро ќе ги отстрани луѓето кои упорно одбиваат да се држат за неговите морални мерила (Псалм 37:38). Тој ќе воспостави „нова земја“ — ново човечко општество овде на Земјата — во која кротките луѓе засекогаш ќе живеат во мир (2. Петрово 3:13; Псалм 37:11, 29). Ова не е само сон. Уште сега, Библијата им помага на луѓето да направат промени во својот живот за да живеат во склад со Божјите праведни мерила (Ефешаните 4:23, 24).

a Пророштвата од Библијата и настаните во светот покажуваат дека живееме во „последните денови“ кои се опишани како „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). За повеќе информации, види ја статијата „Од каде знаеме дека живееме во ’последните денови‘?