Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Реалноста ги надмина моите очекувања

Реалноста ги надмина моите очекувања

Реалноста ги надмина моите очекувања

РАСКАЖАЛ ВИЛЕМ ВАН САЈЛ

Беше 1942 и нашата земја се наоѓаше среде II светска војна. Јас бев еден од петте млади луѓе кои се криеја од нацистите во Гронинген (Холандија). Седејќи во една мала просторија, почнавме да разговараме за нашите шанси да преживееме.

БЕШЕ очигледно дека шансите за преживување не беа многу големи. Како што испадна потоа, тројца од нашата група умреа од насилна смрт. Всушност, јас сум единствениот кој ја дочека староста. Ова е само еден пример за тоа како реалноста ги надмина моите очекувања.

Во времето кога се случи гореспоменатиот настан, јас имав само 19 години и не знаев многу за Библијата или за религијата. Всушност, татко ми беше против сите религии. Во својата потрага по религија, мајка ми го прифати спиритизмот. Јас, пак, немав никаква надеж. Мислев дека ако загинам во бомбашки напад или на некој друг начин, Бог нема да има причина да се сети на мене. Јас не се ни обидов да научам нешто за него.

Потрагата е наградена

Кратко по тој разговор со четворицата млади луѓе, ме заробија нацистите и ме одведоа во еден работен логор во Германија, во близината на Емерих. Нашата работа опфаќаше чистење на шутот и поправки на штетите од бомбардирањата на Сојузниците. На крајот на 1943 избегав и, иако војната сѐ уште беснееше, успеав да се вратам во Холандија.

На некој начин добив една мала брошурка полна со прашања и библиски текстови. Се користеше за проучување на книгата Salvation (Спасение), издадена од Јеховините сведоци. Читајќи ги прашањата и барајќи ги стиховите, многу се заинтересирав за исполнувањето на библиските пророштва.

Со мојата свршеничка Греј разговарав во врска со тоа што го читав, но на почетокот таа не беше многу заинтересирана. Мајка ми, пак, се задлабочи во брошурката. „Ова е вистината што ја барав цел живот!“, извика таа. Разговарав и со пријателите и некои од нив сакаа да дознаат нешто повеќе. Всушност, еден од нив стана Сведок и со него редовно одржував контакти преку писма и посети, сѐ до неговата смрт во 1996.

Во меѓувреме, Греј почна да ја проучува Библијата, и во февруари 1945 се крстивме обајцата. По неколку месеци заврши војната. Откако се венчавме, сакавме да станеме пионери, како што се наречени полновремените слуги на Јеховините сведоци. Но, се соочивме со препреки — болест и финансиски проблеми. Исто така, се појавија прилики да заработиме многу повеќе пари. Дали прво ќе работиме за извесна финансиска сигурност и потоа ќе почнеме да пионериме или, пак, ќе почнеме веднаш?

Нашата служба во Холандија

Одлучивме веднаш да почнеме со пионерското дело и тоа го направивме од 1 септември 1945. Истиот ден, додека се враќав дома доцна вечерта, влегов во еден ресторан за да се напијам нешто. Мислев дека му дадов на келнерот банкнота од еден гулден и му реков: „Задржете го кусурот“. Кога се вратив дома, открив дека сум му дал банкнота од 100 гулдени! Така останавме само со еден гулден за да почнеме да пионериме!

Кога почнав да одржувам јавни библиски предавања во 1946, имав само едно кожно палто. Еден пријател, кој носеше ист број како мене, служеше како претседавач. Тој ќе го најавеше мојот говор и веднаш ќе се симнеше од бината и ќе ми го дадеше палтото. Потоа јас ќе го изнесев говорот. На крајот на говорот повторно ќе се сменевме!

Во март 1949, Греј и јас добивме покана да учествуваме во покраинското дело, посетувајќи ги собранијата на Јеховините сведоци за да ги зајакнеме духовно. Фриц Хартстанг, кој беше верен министер пред и за време на војната, ме обучи за покраинското дело. Тој ми даде добар совет: „Вим, следи ги упатствата што ги добиваш преку Јеховината организација, дури и ако отпрвин не мислиш дека се најдобри. Никогаш нема да зажалиш заради тоа“. Тој беше во право.

Во 1951, во Холандија дојде тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, Натан Х. Нор. Во тоа време, Греј и јас дадовме молба за мисионерска обука во Соединетите Држави. Кратко потоа добивме покана да го посетиме 21 клас на библиската школа Гилеад на Watchtower. Кога почнавме да пионериме во 1945, во Холандија имаше околу 2.000 Сведоци, но во 1953 имаше преку 7.000, што беше една реалност која далеку ги надмина нашите очекувања!

Служба во нашиот нов дом

Бевме доделени во Холандска Нова Гвинеја, сега индонезиска провинција, но кога не ни допуштија да влеземе, ни ја сменија доделбата во Суринам, една тропска земја во Јужна Америка. Пристигнавме во декември 1955. Тогаш во Суринам имаше само стотина Сведоци, но тие беа од неизмерна помош. Наскоро се чувствувавме како дома.

Вистина, моравме да се прилагодиме на многу различни околности и понекогаш тоа беше тешко. На пример, Греј се плашеше од сѐ што имаше нозе и крилја. Во Холандија, кога најде еден мал пајак во спалната соба, не сакаше да си легне сѐ додека не го избркав. Но, во Суринам имаше десетпати поголеми пајаци, а некои беа отровни! Во нашиот мисионерски дом имаше и лебарки, стаорци, мравки, комарци и скакулци. Нѐ посетуваа дури и змии. Греј толку се навикна на тие суштества што сега нивното отстранување е само рутински дел од нејзиниот живот.

После повеќе од 43 години ја знаеме земјата подобро од многумина кои се родени таму. Се восхитувавме на нејзините реки, дождовни шуми и мочуришта во близината на брегот. Познат ни е и богатиот животински свет — бодликавото прасе, мрзливците, јагуарите и, да, дури и многуте видови змии, кои честопати се со прекрасни бои. Но, особено стекнавме ценење за големата разновидност на луѓето овде. Предците на некои од нив биле од Африка, Индија, Индонезија, Кина и други земји. А некои се Американски Индијанци, потомци на првите жители.

Во нашата христијанска служба среќаваме луѓе од сите овие заднини додека ги посетуваме во нивните домови. Исто така, во нашите Сали на Царството се радуваме на истата прекрасна разновидност на христијански браќа и сестри. Го видовме порастот од една единствена трошна Сала на Царството во 1953 на повеќе од 30 атрактивни Сали на Царството, една прекрасна Сала за собири и еден многу убав објект на подружницата, кој беше свечено отворен во февруари 1995.

Лекции што ги научив

Длабоко во внатрешноста на Суринам има неколку собранија на таканаречени марони, потомци на африканските робови кои побегнале од плантажите и бегале колку што можеле нагоре по реките. Постојано се одушевувам на нивните подвизи — на пример, како ја користат реката за превоз и на тоа што во дождовната шума се чувствуваат како дома. Сечат дрвја, прават чамци и управуваат со нив низ водопадите и брзаците. Доаѓаат до храна со лов и риболов, готват без модерни апарати и прават многу други работи кои за нас би биле многу тешки.

Низ годините ги запознавме и другите народи кои живеат овде во Суринам, нивните обичаи, нивниот начин на размислување и начин на живот. Се сеќавам кога посетив едно село на американски Индијанци уште во 1950-тите. На полноќ пристигнав до еден напуштен логор во дождовната шума, каде што мојот водич Индијанец и јас требаше да патуваме со чамец. Тој го запали огнот, зготви јадење и ги врза лежалките. За него беше нормално да прави сѐ за мене затоа што знаеше дека јас не знам како да го правам тоа.

Кога паднав од лежалката среде ноќта, тој не ми се смееше. Наместо тоа, ми ја истресе облеката и повторно ја врза лежалката. Кога патувавме низ една тесна река, толку беше темно што не можев да видам дури ни прст пред око, но мојот водич успеваше да управува со чамецот низ многуте кривини и пречки. Кога го прашав како го прави тоа, тој рече: „Ти гледаш на погрешен начин. Погледни нагоре и забележи ја разликата помеѓу врвовите на дрвјата и небото. Таа ќе ти го покаже свиокот на реката. Погледни надолу и чекај ги бранчињата. Тие ќе ти помогнат да видиш дали напред има карпи или други пречки. И слушај. И звуците кажуваат што има напред“.

Патувањето во издлабени кануа, преминувањето брзаци и минувањето покрај водопади може да биде опасно и заморно. Но, на крајот од патувањето, кога ќе ги сретнеме нашите христијански браќа и сестри кои нѐ чекаат за да ни изразат добредојде со срдечно гостопримство, се чувствуваме освежени. Секогаш има храна за гостите, можеби една чинија супа. Мисионерскиот живот честопати беше напорен и тежок, но никогаш не нѐ разочара.

Што ни помогна да продолжиме

Не бевме благословени со извонредно здравје ниту, пак, имавме доволно охрабрување од членовите на семејството, бидејќи мајка ми ни е единствениот роднина кој е Сведок. Сепак, помошта и охрабрувањето од драгите пријатели никогаш не престанаа да ги задоволуваат нашите потреби, помагајќи ни да продолжиме на нашата доделба. Особено мајка ми нѐ охрабруваше.

Откако поминавме речиси шест години на нашата доделба, мајка ми многу се разболе. Пријателите сакаа да се вратиме за да ја видиме за последен пат, но мајка ми ни напиша: „Ве молам, останете на доделбата. Памтете ме онаква каква што бев пред да се разболам. Се надевам дека ќе се видиме при воскресението“. Таа беше жена со силна вера.

Дури во 1966 бевме во можност да се вратиме во Холандија на годишен одмор. Многу се радувавме што ги видовме старите пријатели, но чувствувавме дека сега Суринам е нашиот дом. Од ова видов колку е мудар советот на организацијата мисионерите да не се враќаат во својата татковина на годишен одмор сѐ додека не служеле на доделбата барем три години.

Нешто друго што ни помогна да уживаме на нашата доделба беше задржувањето на смислата за хумор — да можеме да се смееме на работите, и на себеси. Јехова внел хумор дури и во некои суштества во природата. Кога ќе ги видите лудориите на шимпанзата и видрите, а особено на младенчињата на многу животни, на лицето ви се појавува насмевка. Исто така, важно е да гледаме на позитивната страна на работите и да не се сметаме себеси за којзнае кои — нешто што го научивме со текот на годините.

Особено нашата корисна работа во службата ни помогна да продолжиме на доделбата. Греј започна библиска студија во Парамарибо со девет луѓе во еден дом за стари лица. Сите имаа над 80 години. Секој од нив бил или балатабледер (вадел сок од каучуково дрво) или копач на злато. Сите го засакаа она што го учеа, се крстија и верно служеа во проповедничкото дело сѐ до својата смрт.

Еден стар свештеник по име Риверс, од Новата црква на Шведенборг, слушаше додека проучувавме и даваше саркастични забелешки. Но, секоја седмица доаѓаше малку поблиску и неговото исмејување се намали. Конечно седна заедно со другите и учествуваше. Имаше 92 години и едвај можеше да гледа или да слуша, но можеше да цитира стихови како да ги чита. На крајот почна да учествува заедно со нас во службата и им проповедаше на сите што слушаа. Непосредно пред да умре, испрати порака со која нѐ викаше да дојдеме. Кога пристигнавме, тој веќе беше мртов, но под перницата го најдовме неговиот извештај за времето што го поминал во службата тој месец.

Во 1970, после повеќе од 25 години во полновременото проповедничко дело, бев наименуван да ја надгледувам канцеларијата на подружницата во Суринам. Ми беше тешко да седам зад бирото и ѝ завидував на Греј, која секој ден и понатаму одеше во службата на теренот. Сега и Греј работи во подружницата и обајцата имаме смисловна работа овде додека старееме.

Всушност, кога ќе ги споредам помалку од 160.000-те активни објавители на Царството во светот во 1945 година со некаде околу 6.000.000 денес, гледам дека реалноста далеку ги надминала моите очекувања. А во Суринам бројот на оние кои учествуваат во служба се зголеми повеќе од 19 пати откако пристигнавме во 1955 — од приближно 100 тогаш на повеќе од 1.900 денес!

Уверен сум дека ќе видиме далеку поголем развој на настаните при исполнувањето на Јеховините намери во иднината ако едноставно останеме верни на нашиот Бог. Тоа и планираме да го направиме.

[Слика на страница 25]

Во 1955, кога дојдовме во Суринам

[Слика на страница 27]

Користиме кануа во нашата служба

[Слика на страница 27]

Со мојата сопруга