Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да се прекине со пушењето?

Зошто да се прекине со пушењето?

Зошто да се прекине со пушењето?

ПУШЕЊЕТО не е за оние кои сакаат да имаат долг и среќен живот. Кај секој втор долгогодишен пушач постои веројатност дека кога-тогаш ќе умре од тутунот. Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) изјави: „Цигарата е . . . добро смислен производ кој испушта точно толку никотин колку што е потребно за да го држи корисникот зависен цел живот пред да го убие“.

Значи, една причина за да прекинете со пушењето е тоа што тутунот е опасен за здравјето и за животот. Пушењето е поврзано со повеќе од 25 болести кои се опасни за животот. На пример, тоа е еден од главните фактори што придонесуваат за срцев удар, мозочен удар, хроничен бронхит, емфизем и различни видови рак, особено рак на белите дробови.

Се разбира, некој може да пуши со години пред да добие некоја од овие болести. Во меѓувреме, пушењето не ја прави личноста попривлечна за другите. Рекламите ги прикажуваат пушачите како привлечни и здрави. Реалноста е поинаква. Од пушењето смрди здивот, а забите и прстите добиваат жолтокафеава боја. Кај мажите пушењето придонесува за импотенција. Предизвикува кашлање и забрзано и плитко дишење кај пушачот. Исто така, кај пушачите е поголема веројатноста прерано да им се појават брчки на лицето и други проблеми со кожата.

Како пушењето влијае врз другите

Библијата вели: „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Љубовта кон Вашиот ближен — а членовите на Вашето семејство Ви се најблиски — е силна причина за да прекинете.

Пушењето им штети на другите. Сѐ до неодамна, еден пушач можеше да запали цигара на кое и да е место без да очекува да му се приговори. Но, ставовите се менуваат затоа што сѐ повеќе луѓе ги сфаќаат опасностите од вдишувањето на чадот што излегува од цигарите на другите. На пример, кај непушачот што е во брак со пушач постои 30 проценти поголем ризик да добие рак на белите дробови отколку кај оној што е во брак со непушач. Децата што живеат со родители кои пушат имаат поголема веројатност да добијат пневмонија или бронхит во првите две години од животот отколку децата што живеат во домови каде што не пуши никој.

Бремените жени што пушат, го изложуваат на опасност животот на своето неродено бебе. Никотинот, јаглеродниот моноксид и другите опасни хемикалии што ги содржи чадот од цигарата влегуваат во крвотокот на мајката и директно преминуваат кај детето што е во утробата. Некои од последиците се поголема веројатност за спонтан абортус, раѓање на мртвороденче и смрт на новороденчето. Освен тоа, ризикот од ненадејна смрт на доенчето е три пати поголем кај бебињата чија мајка пушела додека била бремена.

Цената е висока

Друга причина за да се прекине е тоа што пушењето е скапо. Едно истражување на Светската банка процени дека трошоците за лекување кои се во директна врска со пушењето изнесуваат околу 200 милијарди долари годишно. Се разбира, оваа бројка воопшто не кажува колкава е цената во облик на страдања и болка за оние што добиваат болести како последица од пушењето.

Лесно е да се пресмета колку пари троши на цигари еден пушач. Ако пушите, помножете го со 365 износот што секој ден го давате за цигари. Тоа ќе покаже колку пари трошите за една година. Помножете ја таа бројка со десет и ќе видите колку ќе Ве чинат цигарите ако пушите и следните десет години. Резултатот може да Ве изненади. Помислете што би можеле да направите со толку пари.

Дали е побезбедно да преминете на поинакви цигари?

Индустријата за тутун прави реклами на цигари со ниско ниво на катран и никотин — пуштени во промет како „лајт“ или слаби цигари — како начин да се намалат здравствените ризици од пушењето. Сепак, оние што преминуваат на цигари со ниско ниво на катран и никотин, имаат потреба од истата доза на никотин како претходно. Според тоа, ваквите пушачи обично го надоместуваат тоа на тој начин што пушат повеќе цигари, повлекуваат подлабоко и почесто или, пак, секоја цигара ја пушат до крај. Дури и кај пушачите кои не прават ништо за да надоместат, користите за здравјето се мали во споредба со предностите што ќе ги имаат ако целосно се откажат од пушењето.

Што е со лулињата и пурите? Иако тутунската индустрија долго време ги рекламира лулињата и пурите како симболи на статусот, чадот што излегува од нив е исто толку смртоносен како и чадот од цигарите. Дури и ако пушачите не го вдишуваат чадот од цигарата или лулето, кај нив постои зголемен ризик да добијат рак на усните, устата и јазикот.

Дали тутун што не испушта чад е безбеден? Тој доаѓа во два облика: бурмут и тутун за џвакање. Бурмутот е тутун во прав, кој обично се продава во конзерви или во вреќички. Честопати, оние што го користат, го ставаат од внатрешната страна на долната усна или образот. Тутунот за џвакање се продава во облик на долги стапчиња, обично во вреќичка. Како што укажува името, тој се џвака, а не се шмука. И бурмутот и тутунот за џвакање создаваат непријатен здив, пожолтени заби, рак на устата или ждрелото, зависност од никотин, бели рани во устата кои можат да доведат до рак, повлекување на непцето и ронење на коската околу забите. Јасно, шмукањето или џвакањето тутун не е мудра алтернатива за пушењето.

Користи од откажувањето

Да претпоставиме дека сте долгогодишен пушач. Што се случува кога ќе прекинете? По 20 минути откако ќе ја испушите последната цигара, крвниот притисок ќе се спушти на нормално ниво. По една седмица, во Вашето тело нема да има никотин. По еден месец ќе се намали кашлањето, секретот од синусите, заморот и забрзаното и плитко дишење. По пет години, ризикот да умрете од рак на белите дробови ќе се намали за 50 проценти. По 15 години, ризикот да добиете коронарно срцево заболување ќе се изедначи со ризикот што постои кај лице кое никогаш не пушело.

Храната што ја јадете ќе има подобар вкус. Здивот, телото и облеката ќе Ви мирисаат поубаво. Повеќе нема да Ве оптоварува купувањето цигари и трошокот за нив. Ќе имате чувство дека сте успеале. Ако имате деца, Вашиот пример ќе ја намали веројатноста да станат пушачи. Веројатно ќе живеете подолго. Освен тоа, ќе постапувате во склад со Божјата волја, бидејќи Библијата вели: „Да се исчистиме од секоја валканост на телото“ (2. Коринтјаните 7:1NW). Немојте да мислите дека е предоцна за да прекинете; колку порано прекинете, толку подобро.

Зошто е толку тешко да се прекине

Тешко е да се прекине со пушењето — дури и за оние кои имаат силна мотивација. Главно, тоа е затоа што никотинот што го има во тутунот е дрога која создава голема зависност. „Во рангот на зависност од психоактивни дроги, утврдено е дека никотинот создава поголема зависност отколку хероинот [и] кокаинот“, наведува СЗО. За разлика од хероинот и кокаинот, никотинот не е проследен со некој драматичен доказ за интоксикација, па затоа неговата моќ лесно се потценува. Сепак, благото чувство на еуфорија што го создава, ги тера повеќето луѓе да продолжат да пушат за постојано да го доживуваат тоа чувство. Никотинот навистина го менува расположението; тој навистина ја намалува вознемиреноста. Меѓутоа, напнатоста што ја намалува цигарата делумно е предизвикана од самата желба за никотин.

Тешко е да се прекине со пушењето затоа што тоа е навика на однесувањето. Освен тоа што се зависни од никотинот, пушачите стекнуваат рутина на палење цигара и вовлекување дим и таа рутина често се повторува. ‚Колку да се прави нешто со рацете.‘ ‚Да Ви помине времето‘, велат некои.

Трет фактор што отежнува да се прекине со пушењето е тоа што тутунот е дел од секојдневниот живот. Тутунската индустрија троши речиси шест милијарди долари годишно на рекламни кампањи кои ги прикажуваат пушачите како привлечни, активни, здрави и интелигентни луѓе. Честопати се прикажани како јаваат коњ, пливаат, играат тенис или се занимаваат со некоја друга привлечна активност. Филмовите и телевизиските програми прикажуваат луѓе како пушат — и тоа не се секогаш негативни ликови. Тутунот се продава легално и лесно може да се добие речиси секаде. Повеќето од нас не се далеку од некој што пуши. Не можете да ги избегнете ваквите влијанија.

За жал, нема апче со кое може да се уништи желбата за пушење како што со аспиринот може да се отстрани главоболката. За да успее во тешката задача да прекине, човек мора да биде мотивиран. Како што е случај и со намалувањето на тежината, потребна е силна посветеност која ќе трае подолго време. Заслугата за успехот му припаѓа на оној што пуши.

[Рамка на страница 5]

Зависници уште од рана возраст

Едно истражување во Соединетите Држави покажа дека секој 4. младинец кој пробал да пуши, на крајот станал зависник. Ова е слично на стапката на зависност кај оние што експериментирале со кокаин и хероин. Иако околу 70 проценти од пушачите кои се адолесценти жалат што започнале да пушат, малкумина можат да прекинат.

[Рамка на страница 5]

Што содржи чадот од цигарата?

Чадот од цигарата содржи катран, кој се состои од преку 4.000 хемикалии. За 43 од тие хемикалии е познато дека предизвикуваат рак. Во нив спаѓа цијанидот, бензенот, метанолот и ацетиленот (гориво што се користи во факлите). Чадот од цигарите содржи азотен оксид и јаглероден моноксид, кои се два отровни гаса. Неговата главна активна состојка е никотинот, дрога што создава голема зависност.

[Рамка на страница 6]

Помогнете му на некој сакан да прекине

Ако сте непушач кој знае колку е опасно пушењето, веројатно се чувствувате фрустрирани кога Вашите пријатели и оние што ги сакате продолжуваат да пушат. Што можете да направите за да им помогнете да прекинат? Приговарањето, молењето, присилувањето и исмејувањето ретко наидуваат на успех. Не е успешно ниту држењето долги лекции. Наместо да прекине, пушачот може да посегне по цигара за да си ја олесни емоционалната болка што ја создаваат овие тактики. Затоа, обидете се да сфатите колку е тешко да се прекине и дека на некои им е многу потешко отколку на други.

Не можете да натерате некого да прекине со пушењето. Внатрешната сила и уверување што се потребни за да се прекине мора да доаѓаат од оној што пуши. Вие треба да најдете љубезен начин за да го охрабрите и да го поддржите во желбата да прекине.

Како можете да го направите тоа? Во вистинско време, можете да ја изразите својата љубов кон таа личност и да речете дека Ве загрижува неговата или нејзината навика на пушење. Објаснете дека ќе стоите на располагање за да дадете поддршка на одлуката да прекине. Се разбира, ако го користите овој пристап премногу често, тој ќе ја изгуби својата делотворност и значење.

Што можете да направите ако некој што го сакате одлучи да прекине? Имајте на ум дека кај него или кај неа можеби ќе се јават симптоми на откажување, што вклучува раздразливост и депресија. Проблем можат да бидат и главоболките и тешкотиите со спиењето. Потсетете го дека тие симптоми се само привремени и дека се знаци дека телото се привикнува на една нова и здрава рамнотежа. Бидете весели и позитивни. Кажете му колку сте среќни што прекинува со пушењето. Додека трае периодот на откажување, помогнете му да избегнува стресни ситуации кои би можеле да водат до враќање на старата навика.

Но, што ако повторно почне да пуши? Обидете се да не реагирате претерано. Бидете сочувствителни. Гледајте на ситуацијата како на поучно искуство за двајцата и со тоа ќе бидат поголеми шансите следниот обид да биде успешен.

[Слика на страница 7]

Тутунската индустрија троши на реклами речиси шест милијарди долари годишно