Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сѐ поголема огорченост поради даноците?

Сѐ поголема огорченост поради даноците?

Сѐ поголема огорченост поради даноците?

„И да се отепам од работа, сѐ ќе ми грабнат“ (вавилонска поговорка, околу 2.300 пр.н.е.).

„Во овој свет, ништо не е сигурно освен смртта и даноците“ (американскиот државник Бенџамин Франклин, 1789).

РУБЕН работи како трговец. Секоја година, речиси една третина од неговите тешко заработени пари „испаруваат“ во вид на даноци. „Не сфаќам каде одат сите тие пари“, се жали тој. „Бидејќи владата многу штеди во финансирањето на државните служби, ние добиваме помалку услуги од кога и да е порано.“

Меѓутоа, сакале ние или не, даноците се дел од животот. Писателот Чарлс Адамс вели: „Откако постои цивилизацијата, владите на многу начини земаат данок на приход“. Даноците честопати предизвикувале огорченост, а понекогаш дури и бунтови. Древните Британци се бореле против Римјаните, велејќи: „Подобро да нѐ убијат отколку да живееме со данок на глава!“ Во Франција, омразата кон данокот на солта придонела да започне Француската револуција, во која даночниците биле убивани на гилотина. Бунтовите поради даноците одиграле важна улога и во војната за независност на САД, која се водела против Англија.

Не изненадува тоа што и до денешен ден тлее огорченост поради даноците. Стручњаците велат дека во неразвиените земји даночните системи честопати се „неефикасни“ и „неправедни“. Според еден истражувач, во една сиромашна африканска земја имало „преку 300 локални даноци, со кои не можеле да излезат на крај дури ни најспособните службеници. Не постојат или, пак, не се спроведуваат исправно механизмите за собирање даноци и за контрола на нивното користење . . . па така се создаваат прилики за злоупотреба“. Вестите Би⁠-​Би⁠-​Си известиле дека во некоја азиска земја, „локалните службеници наметнале десетици . . . нелегални давачки — од тарифи за одгледување банани до даноци за колење свињи — со цел да се дополнат финансиите на месните заедници или да си ги наполнат сопствените џебови“.

Јазот помеѓу богатите и сиромашните уште повеќе ја зголемува огорченоста. Во публикацијата Africa Recovery што ја издаваат ОН, стои: „Една од многуте економски разлики помеѓу развиените и неразвиените земји е тоа што развиените земји ги дотираат [им даваат парична помош на] земјоделците, додека неразвиените земји им наметнуваат даноци . . . Истражувањата на Светската банка покажуваат дека само со паричната помош што ја даваат САД, Западна Африка го намалува својот годишен приход од извозот на памук за 210 [милиони] евра годишно“. Затоа, земјоделците во неразвиените земји можеби се огорчуваат кога владата собира даноци од нивната и онака ниска заработувачка. Некој земјоделец од една азиска земја рекол: „Секогаш кога ќе дојдеа [владините службеници], знаевме дека ќе бараат пари“.

Слична огорченост се рашири неодамна и во Јужна Африка кога владата им наметна на земјоделците данок на земјиште. Земјоделците се заканија дека ќе излезат на суд. Данокот „ќе ги доведе земјоделците до банкрот и ќе предизвика уште поголема невработеност меѓу оние што ја обработуваат земјата“, тврдел еден говорник што ги застапувал земјоделците. И во денешно време, огорченоста поради оданочувањето понекогаш води до насилство. На вестите Би-Би-Си било известено: „Двајца [азиски] земјоделци беа убиени минатата година кога полицијата нападна едно село во кое селаните протестираа против превисоките даноци“.

Но, сиромашните не се единствените што се огорчени поради даноците. Едно истражување во Јужна Африка открило дека многу богати даночни обврзници „не се спремни да плаќаат дополнителни даноци — дури и ако тоа значи дека владата нема да може да ги подобри услугите што им се важни и на тие даночни обврзници“. Славни личности од светот на музиката, филмот, спортот и политиката се најдоа на насловните страници поради затајување на данок. Книгата The Decline (and Fall?) of the Income Tax забележува: „За жал, и нашите највисоки владини службеници, нашите претседатели, воопшто не се добар пример кој ќе ги поттикне обичните граѓани да им бидат послушни на даночните закони“.

Можеби и Вие сметате дека даноците се премногу високи, неправедни и дека претставуваат огромен товар. Според тоа, како треба да гледате на плаќањето даноци? Дали служат за својата вистинска цел? Зошто даночните системи честопати се толку сложени и навидум неправедни? Овие прашања ќе бидат разгледани во следните статии.

[Слика на страница 4]

Во неразвиените земји, делот што го плаќаат сиромашните како данок е неправедно голем

[Извор на слика]

Godo⁠-​Foto