Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога Вашето дете има покачена температура

Кога Вашето дете има покачена температура

Кога Вашето дете има покачена температура

„Не ми е добро!“ Кога Вашето дете плачливо ќе го рече ова, можеби веднаш проверувате дали има висока температура. Ако му е покачена, можеби ќе Ве фати паника, и тоа е сосема разбирливо.

Според едно истражување што го извршил Детскиот центар Џон Хопкинс во Балтимор (Мериленд, САД), 91 процент од родителите мислат дека „дури и релативно ниска температура би можела да остави барем една штетна последица, како што се грчеви или оштетување на мозокот“. Истото истражување покажува дека „89% од родителите му дале на своето дете средства за снижување на температурата пред таа да достигне 38,9 Целзиусови степени“.

Има ли навистина причина за паника кога на Вашето дете ќе му се покачи температурата? И, кои се најдобри начини да се намали температурата?

Покачената температура има важна улога

Што е причина за покачената температура? Иако нормалната телесна температура е некаде околу 37 Целзиусови степени (мерена орално), температурата кај човекот обично варира во текот на денот за еден или повеќе степени. * Така, Вашата температура може да биде пониска наутро и повисока доцна попладне. Хипоталамусот, кој се наоѓа во меѓумозокот, ја регулира телесната температура, слично на еден термостат. Температурата се покачува кога имунолошкиот систем, веројатно како реакција на напад од бактерии или вируси, создава супстанции во крвта наречени пирогени. Поради тоа хипоталамусот се „препрограмира“ на повисока температура.

Иако не е пријатна и предизвикува дехидрација, покачената температура не е секогаш лоша работа. Всушност, изгледа дека покачената температура игра клучна улога — му помага на телото да ги отстрани бактериските и вирусните инфекции, како што вели Фондацијата Мајо за медицинско образование и истражување. „На вирусите што предизвикуваат настинки и други инфекции на дишните патишта повеќе им одговараат ниски температури. Вашето тело помага да се отстрани вирусот на тој начин што малку ја покачува температура.“ Затоа, оваа фондација понатаму наведува дека „не е потребно да се намалува температурата што е само малку над нормалната“ и дека со тоа „може да се спречи дејствувањето на природните одбрамбени механизми на Вашето дете“. Интересно е тоа што во една болница во Мексико извесни заболувања дури и се лекуваат со покачување на телесната температура. Ваквиот начин на лекување се нарекува хипертермија.

Д-р Ал Сакети, од Американскиот колеџ за лекари за прва помош, вели: „Покачената температура сама по себе ретко претставува проблем. Меѓутоа, таа е знак дека можеби има некаква инфекција. Затоа, кога детето има температура, првенствено треба да му се обрне внимание нему и на можната инфекција, а не на бројките на топломерот“. Американската академија за педијатрија забележува: „Обично не треба да се преземе ништо при температура пониска од 38,3 Целзиусови степени освен ако детето не се чувствува добро или често има треска проследена со грчеви. Дури и повисоките температури сами по себе не се опасни ниту страшни освен ако детето има грчеви или некое хронично заболување веќе подолго време. Поважно е да набљудувате како се однесува детето. Ако јаде и спие добро и ако сака да си игра, веројатно не му треба никакво лекување“.

Што да се прави кога температурата е малку покачена

Ова не значи дека не можете да направите ништо за да му помогнете на своето дете. Во врска со температурата што е малку покачена некои медицински стручњаци го препорачуваат следново: Во собата на детето нека биде пријатно свежо. Детето нека носи лесна облека. (Ако му е претопло, температурата ќе се покачи уште повеќе.) Давајте му на детето повеќе течности како, на пример, вода, разблажени овошни сокови и супа, бидејќи покачената температура може да предизвика дехидрација. * (Пијалаците што содржат кофеин, како што се кока-кола, пепси и црн чај, се диуретици и можат да предизвикаат уште поголема дехидрација.) Доенчињата треба и понатаму да се дојат. Избегнувајте тешко сварлива храна, бидејќи покачената температура ја забавува работата на желудникот.

Кога детето има температура повисока од 38,9 Целзиусови степени, честопати му се даваат лекарства за снижување на температурата што се издаваат и без лекарски рецепт, како што е парацетамолот и ибупрофенот. Меѓутоа, важно е да се следи упатството за употреба во врска со дозирањето. (На децата помали од две години не треба да им се даваат никакви лекарства без лекарски надзор.) Лекарствата за снижување на температурата не дејствуваат против вирусите. Според тоа, со нив не се забрзува закрепнувањето на детето ако тоа има настинка или некоја друга слична болест, туку само се ублажува непријатноста. Некои стручњаци не препорачуваат да им се дава аспирин на деца под 16 години за да се снижи температурата, бидејќи тој е поврзан со појавата на Рејов синдром — болест која може да заврши со смрт. *

Температурата можете да ја намалите и ако детето го капете со сунѓер. Седнете го детето во када во која има неколку сантиметри млака вода, и истријте го со еден сунѓер. (Не масирајте го детето со алкохол бидејќи може да има токсично дејство.)

Придружната рамка содржи некои корисни информации во врска со тоа кога да се обратите на лекар. Особено е важно да добие медицинска нега некој што живее во места каде што владеат опасни трески како што се денгата, еболата, тифусната или жолтата треска.

Значи, главно е да му ги олесните непријатностите на своето дете. Имајте на ум дека само во ретки случаи температурата е толку висока што може да предизвика невролошки оштетувања или смрт. Дури и грчевите предизвикани од висока температура, иако се причина за загриженост, обично не оставаат трајни последици.

Се разбира, најдобар лек е превентивата, а еден од најефикасните начини да го заштитите своето дете од инфекции е да го поучите за основна хигиена. Треба да ги поучите децата често да си ги мијат рацете — особено пред јадење, по користење на тоалетот, откако биле со многу луѓе на јавно место или откако галеле животни. Ако Вашето дете сепак има покачена темепратура и покрај сите Ваши напори, немојте да кревате преголема паника. Како што веќе видовме, можете да направите многу за да му помогнете на детето да оздрави.

[Фусноти]

^ Температурата може да варира во зависност од тоа каде се мери и каков топломер се користи.

^ Во српското издание на Разбудете се! од 8 јули 1995, 11. страница, побарајте рецепт за рехидрација што може да се примени во случаи на покачена температура проследена со дијареја или повраќање.

^ Рејовиот синдром е акутно невролошко заболување што може да се појави кај деца по некоја вирусна инфекција.

[Рамка на страница 25]

Обратете се на лекар ако болното дете . . .

◼ Е помало од три месеци и има ректална температура над 38 Целзиусови степени

◼ Има три до шест месеци и има температура повисока од 38,3 степени

◼ Е постаро од шест месеци и има температура повисока од 40 Целзиусови степени

◼ Не сака да пие течности и покажува знаци на дехидрација

◼ Има грчеви или многу е тромаво

◼ Има покачена температура подолго од 72 часа

◼ Непрестајно плаче или покажува знаци на збунетост или бунило

◼ Исфрлано е по кожата, тешко дише, има дијареја или постојано повраќа

◼ Има укочен врат или ненадејни силни главоболки

[Извор на слика]

Извор: Американската академија за педијатрија