Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Билни лекарства — можат ли да Ви помогнат?

Билни лекарства — можат ли да Ви помогнат?

Билни лекарства — можат ли да Ви помогнат?

УШТЕ од најрани времиња билните лекарства се користеле за да се лекуваат болести. Папирусот Еберс, изработен во Египет некаде околу 16 век пр.н.е., содржи стотици народни лекарства против различни болести. Меѓутоа, начинот на кој се прават билните лекарства обично се пренесувал усно од генерација на генерација.

Изгледа дека лекувањето со билки на Запад започнало со работата на грчкиот лекар Диоскорид, кој живеел во првиот век и го напишал делото De Materia Medica. Тоа станало главен фармацевтски текст во текот на следните 1.600 години. Во многу делови од светот и понатаму се популарни традиционалните билни лекарства. Во Германија, социјалното здравствено осигурување од државата дури и ги надоместува трошоците за билните лекарства што се издаваат на лекарски рецепт.

Иако понекогаш се тврди дека традиционалните и народните билни лекарства се побезбедни од современите фармацевтски производи, ни тие не се без никакви ризици. Затоа, се поставуваат прашањата: Кои мерки на претпазливост и кои совети треба да се земат предвид кога се размислува за билни лекарства? И дали има некои околности под кои некој вид терапија може да биде покорисен од друг? *

Како можат да помогнат билките

На билките им се припишуваат многу терапевтски својства. Се смета дека некои му помагаат на телото да се бори против инфекции. Се вели дека други помагаат во варењето на храната, ги смируваат нервите, служат како лаксатив или помагаат во регулирањето на работата на жлездите.

Билките имаат и хранлива и лековита вредност. На пример, некои растенија што служат како диуретици, како што е магдоносот, содржат и значително количество калиум. * Калиумот во овие растенија ја надоместува загубата на овој витален елемент во траги, кој се губи преку мокрењето. Исто така, билката валеријана (Valeriana officinalis), која долго време се користи како седатив, содржи многу калциум. Калциумот може да го засили смирувачкото дејство што го има оваа билка врз нервниот систем.

Како да се користат билките

Билките можат да се користат на многу начини, како што се чаеви, одвароци, тинктури и мелеми. Чаевите се подготвуваат на тој начин што билката се прелива со врела вода. Но, стручњаците предупредуваат дека билките што се користат како чаеви обично не треба да се варат. Одвароците се добиваат од коренот и од кората на билката што се варат во вода со цел да се ослободат нивните активни состојки.

А што е со тинктурите? Во една книга стои дека тие се „билни екстракти што се добиваат со помош на чист или разреден шпиритус, ракија или вотка“. Потоа, тука се и мелемите, кои можат да се подготват на различни начини. Обично се ставаат на повредени или заболени делови од телото.

За разлика од многу витамини и лекови, повеќето билки се сметаат за храна и честопати се земаат на празен желудник. Исто така, можат да се земаат и во облик на капсули, што може да биде многу попрактично и попријатно. Ако решите да земате билни лекарства, мудро е тоа да го правите под стручен надзор.

Традиционално, билките се препорачуваат за заболувања како што се настинки, проблеми со варењето, тврда столица, несоница и гадење. Меѓутоа, билките понекогаш се користат и за потешки заболувања — не само како лек туку и како превентива. На пример, во Германија и Австрија, билката Serenoa repens се користи како почетен лек за бенигна хиперплазија на простатата (отекување на простатата). Во некои земји од ова заболување се погодени 50 до 60 проценти од мажите. Меѓутоа, важно е причината за отекувањето да ја дијагностицира лекар за да бидете сигурни дека во лекувањето не е потребна поголема интервенција, како што е во случајот на ракот.

Некои мерки на претпазливост

Иако некоја билка можеби насекаде се смета за безбедна, бидете претпазливи. Никогаш не попуштајте со внимателноста само затоа што на некој производ стои етикетата „природно“. Во една енциклопедија за билки стои: „Непријатниот факт во врска со ова е дека некои билки се многу опасни. [За жал], некои луѓе не водат доволно сметка за можните ефекти од билките — сеедно дали се тие опасни или корисни“. Хемиските состојки во билките можат да влијаат врз бројот на отчукувања на срцето, крвниот притисок и нивото на гликоза. Затоа, луѓето што имаат проблеми со срцето, висок крвен притисок или проблеми со шеќерот во крвта, како што е дијабетесот, мораат да бидат особено претпазливи.

Меѓутоа, нуспојавите од билките обично се ограничени само на алергиски реакции. Во нив спаѓаат главоболки, вртоглавици, гадење или алергиски реакции на кожата. Исто така, се вели дека билките предизвикуваат „криза од лекувањето“ проследена со симптоми на грип или други симптоми. Може да изгледа дека на оној што зема билки му е полошо пред да му биде подобро. Обично се тврди дека таквата реакција е предизвикана од токсичните отпадоци што се отстрануваат од телото во текот на раните етапи на билната терапија.

Смртните случаи што понекогаш се поврзани со некои билни препарати ја нагласуваат потребата од претпазливост и добар совет. На пример, билката ефедра, која обично се користи за слабеење, може да го покачи крвниот притисок. Преку 100 смртни случаи за кои е известено во Соединетите Држави се поврзани со производи на база на ефедра, иако патологот Стивен Карч од Сан Франсиско наведува: „Единствените случаи што ги знам каде што луѓето [кои земале ефедра] умреле, се случаи на луѓе кои имале тешко заболување на коронарните артерии или примале преголеми дози“.

Д⁠-​р Логан Чемберлејн, автор на една книга за билни додатоци, тврди: „Последниве години, речиси секој извештај во врска со штетното дејство на билките се однесува на случаи во кои луѓето не ги следеле упатствата . . . Препорачаното дозирање на проверените производи е безбедно, па дури и умерено. Немојте да ги игнорирате упатствата за употреба освен ако не сте добиле добар совет од стручен билкар“.

Линда Пејџ, која добро ги познава лековитите билки, го дава следниов предупредувачки совет: „Дури и кај сериозни здравствени состојби се препорачуваат умерени количества, а не се препорачува да се земаат преголеми дози. Можат да се постигнат многу подобри резултати ако си дадете повеќе време и понежен третман. Потребно е време за да оздравите“.

Една книга за лековити билки објаснува дека некои билки имаат вграден механизам за заштита од предозирање. На пример, една билка што се користи за опуштање на телото предизвикува повраќање ако се зема во преголеми дози. Меѓутоа, оваа карактеристика, која не важи за сите билки, не ја отстранува потребата од тоа да се придржувате за безбедната доза.

Сепак, мнозина сметаат дека за една билка да биде делотворна, мора да се прими во доволно количество и во исправен облик. Понекогаш, единствен начин да се стори тоа е да се зема екстракт. Тоа е случај со билката гинко, која долго време се користела за подобрување на меморијата и на циркулацијата на крвта, бидејќи за една ефикасна доза се потребни повеќе килограми ливчиња.

Можни опасни комбинации

Билките можат да реагираат со пропишаните лекарства на различни начини. На пример, можат да ја засилат или да ја намалат ефикасноста на некој лек, да предизвикаат тој да се отстрани од организмот побрзо од вообичаено, или да го зголемат ризикот од нуспојави. Кантарионот, кој во Германија честопати се препишува за блага до умерена депресија, предизвикува многу лекарства да се отстранат двапати побрзо од нормално, и на тој начин го намалува нивното дејство. Затоа, ако Ви е препишан некој лек, вклучувајќи и контрацептивни пилули, посоветувајте се со лекар пред да почнете да користите лековити билки.

Во една книга за лековитите својства на билките стои: „Алкохолот, марихуаната, кокаинот, некои други средства што го менуваат расположението, како и тутунот, можат да предизвикаат реакции што се опасни по живот кога ќе се комбинираат со некои лековити билки . . . Здравиот разум налага да ги избегнувате [таквите средства], особено ако сте болни“. Исто така, трудниците и доилките треба сериозно да го сфатат овој совет. Се разбира, кога се работи за тутун и дрога, христијаните се заштитени ако ја следат библиската заповед ‚да се исчистат од секоја валканост на телото и духот‘ (2. Коринќаните 7:1).

Во врска со самите билки, едно дело го дава следново предупредување: „Ако сте забремениле додека сте земале некоја лековита билка, кажете му на лекарот и престанете да ја земате билката сѐ додека не разговарате со него во врска со тоа. Обидете се да се сетите на точната доза и колку време сте ја земале таа супстанција“.

„Самолекувањето [со билки] крие неколку опасности“, стои во една енциклопедија за билки. Во придружната рамка, „Ризици од самолекувањето“, ќе најдете список на можните опасности поврзани со билките.

Како што е случај со сите медикаменти, со билките треба да бидете внимателни, да ги познавате и, се разбира, да бидете урамнотежени — и не заборавајте дека за некои болести во моментов нема лек. Вистинските христијани со радост го очекуваат времето кога дури и причината за болеста и смртта — несовршеноста што сме ја наследиле од нашите прародители — ќе биде сосема отстранета под добротворното владетелство на Божјето Царство (Римјаните 5:12; Откровение 21:3, 4).

[Фусноти]

^ Разбудете се! не е медицинско списание и не препорачува некое конкретно лекување или начин на исхрана, сеедно дали се работи за билки или за нешто друго. Информациите што се изнесени во оваа статија се само општи информации. Читателите мораат да донесат лични одлуки во врска со здравјето и други медицински прашања.

^ Диуретици се супстанции што го зголемуваат лачењето на урина.

[Рамка на страница 30]

Ризици од самолекувањето

Еве некои ризици од употребата на билки без стручна помош.

Можеби не знаете точно за кој здравствен проблем се работи.

Начинот на кој се лекувате сами можеби не е соодветен за Вашата болест, дури и ако сте ја утврдиле точната дијагноза.

Со самолекувањето можеби одложувате некое порадикално, но сепак потребно и соодветно лекување.

Лекарствата што ги земате сами може да имаат негативно дејство во комбинација со лекарствата што Ви ги препишал доктор — на пример, во комбинација со лекови против алергија или лекови за регулирање на крвниот притисок

Со тоа што се лекувате сами можеби ќе излекувате некои полесни болести, но ќе се влоши некој друг здравствен проблем, како што е високиот крвен притисок.

[Извор на слика]

Извор: Rodale’s Illustrated Encyclopedia of Herbs