Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Улогата на родителот

Улогата на родителот

Улогата на родителот

„АКО детето чувствува дека е сакано, дека е дел од семејството, дека е корисно, и дека слободно може да си ја задоволи љубопитноста, тогаш неговиот мозок ќе се развие“, истакнува Петар Горски од медицинскиот факултет на универзитетот Харвард. „Задачата на родителот не е да му овозможи на детето да развие мозок што ќе функционира совршено, туку да му помогне да се развие во здрава, разумна и сочувствителна личност.“

За родителот нема поголема радост од тоа детето да му израсне во една морална и чесна личност која е заинтересирана за другите. Дали и Вие ќе го постигнете ова, во голема мера зависи од тоа што правите за да дадете добар пример, да бидете другар и учител, и отворено да комуницирате со Вашето дете. Иако сите деца се раѓаат со вродено чувство за морал, сепак, додека растат, родителите мораат постепено да им всадуваат одредени морални вредности.

Кој или што ја обликува личноста на детето?

Мислењата на истражувачите во врска со тоа кој или што има најсилно влијание врз обликувањето на личноста на децата се најразлични. Некои сметаат дека врз децата главно влијае околината. Сепак, според докторите Т. Бери Брејзелтон и Стенли Гринспен, стручњаци на полето за развој на децата, родителот е тој што има исклучително важна улога во воспитувањето на детето додека е тоа многу мало.

Сите подоцнежни искуства во животот и влијанието од околината само го надополнуваат развојот на детето во првите години. Затоа е многу важно кон децата да се покаже сочувство и разбирање во самото семејство. Исто така, треба да бидат поучени зрело да се справат со своите чувства. Децата што растат во вакви семејства, обично поспремно соработуваат со другите, подобро ги разбираат и се посочувствителни.

За да се воспита детето од мали нозе потребен е голем труд. За да успеете во тоа — особено ако за првпат сте станале родители — мудро е да барате совет од другите што се поискусни, и потоа да следите еден јасно одреден начин на воспитување. Стручњаците имаат напишано безброј книги за развој на децата. Во голем број случаи, она што го кажуваат е во согласност со советите што се дадени во Библијата. Кога ќе се применат во пракса, разумните начела од Божјата реч им помагаат на родителите добро да ги воспитаат своите деца. Да разгледаме некои од тие практични начела.

Постојано покажувајте им дека ги сакате

Децата се како млади билки што се развиваат и цветаат кога редовно и со љубов се негуваат. Водата и сонцето ја хранат младата билка и помагаат да порасне во здраво и стабилно растение. На сличен начин, и родителите што со зборови и со постапки секојдневно им покажуваат на децата дека ги сакаат придонесуваат за нивниот здрав психички и емоционален развој и стабилност.

Библијата едноставно вели: „Љубовта изградува“ (1. Коринќаните 8:1). Родителите што ги опсипуваат децата со љубов, всушност, го имитираат својот Творец, Јехова Бог. Библијата кажува дека кога се крстил, Исус го чул гласот на својот Татко кој, како на свој Син, му дал до знаење дека го одобрува и дека го сака. Иако тогаш Исус веќе не бил дете, сигурно тие зборови биле многу охрабрувачки за него! (Лука 3:22).

Љубовта што му ја покажувате на Вашето дете, времето што го поминувате со него пред спиење, па дури и тоа што си играте заедно, многу влијае врз неговиот развој. ‚Сѐ што прави детето‘, вели д-р Џ. Фрејзер Мастард, ‚е важно искуство во неговиот живот. Дури и ако учи да ползи, вашата реакција и охрабрување му се многу важни.‘ Љубовта и вниманието од родителот се цврст темел кој помага детето да се развие во одговорен и зрел возрасен човек.

Бидете другари и комуницирајте отворено

Кога минувате време со Вашите деца, блискоста меѓу вас се зголемува. Исто така, тоа им помага да научат како да комуницираат. Библијата ги охрабрува родителите да развиваат ваква блискост со децата во секоја прилика — и кога се дома и кога се на кое и да било друго место (Второзаконие 6:6, 7; 11:18-21).

Стручњаците за развој на децата се согласуваат дека времето што родителите го минуваат со децата е многу поважно од скапите играчки што можат да им ги купат или од некои посебни активности што можат да им ги дозволат. Секој ден имате прилика да бидете со децата и за тоа не Ви се потребни многу пари. На пример, би можеле едноставно да се прошетате заедно низ паркот и да ја набљудувате природата. Тоа би била идеална прилика да им поставувате смисловни прашања и да ги поттикнете на разговор.

Светото писмо вели дека има „време за играње“ (Проповедник 3:1, 4). Да, безгрижното играње е потребно затоа што му помага на детето да ги развие своите интелектуални способности, да стекне емоционална зрелост и да учи како да се снаоѓа во друштво. Според д-р Мастард, играњето не само што е корисно туку е апсолутно неопходно. Тој вели: „Всушност, играњето е тоа што придонесува во мозокот на детето да се создаде цела мрежа од невронски врски кои се потребни за извршување на најразлични функции “. Играчките што детето ги користи за да си игра можат да бидат многу едноставни. Понекогаш му е доволна и само една празна картонска кутија. Дури и предмети што секојдневно се користат во домаќинството а не се опасни им се исто толку интересни на малите деца колку и скапите високотехнолошки играчки. a

Стручњаците сметаат дека оптоварувањето на децата со безброј активности кои ги организираат возрасните може да ги задуши нивната фантазија и креативност. Затоа на родителите им се препорачува да бидат умерени. Дозволете му на детето да го истражува својот мал свет и да си ја испроба досетливоста. Честопати детенцето само ќе си најде нешто да се занимава. Но, Вие сепак треба да водите сметка што прави и каде си игра за да не направи некоја беља.

Најдете време за нив

За да можат децата да бидат урамнотежени, нивното воспитание треба да вклучува и поука. Многу родители секојдневно одвојуваат време за да им читаат на своите деца. Тоа им овозможува да ги поучат како треба да се однесуваат, а и да им ги всадат моралните вредности на кои нѐ учи нашиот Творец. Библијата вели дека верниот учител и мисионер Тимотеј ги ‚познавал светите списи од периодот на доење‘ (2. Тимотеј 3:15).

Тоа што ќе му читате на детето може да стимулира создавање на синапси во неговиот мозок. Но, за да се постигне ова, потребно е да му чита некој што е обѕирен и што го сака. Линда Сигел, професор по педагогија, предупредува во врска со содржината на она што се чита: „Материјалот треба да биде таков што детето ќе ужива да го слуша“. Исто така, обидете се да му читате редовно и во исто време секој ден. Така детето со радост ќе ги очекува тие моменти.

Во поучувањето е вклучена и стегата. Децата можат да извлечат корист од стега што е дадена со љубов. „Мудар е синот кого таткото со стега го опоменува“, вели Пословици 13:1 (NW). Но, имај на ум дека стегата вклучува многу работи. На пример, понекогаш е доволно децата само да се опоменат со збор, да им се скрати нешто или, пак, да добијат некој друг вид казна. Д-р Брејзелтон, кој веќе беше цитиран, вели дека стегата му помага на „детето да научи да ги контролира своите чувства и своето однесување. Всушност, секое дете си бара ограничувања и очекува некој да му ги постави. Затоа, по љубовта, стегата е најважната работа што можете да им ја дадете“.

На кој начин Вие, како родител, можете да знаете дали стегата што ја применувате ја постигнува саканата цел? Па, пред сѐ, децата треба да знаат зошто им ја давате таквата стега. Кога ги исправате, тие мора да почувствуваат дека тоа го правите од љубов и затоа што сте заинтересирани за нивното добро.

Труд што е награден со успех

Секоја вечер пред легнување, Фред ѝ читал на својата ќеркичка уште кога била многу мала. Со текот на времето забележал дека запамтила многу од приказните и дека следи во книгата поврзувајќи ги зборовите што ги изговарал со пишаниот текст. Крис е уште еден татко што редовно им читал на своите деца. Тој се трудел да им чита од различни публикации. Кога биле многу мали, ги користел сликите од книгите како, на пример, Моја книга со библиски приказни, за да им даде морална и духовна поука. b

Освен читањето, некои родители се трудат да поминуваат време и во други дополнителни активности со децата — цртање, свирење, заеднички излети или одење на разни места како, на пример, во зоолошка градина. Сите овие прилики овозможуваат да им дадат поука на децата, да всадат во нивните приемливи срца и умови добри морални вредности, и да ги поучат на пристојно однесување.

Дали сиот овој труд се иплаќа? Родителите што со цело срце ги применуваат практичните упатства што беа наведени и на тој начин им даваат на децата чувство на мир и сигурност во домот, имаат многу причини да се надеваат дека нивните деца ќе стекнат позитивен став кон животот. Ако им се посветите на Вашите деца за да им помогнете уште од најмали нозе да ги развијат своите интелектуални способности и вештини на комуникација, ќе имате голем удел во градењето на нивната личност, како во морален така и во духовен поглед.

Пред илјадници години, во Пословици 22:6, Библијата јасно навела: „Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него“. Нема сомнение, родителите навистина имаат клучна улога во воспитувањето на децата. Затоа, користете ја секоја прилика да им покажете на децата дека многу ги сакате. Поминувајте време со нив, воспитувајте ги и учете ги. Само така ќе бидете среќни — и тие и Вие (Пословици 15:20).

[Фусноти]

a Видете ја статијата „Бесплатни африкански играчки“, која излезе во српското издание на Разбудете се! од 8 јули 1993.

b Издадена од Јеховините сведоци. Друга делотворна книга за поучување на малите деца е Учи од Големиот учител, исто така издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка на страница 7]

Играјте си со Вашето бебе

◼ Бебињата можат да се концентрираат многу кратко време, затоа играјте си само тогаш кога гледате дека уживаат во тоа.

◼ Користете играчки со кои детето нема да се повреди и кои му ги стимулираат сетилата.

◼ Игрите нека бидат интересни и живи. Бебињата уживаат кога Ве тераат да правите нешто одново и одново како, на пример, да кревате играчка што тие ја фрлаат.

[Извор на слика]

Извор:Clinical Reference Systems

[Рамка/слика на страница 10]

Предлози како да му читате на Вашето дете

◼ Изговарајте ги зборовите јасно и разбирливо. Детето го учи јазикот кога слуша како му зборуваат родителите.

◼ Кога им читате на многу мали дечиња, покажете ги со прст луѓето и предметите во сликовниците и кажете им кои се или што се тие.

◼ Кога детето е поголемко, изберете книги во кои се зборува за нешто што моментално најмногу го интересира.

[Извор на слика]

Извор: Pediatrics for Parents

[Слики на страници 8 и 9]

Поминувајте време со децата во пријатна разонода