Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се подигаат деца во склад со божјите начела

Како да се подигаат деца во склад со божјите начела

Гледиште на Библијата

Како да се подигаат деца во склад со божјите начела

„Како да поставите правила што децата нема да ги кршат“

„Пет начела што детето треба да ги научи во првите пет години од животот“

„Пет емоционални вештини што треба да ги има секое дете“

„Пет показатели дека сте премногу попустливи“

„Несфатливо големата моќ на едноминутната дисциплина“

А КО беше лесно да се воспитуваат деца, луѓето немаше многу да се интересираат за статии на таа тема — како овие што ги спомнавме погоре. Со текот на времето, постепено ќе престанеа да се пишуваат книги за воспитување на децата. Меѓутоа, факт е дека никогаш не било лесно да се исчуваат деца. Всушност, уште пред неколку илјади години било речено дека ‚безумниот син е мака за таткото и огорчување за мајката‘ (Пословици 17:25ПСП).

Денес, и покрај тоа што изобилуваат совети на оваа тема, многу родители не знаат како да ги воспитуваат децата. Каква помош нуди Библијата?

Вистинското значење на дисциплината

Библијата јасно кажува која е улогата на родителите во воспитанието на децата. На пример, во Ефешаните 6:4 стои: „Вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“. Според овој стих, таткото е оној што треба да предводи во грижата за децата. Се разбира, мајката треба да соработува со него.

Во врска со оваа тема, The Interpreter’s Dictionary of the Bible вели: „Според Библијата, дисциплината, од една страна, е тесно поврзана со обучувањето, поуката и знаењето, а од друга страна, пак, е поврзана со карањето, исправањето и казнувањето. Главно се применува при воспитувањето на децата“. Значи, дисциплината, односно воспитните мерки, не се ограничени само на укорување; тие ја вклучуваат сета обука што им е потребна на децата за да бидат среќни и успешни. Но, како можат родителите да не ги раздразнуваат, односно иритираат своите деца?

Имајте разбирање

Што го иритира детето? Замислете си ја следнава ситуација. Работите со колега кој е нестрплив и има незгоден карактер. Што и да направите, тој не е задоволен. Изгледа како да Ви наоѓа маана на сѐ што ќе речете или ќе направите. Ја потценува Вашата работа и Ве прави неспособен. Дали вакво нешто нема да Ве иритира и да Ве доведе до очај?

Истото го чувствува и едно дете кога родителите постојано му приговараат и го исправаат кога се изнервирани. Точно е дека одвреме навреме на децата им е потребно исправање и дека Библијата ги овластува родителите да им го дадат. Сепак, ако го иритираат детето однесувајќи се со него грубо и без љубов, можат да му наштетат емоционално, духовно, па дури и физички.

Децата го заслужуваат Вашето внимание

Родителите мораат да најдат време за своите деца. Во врска со Божјите мерила, Второзаконие 6:7 им го дава следниов совет на татковците: „Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“. Од моментот кога ќе се родат, децата имаат потреба да чувствуваат дека родителите многу ги сакаат. Ако смирено разговарате со Вашите деца на редовна база, ќе можете подобро да разберете како се чувствуваат. Така ќе Ви биде полесно да им ги всадите библиските начела во срцето и да ги поттикнете да ‚се бојат од Бога и да ги исполнуваат Неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13). И ова е составен дел од воспитанието на децата во склад со Божјите начела.

Ако подигањето деца го споредиме со градење куќа, тогаш воспитните мерки се еден вид алатки што се користат при градењето. Кога родителите ракуваат со овие алатки на исправен начин, кај своите деца можат да изградат пожелни карактерни особини, а можат и да ги опремат успешно да се справат со проблемите во животот. Каков ќе биде резултатот? Во Пословици 23:24, 25 се вели: „Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него. Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка“.

[Рамка/слика на страница 27]

„ЈЕХОВИНО УМСТВЕНО НАСОЧУВАЊЕ“

Во Ефешаните 6:4 се спомнува ‚Јеховиното умствено насочување‘. Изворниот грчки збор за изразот „умствено насочување“ во некои Библии е преведен со „совесност“, „совет“ и „опомена“. Сите овие зборови покажуваат дека не е доволно семејствата само да ја читаат Библијата или рутински да поминат извесен материјал од некоја библиска публикација. Родителите треба да се уверат дека децата ја разбираат Божјата реч, дека сфаќаат колку е важно да бидат послушни, и дека гледаат како Јехова им покажува љубов и им нуди заштита.

Како можат да го постигнат ова? Џуди, која има три деца, увидела дека не е доволно постојано да ги потсетува на Божјите начела. „Видов дека не им се допаѓа кога одново и одново им повторував едни исти работи на ист начин. Затоа почнав да размислувам каков друг пристап би можела да користам со нив. Побарав статии од Разбудете се! каде што тие начела беа обработени на поинаков начин. Така научив како да ги поучам децата без да ги иритирам“.

Анџело, чие семејство минало низ тешки моменти, кажува како ги научил своите ќерки да размислуваат за Божјата реч: „Читавме заедно стихови од Библијата, а потоа издвојував некои делови и им објаснував како се однесуваат на нивните околности. Подоцна, кога сами си ја читаа Библијата, можев да забележам како длабоко размислуваат од каква важност е тоа што го читаат за нив“.