Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Историја испишана со крв

Историја испишана со крв

Историја испишана со крв

ДО ПРЕД неколку години, тероризмот се поврзуваше само со некои места, како што се северна Ирска, Баскиската држава во северна Шпанија и некои области на Блискиот Исток. Но сега, особено од 11 септември 2001 година, кога беа урнати Кулите-близначки во Њујорк, тероризмот нагло прерасна во светски феномен. Терористички напади имаше насекаде — на рајскиот остров Бали, во Мадрид (Шпанија), Лондон (Англија), Шри Ланка, Тајланд, па дури и во Непал. Меѓутоа, тероризмот не е нешто ново. Што, всушност, значи зборот „тероризам“?

Тероризмот се дефинира како „незаконско користење или закана за користење на сила и насилство од страна на некое лице или организирана група, против луѓе или поседи, со цел да бидат заплашени или присилени на нешто општеството или владите, и тоа честопати од идеолошки или политички причини“ (The American Heritage Dictionary of the English Language). Но, писателката Џесика Стерн забележува: „Оној што го проучува тероризмот ќе наиде на стотици дефиниции... Сепак, тероризмот има две клучни обележја по кои се издвојува од другите облици на насилство“. Кои се тие обележја? „Прво, тероризмот е насочен против цивили... Второ, терористите се користат со насилство за да постигнат драматичен ефект: самиот напад не е толку важен колку што е важно да им се влее страв на жртвите. Ова намерно сеење на страв и ужас е она по што тероризмот се разликува од другите убиства или напади.“

Корените на тероризмот

Во првиот век, една насилна група луѓе во Јудеја кои се нарекувале зелоти сакале Евреите да бидат независни од Рим. Некои од нејзините најгорливи припадници станале познати под името сикарии или мажи со ками. Името доаѓа од кратките мечеви што ги криеле под облеката. Мешајќи се во мноштвото народ за време на празникот во Ерусалим, сикариите им ги пресекувале грлата на своите непријатели или ги прободувале од зад грб. *

Во 66 год. од н.е. една група зелоти ја зазеле тврдината Масада во близина на Мртвото Море. Тие го масакрирале римскиот гарнизон, а тврдината на врвот на ридот ја претвориле во база за своите операции. Повеќе години напаѓале од таму и им задавале големи проблеми на римските царски власти. Во 73 год. од н.е., Десеттата римска легија предводена од управителот Флавиј Силва успеала да им ја одземе Масада, но не успеала да ги потчини зелотите. Еден историчар од тоа време тврди дека наместо да им се предадат на Римјаните, 960 зелоти — сите што биле горе во тврдината, со исклучок на две жени и пет деца — извршиле самоубиство.

Некои сметаат дека побуната на еврејските зелоти го означува почетокот на тероризмот кој ни е познат денес. Сеедно дали е така или не, оттогаш наваму тероризмот оставил длабоки траги во историјата на светот.

Тероризмот како средство во христијанскиот свет

Почнувајќи од 1095 година па во следните два века, крстоносните војски постојано марширале меѓу Европа и Блискиот Исток. Ним им се спротивставиле муслиманските сили од Азија и северна Африка. И двете страни сакале да го освојат Ерусалим, и секоја од нив се обидувала да стекне предност пред другата. Во многуте битки што ги воделе, овие таканаречени „свети војници“ се масакрирале меѓу себе. Освен тоа, ги користеле мечевите и секирите за да убиваат и невини луѓе. Вилијам од Тир, свештеник од 12 век, го опишал влегувањето на крстоносците во Ерусалим во 1099 година:

„Одеа заедно низ улиците со извлечени мечеви и со копја во рацете. Сите што ќе ги сретнеа ги прободуваа и ги убиваа на лице место, мажи, жени, деца — не штедеа никого... На улиците имаше толкави купишта од мртви тела, што не можеше да се помине освен да се гази по оние што лежеа убиени... Имаше толку многу крв што се слеваше низ каналите и сливниците, а сите улици во градот беа покриени со човечки трупови“. *

Во наредните векови терористите почнале да користат експлозиви и огнено оружје, а последиците од ова беа застрашувачки и смртоносни.

Милиони мртви

Историчарите сметаат дека 28 јуни 1914 година е пресвртница во историјата на Европа. Еден младич, кој некои го сметаат за херој, го застрелал австрискиот престолонаследник, војводата Франц Фердинанд. Овој настан го турнал светот во Првата светска војна. Откако биле убиени 20 милиони луѓе, Големата војна завршила.

По Првата светска војна следела Втората — позната по концентрационите логори, масакрот на цивилното население во бомбардирањата и одмаздничкото убивање на невини луѓе. По војната убивањето продолжи. Над милион луѓе загинаа на полињата на смртта во Камбоџа во 1970-тите. А народот на Руанда сѐ уште не може да се соземе од шокот што го претрпе кога во 1990-тите беа масакрирани над 800.000 лица.

Од 1914 година па до денес, луѓето во многу земји биле жртви на тероризмот. И покрај тоа, некои денес се однесуваат како современиот човек да не научил никаква лекција од историјата. Стотици луѓе редовно гинат во терористички напади, илјадници се осакатени, а на милиони им е одземен душевниот мир и не се чувствуваат безбедни. На пазарите експлодираат бомби, цели села се изгорени до темел, жените се силувани, децата се заробувани, луѓето гинат. И покрај законите и општата осуда, оваа сурова појава никако да престане. Има ли надеж дека ќе му биде ставен крај на тероризмот?

[Фусноти]

^ Како што е запишано во Дела 21:38, еден римски воен заповедник неправедно го обвинил апостол Павле дека е водач на 4000 ‚мажи со ками‘.

^ Исус ги поучил своите ученици да ги ‚љубат своите непријатели‘, а не да ги мразат и да ги убиваат (Матеј 5:43-45).

[Истакната мисла на страница 6]

На 28 Јуни 1914 година, светот беше турнат во војна

[Слика на страница 5]

ИСТАНБУЛ 15 НОЕМВРИ 2003 ГОДИНА

[Слика на страница 5]

МАДРИД 11 МАРТ 2004 ГОДИНА

[Слика на страница 5]

ЛОНДОН 7 ЈУЛИ 2005 ГОДИНА

[Слика на страници 4 и 5]

ЊУЈОРК 11 СЕПТЕМВРИ 2001 ГОДИНА

[Извори на слики на страница 5]

Од лево на десно: AP Photo/Murad Sezer; AP Photo/ Paul White; фотографија на Peter Macdiarmid/Getty Images

[Извор на слика на страница 6]

Culver Pictures