Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Конечно мир на земјата!

Конечно мир на земјата!

Конечно мир на земјата!

НЕКОИ сметаат дека само насилството може да донесе политичка слобода и духовно прочистување — дека несаканите владетели можат да се отстранат само со примена на сила. Освен тоа, некои влади се служат со застрашувачки методи за да го одржат редот во државата и да ги држат своите поданици под контрола. Но, ако навистина тероризмот е ефикасно средство за владеење и за остварување на општествени промени, тогаш би требало да донесе мир, благосостојба и стабилност. По некое време, насилството и стравот би требало да исчезнат. Дали гледаме дека се случува вакво нешто?

Вистината е дека тероризмот го руши ценењето за животот и води до крвопролевање и свирепост. Поради болката што им била нанесена, жртвите обично сакаат да возвратат со иста мера, а ова води кон натамошно угнетување и, на крајот, кон уште поголема одмазда.

Насилството не е решение за проблемите

Луѓето веќе илјадници години се обидуваат сами да си ги решат политичките, верските и општествените проблеми со кои се соочуваат. Но, не успеале да најдат решение. Се докажало дека е точно она што го вели Библијата: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23). Исус рекол: „Божјата мудрост се оправда со своите резултати“ (Матеј 11:19, Радосна вест). Во поширока смисла, овие библиски начела укажуваат на тоа дека тероризмот нуди лажна надеж. Резултатите, односно последиците од тероризмот не се слобода и среќа туку, напротив, смрт, страдање и разорување. Целиот 20 век беше исполнет со овие лоши последици, а тие продолжуваат и во овој 21 век. Мнозина се сложуваат дека, наместо да донесе решение, тероризмот станал проблем.

„Секој ден се надевам дека никој од моето семејство или од моите пријатели нема да загине... Можеби ни е потребно чудо.“ Вака напишала една девојка чија татковина била разорена од терористичко насилство. Нејзините зборови укажуваат на заклучокот до кој дошле многумина: Решението на проблемите со кои се соочува човекот е надвор од неговиот домен. Само Творецот на луѓето може да ги реши сегашните светски проблеми, меѓу кои спаѓа и тероризмот. Но, зошто да имаме доверба во Бог?

Зошто Бог е достоен за нашата доверба

Една причина е тоа што, како наш Творец, тој ни дал живот и сака да уживаме во мир и задоволство. Божјиот пророк Исаија бил поттикнат да напише: „Наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар — сите ние сме дело на Твоите раце (Исаија 64:8). Јехова е Татко на човекот, и за него се скапоцени луѓето од сите народи. Тој не е виновен за неправдите и омразата кои водат до тероризам. Мудриот цар Соломон во една прилика изјавил: „Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања“ (Проповедник 7:29ПСП). Корените на тероризмот лежат во човечката злоба и во демонското влијание, а не во неспособноста на Бог да ги реши проблемите (Ефешаните 6:11, 12).

Друга причина зошто можеме да имаме доверба во Јехова е тоа што, бидејќи ги создал луѓето, тој ја разбира подобро од кој и да е друг причината за човечките проблеми, но го знае и решението на тие проблеми. Библијата ја изнесува оваа вистина во Пословици 3:19: „Господ ја основа земјата со мудрост и ги зацврсти небесата со умот“. Со целосна доверба во Бог, еден човек од дамнина напишал: „Од каде ќе ми дојде помош? Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата“ (Псалм 121:1, 2).

Има и трета причина зошто треба да полагаме доверба во Бог. Тој може да му стави крај на насилното крвопролевање. Во времето на Ное ‚земјата се наполнила со насилства‘ (Битие 6:11). Божјиот суд дошол ненадејно и бил темелен: „[Бог] не се воздржуваше да казни еден древен свет... кога донесе потоп на свет од безбожни луѓе“ (2. Петрово 2:5).

Библијата јасно ни ја кажува поуката од Потопот во времето на Ное: „Знае Јехова како да ги избави од искушение луѓето со побожна оддаденост, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат одрежани“ (2. Петрово 2:9). Бог ја гледа разликата помеѓу оние што искрено сакаат подобар живот и оние што им го загорчуваат животот на другите. Тој ги чува вториве за денот кога ќе бидат ‚уништени безбожните луѓе‘. Но, за оние што сакаат мир, подготвува нова земја во која ќе престојува праведност (2. Петрово 3:7, 13).

Траен мир на Земјата!

Писателите на Библијата честопати го користеле зборот „земја“ за да го означат човештвото. На пример, во Битие 11:1 се вели дека „целата земја“ — луѓето што живееле во тоа време — зборувале ист јазик. Апостол Петар го користел тоа значење кога напишал „нова земја“. Јехова Бог ќе го обнови човечкото општество така што трајно ќе ги замени насилството и омразата со праведност и правда. Во едно пророштво запишано во Михеј 4:3, Библијата ни кажува: „Тој ќе управува со многу племиња и ќе им биде Судија на силните народи. Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна“.

Како ќе живеат луѓето кога ќе се исполни ова пророштво? Михеј 4:4 вели: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“. Во тој земен Рај, никој нема да живее во страв од следниот терористички напад. Можеш ли да имаш доверба во ова ветување? Да, затоа што ‚тоа го вели устата на Господ над Војските‘ (Михеј 4:4).

Затоа, додека терористичките закани се множат и народите се тресат од страв поради насилствата, решението за оние што го љубат мирот е да имаат доверба во Јехова. Не постои проблем што Тој не може да го реши. Бог ќе ја отстрани болката, страдањето па дури и смртта. Библијата вели: „Ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице“ (Исаија 25:8). Скапоцените земји на многу народи, кои сега се исполнети со болка и страв поради тероризмот, наскоро ќе изобилуваат со плодови на мирот. Тој мир, што го ветил Бог, „кој не може да лаже“, е она што очајно му е потребно на човештвото (Тит 1:2; Евреите 6:17, 18).

[Рамка/слики на страница 9]

ЕФИКАСНА ЗАМЕНА ЗА КУРШУМИ И ЕКСПЛОЗИВ

Следат изјави на лица што мислеле дека политички промени можат да се постигнат со насилство.

◼ „Од учебниците по историја сфатив дека царевите и благородниците отсекогаш господареле над сиромашните. Ме болеше страдањето на ниските класи. Размислував како може да му се стави крај на злото и дојдов до заклучок дека ќе мора да се бориме — со оружје против оружје“ (Рамон). *

◼ „Учествував во насилни воени судири. Целта ми беше да го покажам своето незадоволство од постоечките власти и да ги замениме со општествен поредок што ќе ги отстрани нееднаквостите кои постојат меѓу луѓето во светот“ (Лусијан).

◼ „Уште од дете, многу ме погодуваа неправдите како што се сиромаштијата, криминалот, слабото образование и недоволната грижа за здравјето на луѓето. Си мислев дека оружјето ќе помогне сите да добијат образование, здравствена нега, дом и работа. Освен тоа, сметав дека треба да биде казнет секој што не знае како да се однесува со својот ближен и да го почитува“ (Петар).

◼ „Јас и маж ми бевме членови на една тајна организација чија цел беше да организира вооружени бунтови. Се надевавме дека ќе воспоставиме една влада која ќе донесе ред и благосостојба во општеството, и која ќе овозможи еднаквост за сите. Сметавме дека субверзивните дејности се единствен начин за да се обезбеди правда во нашата земја“ (Лурдес).

Овие луѓе се обиделе да им помогнат на страдалниците со помош на сила. Но, проучувајќи ја Библијата со Јеховините сведоци сфатиле дека Божјата реч нуди подобар начин за да се постигне тоа. Во Јаков 1:20, Библијата вели: „Човековиот гнев не ја постигнува Божјата праведност“. Во преводот Радосна вест стои: „Гневот не води кон правичност каква што Бог очекува од нас“.

Само влада што е воспоставена од Бог може да го промени човечкото општество. Библиските пророштва, како оние во Матеј, 24. поглавје и 2. Тимотеј 3:1-5, покажуваат дека Божјата влада наскоро ќе ги направи тие промени. Те поттикнуваме да научиш нешто повеќе за овие вистини со тоа што ќе ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци.

[Фуснота]

^ Имињата се променети.