Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Помош од ‚Богот на утехата‘

Помош од ‚Богот на утехата‘

Помош од ‚Богот на утехата‘

ЦАР ДАВИД доживеал многу емоционални болки и честопати имал ‚немирни мисли‘. Сепак, тој никогаш не се сомневал дека Творецот потполно нѐ разбира. „О Јехова, ти проникна во мојата внатрешност и ме познаваш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, оддалеку ми ги распознаваш мислите. Зашто, уште не ми дошле зборовите на јазикот, а ти, Јехова, веќе сите ги знаеш“ (Псалм 139:1, 2, 4, 23).

И ние можеме да бидеме сигурни дека нашиот Творец нѐ разбира и дека добро знае колку лошо може да влијае депресијата врз нашиот несовршен ум и тело. Тој знае кои се причините за ова нарушување и како можеме најдобро да се справиме со сегашните околности. Освен тоа, тој ни открил и како ќе ја отстрани оваа болест еднаш засекогаш. Никој не е во подобра положба да ни помогне од нашиот сочувствителен „Бог, кој ги теши потиштените“ (2. Коринќаните 7:6).

Но, оние што страдаат од депресија можеби се прашуваат како Бог може да им помогне кога се преплавени од негативни чувства.

Дали депримираните лица можат да му пристапат на Бог?

Бог е толку близу до своите потиштени слуги што може да се каже дека живее со ‚оние што имаат скршен и понизен дух, за да го оживее духот на понизните, да го оживее срцето на скршените‘ (Исаија 57:15). Колку е утешно да знаеме дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“! (Псалм 34:18).

Како можат депримираните лица да добијат утеха од Бог?

Божјите слуги можат во секој момент да му пристапат на оној „што ги слуша молитвите“ и кој може да им помогне да се изборат со лошите чувства и околности (Псалм 65:2). Библијата нѐ поттикнува да му го излееме срцето, кога вели: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).

Што ако поради чувствата на безвредност мислиме дека нашите молитви нема да бидат сослушани?

Депресијата може да нѐ наведе да заклучиме дека е залудно да се трудиме да му угодиме на Бог. Меѓутоа, нашиот небесен Татко е свесен дека сме ранливи и „си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Дури и ако срцето нѐ осудува, можеме да го увериме дека „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19, 20). Затоа, во твоите молитви можеш да користиш изрази што си ги прочитал во Библијата, како што се оние во Псалм 9:9, 10; 10:12, 14, 17 и 25:17.

Што ако сме премногу вознемирени и збунети па не можеме да ги изразиме своите чувства со зборови?

Ако понекогаш ти е толку тешко во душата што не можеш да ги најдеш вистинските зборови, не откажувај се! Продолжи да бараш помош од „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ знаејќи дека тој е свесен за твоите чувства и потреби (2. Коринќаните 1:3). Марија, која беше спомната претходно, вели: „Понекогаш сум многу збунета и не знам за што да се молам. Но, знам дека Бог ме разбира и ми помага“.

Како одговара Бог на нашите молитви?

Библијата не ни ветува дека Бог ќе ни ги реши сите проблеми уште сега. Меѓутоа, Тој ни дава сила да излеземе на крај со „сѐ“, што значи и со депресијата (Филипјаните 4:13). Мартина признава: „Кога првпат паднав во депресија, го молев Јехова веднаш да ме излекува бидејќи мислев дека повеќе не можам да издржам. Сега сум задоволна со тоа што секој ден го молам за сила“.

Светото писмо е важен извор на духовна сила за депримираните лица. Сара, која се бори со депресија веќе 35 години, од лично искуство потврдува колку ѝ помага тоа што секој ден ја чита Библијата. Таа раскажува: „Навистина го ценам она што медицината го направи за мене. Но, пред сѐ, свесна сум колкава духовна и практична вредност има читањето на Божјата реч. Ми стана навика редовно да ја читам“.

Никогаш повеќе нема да има депресија!

Кога Исус Христос бил на Земјата, покажал дека Бог му дал моќ да лекува тешки болести. Исус едвај чекал да им го олесни страдањето на оние што биле тешко болни. Освен тоа, тој и самиот знае што значи да чувствуваш длабока болка во душата. Ноќта пред да се соочи со маченичка смрт, ‚Христос со силни извици и солзи упатувал сесрдни молитви и молби до оној што можел да го спаси од смртта‘ (Евреите 5:7). Иако тогаш му било многу тешко, ние денес имаме корист од она што го претрпел бидејќи тој знае како се чувствуваме и „може да им дојде на помош на оние што се во искушенија“ (Евреите 2:18; 1. Јованово 2:1, 2).

Библијата открива дека Бог има намера да ги отстрани сите тешки околности што предизвикаат депресија. Тој ветува: „Јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето. Туку, радувајте се и веселете се довека поради она што го создавам!“ (Исаија 65:17, 18). ‚Новите небеса‘ (Божјето Царство), ќе ја доведат ‚новата земја‘, (општеството од праведни луѓе на Земјата) во совршена физичка, емоционална и духовна состојба. Сите болести ќе бидат отстранети еднаш засекогаш.

[Истакната мисла на страница 9]

„Го повикав името твое, о Јехова, од најдлабоката јама. Ти го слушаш гласот мој. Не затворај го увото кога барам ослободување, кога тебе те повикувам за помош! Се приближи во денот кога те повикував. Рече: ‚Не плаши се!‘“ (Плач Еремиин 3:55-57)

[Рамка/слики на страница 7]

„ТЕШЕТЕ ГИ ПОТИШТЕНИТЕ“

Кога е премногу потиштена и се чувствува безвредно поради својата депресија, Барбара и нејзиниот сопруг му телефонираат на Џерард, еден нивни семеен пријател кој служи како христијански надгледник. Иако истите работи веќе ги има слушнато многу пати, тој секогаш стрпливо ја сослушува додека таа неконтролирано плаче и му кажува што ја тишти и ја мачи.

Џерард научил да слуша без да го критикува, оспорува или осудува ставот на својот соговорник (Јаков 1:19). Научил како да го примени библискиот совет ‚да ги теши потиштените‘ (1. Солуњаните 5:14). Тој стрпливо ја уверува Барбара дека Јехова Бог, семејството и пријателите многу ја сакаат. Обично ѝ чита еден или два утешни библиски стиха, иако некои од нив ѝ ги читал и порано. На крајот, секогаш се моли заедно со неа и со нејзиниот сопруг преку телефон — нешто што многу ги утешува (Јаков 5:14, 15).

Џерард е свесен дека не е стручно медицинско лице и никогаш не се обидува да биде замена за лекарот на Барбара. Меѓутоа, го надополнува нејзиното лекување со нешто што ретко кој лекар го препишува — утешни стихови и молитва.

Како да ‚ги тешиш потиштените‘

Би можел да речеш: „Сакав само да ти кажам дека мислам на тебе. Знам дека понекогаш не ти е добро. Како си сега?“

Запомни: Зборувај искрено и слушај со цел да се соживееш со оној што е во депресија, дури и ако тој секогаш ти повторува едни исти работи.

Би можел да речеш: „Просто се восхитувам на она што можеш да го сториш (или: „Одушевен сум од христијанските особини што ги покажуваш...“) и покрај здравствените проблеми со кои се бориш. Иако имаш желба да правиш повеќе, знај дека Јехова те сака и те цени, а исто и ние.“

Запомни: Биди сочувствителен и љубезен.

Би можел да речеш: „Прочитав еден охрабрувачки стих“. Или: „Се сетив на тебе кога го читав мојот омилен библиски стих“. Потоа прочитај го или цитирај го стихот.

Запомни: Внимавај да не изгледа како да му даваш совет.

[Рамка на страница 9]

Утеха од Светото писмо

Лорејн црпи сила од Јеховиното ветување во Исаија 41:10: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“.

Алвару вели дека честопати наоѓа утеха во зборовите од Псалм 34:4, 6: „Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи. Овој страдалник повика, и Јехова го слушна. Од сите негови неволји го спаси“.

Наоја вели дека секогаш го теши стихот од Псалм 40:1, 2: „Сосема се надевав на Јехова, и тој го приклони увото свое кон мене и го слушна моето викање за помош... Ми ги зацврсти чекорите“.

Псалм 147:3 ја уверува Наоко дека Јехова „ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“.

Зборовите на Исус запишани во Лука 12:6, 7 ѝ ја зајакнуваат довербата на Елиз дека Јехова се грижи за неа. Таму стои: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог. А вам и сите влакна на главата ви се изброени. Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња!“

Други библиски стихови:

Псалм 39:12: „Чуј ја мојата молитва, о Јехова, приклони го увото кога викам за помош. Немој да молчиш кога леам солзи“.

2. Коринќаните 7:6: Бог „ги теши потиштените“.

1. Петрово 5:7: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“.