Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Албарасин — едно посебно „орлово гнездо“

Албарасин — едно посебно „орлово гнездо“

Албарасин — едно посебно „орлово гнездо“

„Посетете го едниот од најубавите градови во Шпанија, посетете го Албарасин“ (Хозе Мартинез Руиз, шпански писател познат и како Азорин, 1873-1967)

АЛБАРАСИН е уникатен град. Што го прави толку посебен? Пред сѐ, географските карактеристики, потоа неговата историја и, на крајот, прекрасната околина. Од овие причини, во 1961 год., владата на Шпанија го прогласи овој мал град во провинцијата Теруел за дел од државното културно наследство. А во 2005 год., една туристичка делегација го избра Албарасин за „најубав град во Шпанија“.

Сместен меѓу планините во централниот дел на Шпанија, Албарасин е многу стар град со околу 1.000 жители. Опкружен е со зелени ливади наводнувани од неколку реки и планински венец кој го носи истото име — Сиера де Албарасин.

Изобилство од храна и вода

Во старо време, изобилниот дивеч на подрачјето на Албарасин привлекувал доселеници чии цртежи во пештерите сведочат дека биле добри уметници кои ја познавале природата. Цртале огромни бикови и други животни, а ги боеле со бел пигмент кој не е пронајден на ниту едно друго место. Изучувачите сметаат дека овие пештери, на кои се прикажани сцени од секојдневниот живот, се користеле како места на кои луѓето се собирале за дружење или за вршење на верски обреди.

Дури и денес, во блискиот резерват Монтес Универсалес има голем број срни, диви свињи и ситен дивеч, а реката Гвадалабјар, што на арапски значи „бела река“, има најмногу пастрмки од сите реки во Шпанија.

Во 133 год. пр.н.е., Римјаните ги поразиле Келтиберите кои живееле овде и основале неколку населби во областа Албарасин. Во првиот век од н.е., римските инженери изградиле аквадукт (1) долг 18 километри. Тој се смета за еден од најсложените јавни проекти што Римјаните ги изградиле во Шпанија. Римската религија исто така оставила свој белег. Резбата на една римска надгробна плоча пронајдена во гратчето Албарасин покажува дека и овде бил застапен култот на императорот.

Напредок под муслиманската власт

Маврите го освоиле овој предел до 9 век и се смета дека името Албарасин потекнува од називот на муслиманските доселеници од берберското племе Бану Разин. Во средниот век, помеѓу Маврите, Евреите и таканаречените христијани владеела слога, заемна почит и толеранција, поради што ова бил еден од најуспешните периоди во историјата на Албарасин.

Занаетчиите од овој град изработувале прекрасни предмети, а, по сѐ изгледа, се занимавале и со медицина, која овде доживеала невиден напредок. Откопани се хируршки инструменти кои укажуваат на тоа дека овдешните хирурзи оперирале дури и катаракта. Албарасин останал под муслиманска власт сѐ до крајот на 12 век, кога преминал под римокатоличка управа. Вреди да се спомне дека ова е единствен случај во историјата на Шпанија кога дошло до политичка промена по мирен пат.

Како изгледа Албарасин денес? Бидејќи не е дограден нов дел, ако го посетите, ќе можете да се прошетате помеѓу неговите средновековни градби.

Грациозна силуета

Шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет (1883-1955) го опишал Албарасин како „град што ја извива својата грациозна силуета во висините“. Ова е соодветен опис бидејќи градот се издига на една карпа што се наоѓа на околу 1.200 метри надморска височина и е опкружена со длабока провалија која служи како одбранбен ров. Оваа природна тврдина го штитела градот со векови и придонела Албарасин да биде наречен орлово гнездо.

Ако се прошетате низ тесните калдрми на градот, ќе забележите прекрасна стара архитектура. Некои од најубавите примери се Балконот на аголот (Balcón esquinero), Сината куќа (Casa Azul) (2) и Куќата на Хулианета (Casa de la Julianeta) (3), која изгледа како да држи рамнотежа на раскрсницата на две улици.

Куќите од овој период се градени од материјали многу полесни од камен, или поточно од дрво и малтер, што е сосема соодветно бидејќи се поставени на врвот од рид. Вниманието на посетителите го мамат и нивните прозорчиња со чипкани завеси и железни решетки (4). Друга уникатна карактеристика се натстрешниците кои се преклопуваат, резбаните дрвени тераси и необичните алки на вратите кои честопати имаат форма на животни.

Ако некој страда од вртоглавица, не е препорачливо да гледа надолу кога ќе влезе во некоја од висечките куќи. Бидејќи градот бил изграден врз карпа и просторот бил ограничен, некои од жителите ги граделе своите куќи речиси над самата провалија.

Врвот на ридот кој се наоѓа над градот и кој некогаш бил центарот на Албарасин го краси еден маварски замок. Торе дел Андадор е дел од првобитниот ѕид што го изградиле Арапите во 10 век. Нешто подоцна биле изградени и готската катедрала, која датира од 16 век и зградата на градското собрание во облик на потковица со столбови кои се поврзани со кружни сводови.

Прекрасна околина

Албарасин е прекрасно место и за оние што сакаат да уживаат во природата. Планинскиот венец околу него изобилува со најразлични екосистеми кои имаат богат растителен и животински свет. Многу извори и водопади ги красат планините обраснати со шума. А ако решите да кампувате, ќе можете да уживате во извонредната глетка што ја нуди ѕвезденото небо.

Во оваа област живеат неколку семејства кои се Јеховини сведоци. Прекрасната околина ги потсетува на библиското ветување дека под Божјето Царство послушните луѓе ќе живеат во рај што ќе се протега низ целиот свет. Тие се трудат оваа добра вест да им ја пренесат на своите соседи (Псалм 98:7-9; Матеј 24:14).

Секоја година, низ тесните улички на Албарасин поминуваат повеќе од 100.000 туристи. Ако некогаш дојдеш во Шпанија, зошто да не го посетиш ова посебно „орлово гнездо“ скриено во планините?

[Рамка/слики на страница 18]

УМЕТНИЧКИ РЕМЕК-ДЕЛА ОТКРИЕНИ ВО АЛБАРАСИН

Сребрен сад за лековито масло. Го нарачал маварскиот крал Абделмелик за својата сопруга Зар, име што на арапски значи „цвет“. На него со златни букви е изгравирана една реченица, која делумно гласи: „Вечен благослов... Божја помош и водство кон добрина и правда“. Овој сад се смета за еден од најубавите сребрени предмети на шпанско-арапската уметност.

Риба изгравирана во проѕирен кварц. Рибата е украсена со лушпи и има сребрена уста и златни перки. Вметнати се и бисери и рубини. Резбата е толку сложена што стручњаците велат дека еден занаетчија не би можел да ја доврши во текот на својот животен век.

[Извори на слики]

Сад: Museo de Teruel. Foto Jorge Escudero; кристал: Sta. Ma de Albarracín Foundation

[Карта на страница 16]

(Види во публикацијата)

ПОРТУГАЛИЈА

ШПАНИЈА

МАДРИД

Албарасин

[Слика на страница 17]

1 аквадукт

[Слики на страница 18]

2 сината куќа

3 куќата на Хулианета

4 железни решетки

[Извор на слика на страница 17]

© Ioseba Egibar/age fotostock