Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е погрешно да си ја смениш религијата?

Дали е погрешно да си ја смениш религијата?

Што вели Библијата

Дали е погрешно да си ја смениш религијата?

Кога Автар почнала да ја проучува Библијата, нејзините најблиски, кои по вероисповед биле Сики, многу се вознемириле. Таа вели: „Во мојата земја, општеството ги отфрла оние што си ја менуваат религијата. Дури и нашите имиња имаат религиозно значење. Ако некој си ја смени религијата, другите мислат дека се откажува од себеси и покажува презир кон семејството.“

ПОДОЦНА, Автар станала Јеховин сведок. Дали тоа што си ја сменила религијата било погрешно? Можеби и ти имаш ист став како нејзиното семејство и мислиш дека твојата религија е дел од твоите корени и култура, и дека не треба да се менува.

Почитта кон семејството е многу важна. Библијата вели: „Слушај го својот татко, својот родител“ (Изреки 23:22). Меѓутоа, уште поважно е да ја дознаеме вистината за нашиот Творец и за неговите намери (Исаија 55:6). Дали е можно вакво нешто? Ако да, колку ти е важно тебе лично да ја дознаеш оваа вистина?

Во потрага по религиозната вистина

Религиите во светот застапуваат противречни учења. Тогаш, логично е да заклучиме дека не можат сите да бидат точни. Според тоа, сигурно во светот има многу луѓе кои, како што вели Библијата, „ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“ (Римјаните 10:2). Во 1. Тимотеј 2:4, апостол Павле вели дека Бог сака „најразлични луѓе... добро да ја запознаат вистината“. Како можеме добро да ја запознаеме вистината?

Да разгледаме неколку причини зошто да ја истражуваме Библијата. Под водство на Божјиот дух, библискиот писател Павле рекол: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување“ (2. Тимотеј 3:16). Додека трагаш по вистината, испитај ги доказите што потврдуваат дека ова е точно. Самиот истражи ја нејзината неспоредлива мудрост и историска точност, и увери се лично дека пророштвата во неа навистина се исполниле.

Наместо да тврди дека сите религии се различни патишта до Бог, Библијата им кажува на своите читатели да не веруваат во сѐ што ќе чујат, туку да ‚испитаат дали таквите изјави потекнуваат од Бог‘ (1. Јованово 4:1). На пример, секое учење што навистина потекнува од Бог мора да биде во склад со неговите особини, од кои најголема е љубовта (1. Јованово 4:8).

Библијата нѐ уверува дека Бог навистина сака ‚да го најдеме‘ (Дела 17:26, 27). Со оглед на тоа што нашиот Творец сака да ја бараме вистината, не е погрешно да преземаме чекори во склад со она што ќе го дознаеме — дури и ако тоа значи да си ја смениме религијата. Но, како да се справиме со проблемите што можат да настанат поради тоа?

Урамнотежена лојалност кон семејството

Кога некој ќе ги смени своите верувања, можеби ќе одлучи повеќе да не учествува во некои верски обичаи или празници. Се разбира, ова може да доведе до судир во семејството. Исус признал дека ќе биде така кога на своите ученици им рекол: „Дојдов да раздвојам човек од неговиот татко, и ќерка од нејзината мајка, и снаа од нејзината свекрва“ (Матеј 10:35). Дали сакал да каже дека целта на библиските учења е да предизвика раздор? Не. Тој едноставно предвидел што ќе се случи ако другите членови на семејството се противат кога некој ќе заземе цврст став за сосема поинакви верувања од нивните.

Треба ли да се трудиме по секоја цена да избегнеме да дојде до ваква ситуација во семејството? Библијата вели дека децата треба да ги слушаат своите родители и дека жените треба да им бидат подложни на своите мажи (Ефешаните 5:22; 6:1). Меѓутоа, таа ги советува оние што го сакаат Бог, ‚да му се покоруваат нему, а не на луѓето‘ (Дела 5:29). Тоа значи дека, ако сакаме да му останеме верни на Бог, понекогаш ќе мораме да донесеме одлука што нема да им се допадне на некои членови од семејството.

Иако Библијата прави јасна разлика меѓу вистинските и лажните учења, Бог секому му дава слобода на избор (5. Мојсеева 30:19, 20). Никој не треба да биде ставен под притисок да прифати нечија религија против своја волја ниту, пак, да биде присилен да бира помеѓу своите верувања и своето семејството. Дали проучувањето на Библијата ги растура семејствата? Не. Напротив, Библијата ги поттикнува брачните партнери со различни верски убедувања да останат во брак (1. Коринќаните 7:12, 13).

Како да се совлада стравот

Можеби се плашиш што ќе речат другите ако ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци. Марјама вели: „Моето семејство не ми дозволуваше да ја проучувам Библијата бидејќи се плашеше дека поради тоа нема да најдам добар сопруг што ќе се грижи за мене“. Сепак, таа покажала доверба во Јехова Бог и продолжила да проучува (Псалм 37:3, 4). И ти можеш да го сториш истото. Наместо да се плашиш од последиците, размислувај за благословите. Библиската порака им помага на луѓето да водат подобар живот и да имаат поубави особини. Тие учат да покажуваат несебична љубов кон семејството. Полесно им е да ги отфрлат лошите навики, како што се вербалното и физичкото насилство, и злоупотребата на алкохол и дрога (2. Коринќаните 7:1). Библијата ги поттикнува да развиваат убави особини, како што се лојалноста, чесноста и трудољубивоста (Изреки 31:10-31; Ефешаните 4:24, 28). Ако ја проучуваш Библијата, и самиот ќе се увериш колку се корисни нејзините учења.

ШТО МИСЛИШ?

◼ Зошто треба да ги преиспиташ своите верски убедувања? (Изреки 23:23; 1. Тимотеј 2:3, 4)

◼ Како ќе ги препознаеш вистинските учења? (2. Тимотеј 3:16; 1. Јованово 4:1)

◼ Треба ли противењето од семејството да те спречи да ја проучуваш Библијата? (Дела 5:29)

[Истакната мисла на страница 29]

Библиската порака им помага на луѓето да водат подобар живот и да имаат поубави особини

[Слика на страница 29]

Марјама со својот сопруг