Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

◼ Една школка извадена од дното на Северноатлантскиот Океан се смета за „најстарото животно кое било откриено досега“. Според бројот на слоеви во нејзиниот оклоп, научниците утврдија дека школката е стара 405 години (SUNDAY TIMES, БРИТАНИЈА).

◼ „Економската криза влијае дури и врз најбогатите. Ако не верувате, прашајте ги нивните психолози“ (THE NEW YORK TIMES, САД).

Телевизијата влијае врз ставот кон сексот

„Сѐ повеќе докази укажуваат на тоа дека ТВ-програмите со сексуални содржини влијаат врз ставот на младите кон сексот, како и врз нивното сексуално однесување“, се вели во списанието Pediatrics. Според едно истражување, кај тинејџерите што редовно се изложуваат на вакви програми „стапката на забременување е двојно поголема“ отколку кај оние што ретко гледаат таков материјал. Едно можно објаснување е дека телевизијата ги наведува младите на заклучок дека нема речиси никакви последици од сексуалната активност, бидејќи бременоста и сексуално преносливите болести не ги прикажува доволно реалистично. Се разбира, телевизијата е само еден медиум што влијае на ваков начин врз тинејџерите. Истражувањата покажуваат дека треба да се внимава и на списанијата, Интернетот и музиката.

Нови случаи на лепра

Три илјади лица во САД се лекуваат од лепра. Секоја година се откриваат околу 150 нови случаи. Многу од заболените се од други земји. Меѓутоа, според Државната програма за превенција од лепра, со седиште во Батон Руж (Луизијана), „во јужна Луизијана и на територијата околу Мексиканскиот Залив во Тексас годишно се евидентираат околу 30 нови случаи меѓу лица кои се родени во САД и никогаш не биле во земја каде што лепрата е вообичаена“, известува Американското здружение за хигиена и тропска медицина. Истражувачите сѐ уште не можат целосно да сфатат како се пренесува оваа болест. Доколку се открие доволно рано, лепрата може целосно да се излекува. Меѓутоа, ако болеста е во напреден стадиум, оштетувањето на нервите е трајно.

Кражба на радиоактивен материјал

„Веројатноста терористите да дојдат до нуклеарен или друг радиоактивен материјал и понатаму претставува сериозна закана“, вели Мухамед Елбарадеј, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија. „Алармантен е бројот на кражби и случаи на исчезнат радиоактивен материјал кои се пријавени во агенцијата — речиси 250 само во првата половина од 2008 год. Подеднакво загрижувачки е и фактот дека голем дел од овој материјал сѐ уште не е пронајден.“ Не се знае дали ова се должи на зголемената побарувачка за радиоактивен материјал или на тоа што земјите-членки доставуваат поточни податоци за неговото исчезнување.

Во Израел се пронајдени древни записи

Археолозите од Израел открија древен текст, кој по сѐ изгледа е 1.000 години постар од свитоците од Мртвото Море. Овој документ се состои од текст во пет реда напишан со мастило врз парче од грнчарија, а бил откриен во една јудејска тврдина кај Кирбет Кајафа (Израел), која датира од 10 век пр.н.е. Сѐ уште не е протолкувано значењето на текстот, но изгледа дека станува збор за правен документ кој го составил образован записничар и кој го содржи „коренот на зборовите ‚судија‘, ‚роб‘ и ‚цар‘“, стои во едно соопштение за печатот од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

[Извор на слика на страница 30]

Gabi Laron/Institute of Archaeology/Hebrew University © Yosef Garfinkel