Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Води едноставен и урамнотежен живот

Води едноставен и урамнотежен живот

Води едноставен и урамнотежен живот

ЕДНОСТАВНИОТ и урамнотежен начин на живот носи многу користи. Но, што ќе ти помогне да живееш на таков начин? Како прво, расчисти што ти е најважно во животот. Како да го направиш тоа?

Прашај се: ‚Што успеав да постигнам досега? Што уште сакам да постигнам?‘ Напиши ги главните цели овде:

1. ․․․․․

2. ․․․․․

3. ․․․․․

Многу луѓе денес имаат кусогледо, материјалистичко гледиште за животот. Нивното мото е: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32). Тие веруваат дека денешниот тренд да работиш само за да купуваш е најдобриот начин на живот. Меѓутоа, Библијата нѐ поттикнува да имаме поинаков став.

Во една своја споредба, Исус раскажал за некој човек кој собирал богатство, но умрел пред да може да ужива во него. „Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:16-21). Дали човекот згрешил што напорно работел за да ги задоволи своите потреби? Сигурно дека не. Проблемот бил што материјалното му било најважното нешто во животот. Не го вклучил Бог во своите планови. Долгорочно гледано, сето негово богатство, сето она за што работел, не му било од никаква корист. Колку трагично! (Проповедник 2:17-21; Матеј 16:26).

За разлика од тоа, Исус нѐ повикува да работиме за да добиеме вечна награда. Тој го дал следниов поттик: „Немојте да работите за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот“ (Јован 6:27). Претходно, во една друга прилика, тој рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Колку прекрасна награда!

Како да се справиш со грижите

Исус бил свесен дека луѓето имаат склоност да се преоптоваруваат со грижата за материјалните работи. Затоа, на своите ученици им рекол: „Не барајте што ќе јадете и што ќе пиете, и не бидете загрижени! Зашто, со сето ова се зафатени незнабошците од овој свет, но вашиот Татко знае дека сето тоа ви е потребно. Туку барајте го неговото царство, а ова ќе ви се додаде!“ (Лука 12:29-31).

Овие уверливи зборови поттикнале безброј христијани да си го поедностават животот. Џулиет, која живее во Малезија, раскажува: „Работата ме исцрпуваше и физички и психички. Затоа, со сопругот го молевме Јехова да ни помогне да си го поедноставиме животот. Тој брзо ни одговори на молитвата. За само еден месец ми беше понудена работа со пократко работно време, како учителка на хендикепирани деца“. Стив, сопственик на фирма за поставување покриви во Австралија, направил промени во својата работа за да поминува повеќе време во духовни активности заедно со семејството. Неговата сопруга, Морин, вели: „Сега е многу посреќен, а исто и ние. Убаво им е на децата, убаво ми е мене. Едноставниот живот е она што ти го прави семејството среќно“.

Меѓутоа, ако си останал без работа, а може да останеш и без покрив над главата, потребна е голема вера за да го послушаш советот од Исус. Сепак, ако духовните работи ги ставаш на прво место и имаш доверба во Бог, и ти ќе можеш да водиш едноставен и урамнотежен живот. Тоа ќе ти помогне на крај да го освоиш „вистинскиот живот“ — вечниот живот во Божјиот нов праведен свет, каде што работата ќе ни причинува вистинско задоволство и трудот нема да биде залуден (1. Тимотеј 6:17-19; Исаија 65:21-23).

Би сакал ли да дознаеш повеќе за овој „вистински живот“ што ни го ветува Библијата? Тогаш можеш да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или да пишеш на најблиската адреса наведена на 5. страница во ова списание.

[Истакната мисла на страница 9]

Во Божјиот нов свет работата ќе ни причинува вистинско задоволство и нема да биде залудна

[Рамка на страница 8]

Како да заработиш надвор од дома

Следниве предлози можат да бидат практични во некои земји со висока стапка на невработеност:

● Чување куќи (кога луѓето се на службено патување или на одмор и сакаат некој да им ја надгледува куќата)

● Чистење: продавници; канцеларии; куќи и станови редовно или после градба, после пожар и откако претходните станари ќе се иселат; вршење куќни работи; бришење прозорци и излози

● Поправки: велосипеди; апарати

● Мајсторски услуги: фасадирање куќи; изработка на ормари, врати и тремови; фарбање; поставување огради и покриви

● Земјоделска работа: сеење, садење, берење, жнеење

● Одржување насади во затворен простор: канцеларии, банки, фоајеа, трговски центри и предворја

● Надгледување на станбени згради: чувар, домар (понекогаш вклучува и бесплатно сместување)

● Поставување теписи и ламинатни подови, чистење

● Разнесување весници и друг вид достава: рекламни летоци, сметки за општината

● Изнајмување простор за складирање при селидба

● Уредување на јавни зелени површини, кроење и сечење дрвја, одржување тревници

● Возење училишен автобус

● Фотографирање (личности и јавни настани)

● Продавање мамки за риболов

● Трампање: поправка на автомобил за електричарски услуги, шиење за водоинсталатерски поправки

Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во Разбудете се! од 8 јуни 1996, страници 3-11.

[Рамка/слика на страница 9]

Како да заработиш од дома

Провери какви потреби има во соседството. Прашај ги соседите. Преземи иницијатива.

● Чување деца

● Продавање овошје, зеленчук, цвеќе, домашни сокови

● Шиење, преправање и крпење облека

● Работа која се плаќа на парче

● Производство и продажба на пекарски производи; готвење

● Ватирање, плетење (обично и со ченгелата); правење макраме, грнчарија

● Тапацирање

● Книговодство, дактилографија, компјутерски услуги

● Услуги што вклучуваат одговарање на повици

● Фризерски услуги

● Издавање станбен простор

● Адресирање и подготовка на рекламна пошта.

● Миење и полирање возила (муштеријата ти го носи возилото дома)

● Чување и шетање на домашни миленичиња

● Поправка на брави и изработка на клучеви (домашна работилница)

Белешка: понудата на некои услуги може бесплатно или по ниска цена да се објави во огласник или на огласна табла