Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто момчињата не ме сакаат?

Зошто момчињата не ме сакаат?

Младите прашуваат

Зошто момчињата не ме сакаат?

Му реков дека на другите момчиња им се допаѓам, па сега мисли дека сум омилена девојка. Се смееше кога му раскажував колку прости се некои мои другарки. Сега знае и дека сум интелигентна — го исправив за неколку работи. Сигурно ќе ме покани да излеземе.

Убава е, ама многу површна! Не можам да дојдам до збор од неа! А кога ќе успеам нешто да кажам, веднаш ме исправа. Се чудам како ќе ја избегнам следниот пат!?

ТЕ МАЧИ ЛИ мислата дека момчињата не те сакаат? Многу девојки го имаат овој проблем — дури и оние за кои не би ни помислила такво нешто! Да ја земеме за пример Џоана. Иако е убава, интелигентна и речовита, таа вели: „Честопати имам чувство дека не им се допаѓам на момчињата. Неколку момчиња што ми беа симпатични покажаа отпрвин дека се заинтересирани за мене, но потоа се однесуваа како да не постојам!“

Што им се допаѓа, а што не им се допаѓа на момчињата кај една девојка? Како да му го свртиш вниманието на некој добар дечко без да се понижуваш?

Што треба да правиш

Запознај се себеси. Најверојатно, набрзо откако си влегла во пубертет, момчињата почнале сѐ повеќе да те привлекуваат. Можеби ти се допаѓале неколку момчиња, што е сосема нормално. Но, ако емотивно се врзеш за првиот што ќе ти се допадне, тоа може да го попречи твојот емоционален и духовен развој. Треба да помине одредено време за да стекнеш убави особини, ‚да го обновиш својот ум‘ во некои важни работи и да постигнеш некои свои цели (Римјаните 12:2; 1. Коринќаните 7:36; Колошаните 3:9, 10).

Се разбира, има момчиња на кои им се допаѓаат девојки што сѐ уште немаат цврсти ставови или што се наивни. Но, нив првенствено ги интересира телото, а не личноста. Факт е дека еден урамнотежен млад човек ќе си бара девојка со убави особини што ќе ги надополнат неговите јаки страни (Матеј 19:6).

Што велат момчињата: „Ми се допаѓа девојка која има свое мислење и свое јас“ (Џејмс).

„Ми се допаѓа девојка која умее да разговара чесно и со почит, но која нема да се согласува со сѐ што ќе кажам. Дури и да е убава, не ми е пријатно ако постојано ми го кажува она што сакам да го чујам. Тоа ме плаши!“ (Дарен).

„Морам да признаам дека ми се допаѓаат убави девојки. Но, кога ќе сфатам дека една девојка нема јасни и вредни цели, го губам интересот. Од друга страна, ако девојката знае што сака да постигне во животот — особено ако веќе успеала да исполни некои цели — тоа ја прави многу привлечна“ (Дамјан).

Научи да покажуваш почит. Колку што ти имаш потреба од љубов толку момчињата имаат потреба од почит. Не е случајно тоа што Библијата вели дека мажот треба да ја сака својата жена, а жената „длабоко да го почитува“ својот маж (Ефешаните 5:33). Во прилог на тоа зборува една анкета во која учествувале стотици млади мажи. Над 60 отсто од испитаниците рекле дека повеќе ја ценат почитта отколку љубовта. Над 70 отсто од постарите мажи кои биле анкетирани го дале истиот одговор.

Да почитуваш некого не значи дека не смееш да имаш и да изразиш поинакво мислење (1. Мојсеева 21:10-12). Но, од начинот на кој го изразуваш своето мислење ќе зависи дали ќе му се допаднеш на еден дечко или ќе му бидеш одбивна. Ако постојано му противречиш или го исправаш за сѐ што ќе каже, може да помисли дека не го почитуваш. Но, ако имаш разбирање за неговото гледиште и го пофалиш за нешто, поголема е веројатноста дека и тој ќе го прифати и ќе го цени твоето мислење. Се разбира, еден прониклив млад човек ќе забележи дали постапуваш со почит и кон домашните и кон другите. *

Што велат момчињата: „На машките им значи кога некој го цени нивното мислење, особено ако тоа е девојката што им се допаѓа“ (Ентони).

„Мислам дека почитта е најважната работа на почетокот од една врска. Љубовта ќе си дојде сама од себе“ (Адријан).

„Ако една девојка може да ме почитува, тогаш сум сигурен и дека ќе може да ме сака“ (Марк).

Облекувај се скромно и обрни внимание на личната хигиена. Облеката и дотерувањето би можеле да се споредат со звучници кои ги пренесуваат твоите мисли и ставови. Уште пред да му прозбориш на некое момче, твојата облека веќе му кажала многу за тебе. Ако е пристојна и скромна, ќе пренесе позитивна порака (1. Тимотеј 2:9). Но, ако е провокативна или премногу лежерна, пораката е јасна, гласна — и негативна!

Што велат момчињата: „Мерилото што го има една девојка во врска со облекувањето открива многу за нејзиниот став кон животот. Ако носи провокативна и претерано лежерна облека, тоа ми кажува дека копнее по внимание“ (Адријан).

„Ми се допаѓа девојка која води сметка за својата коса, убаво мириса и пријатно зборува. Една убава девојка многу ми се допаѓаше, но нејзината лоша хигиена му стави крај на мојот интерес“ (Рајан).

„Многу ми се допаѓа девојка која не сака да трупа шминка и да носи тесна или провокативна облека само за да привлече внимание“ (Итан).

„Се разбира, провокативно облечена девојка има во себе некаква привлечност. Но, со таква девојка не би сакал да започнам врска“ (Николас).

Што не треба да правиш

Не флертувај. Жените можат силно да влијаат врз мажите. Ваквата привлечна сила може да се искористи на добар и на лош начин (1. Мојсеева 29:17, 18; Изреки 7:6-23). Ако испробуваш каква моќ имаш над секој дечко што ќе го сретнеш, најверојатно ќе станеш позната како девојка што флертува.

Што велат момчињата: „Доволно е една привлечна девојка да седне блиску до некој дечко и повремено да го допре со рамото за да му ги разбуди чувствата и да го привлече неговиот интерес. Затоа, мислам дека ако една девојка честопати те допира додека зборува со тебе, таа флертува“ (Николас).

„Ако една девојка често наоѓа начин да го допре секој дечко што ќе го запознае или ако погледот ѝ шета по секое машко што ќе помине покрај неа, мислам дека флертува, а тоа ми е одбивно“ (Хозе).

„Според мене, една девојка флертува ако го допира секое момче што ќе го сретне и ако брзо го префрла фокусот на оној што ѝ обрнува најголемо внимание“ (Итан).

Не биди посесивна. Библијата вели дека, кога маж и жена ќе стапат во брак, тие стануваат „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Во таа фаза од нивната врска, и мажот и жената се откажуваат од слободата што ја имале како самци и стануваат приврзани еден кон друг (1. Коринќаните 7:32-34). Меѓутоа, ако со некој дечко си почнала да излегуваш од неодамна, немаш право од него да ја очекуваш истата одговорност, ниту, пак, тој од тебе. Ако пребрзо бараш да ти посветува внимание само тебе, ти го рушиш вашето пријателство. *

Што велат момчињата: „За мене, една девојка е премногу посесивна ако постојано сака да знае каде сум и ако изгледа дека не знае што да прави кога не е со мене“ (Дарен).

„Ако некоја девојка што скоро сум ја запознал постојано ми праќа пораки по мобилен за да ме праша со кого сум, а посебно ако настојува да дознае кои девојки се во друштвото, тоа ми дава знак на предупредување“ (Рајан).

„Една девојка што не ти дава можност да се дружиш со другарите и се нервира ако си излегол некаде без неа е несамостојна и, затоа, одбивна“ (Адријан).

Имај самопочит

Веројатно познаваш девојки што би сториле сѐ за добијат внимание и одобрување од некое момче. Други можеби ги спуштаат своите мерила за да си фатат дечко, па дури и за да се омажат. Меѓутоа, начелото дека ‚ќе го жнееш она што го сееш‘ важи и на ова поле (Галатите 6:7-9). Ако немаш почит кон себеси и кон мерилата според кои се трудиш да живееш, најверојатно кон тебе ќе бидат привлечени само момчиња што не те ценат ни тебе ни твоите мерила.

Се разбира, не е можно да им се допаѓаш на сите момчиња, што само по себе и не е лошо! Но, ако водиш сметка, не само за твојата надворешна туку и за твојата внатрешна убавина, ќе бидеш ‚драгоцена во Божји очи‘ и ќе му се допаднеш на момче какво што навистина заслужуваш (1. Петрово 3:4).

[Фусноти]

^ Се разбира, откако две лица ќе се верат, имаат поголема одговорност еден кон друг.

РАЗМИСЛИ

● Како ќе покажеш почит кон мислењето и чувствата на едно момче?

● Како ќе покажеш дека имаш самопочит?

[Слика на страница 27]

Љубовта и почитта се како двете тркала кај велосипедите — потребни се и двете