Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Младите прашуваат

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Алисон, * тинејџерка од Австралија, не ги сака понеделниците затоа што на училиште секој понеделник е иста песна.

„Сите раскажуваат како си поминале за викенд“, вели таа. „Изгледа дека лудо се забавувале — кажуваат на колку журки биле и со кого сѐ се бакнале, па дури и дека бегале од полицијата... Звучи страшно, ама и забавно! Се прибираат дома во пет наутро, а нивните родители мирно си спијат. А јас морам да си легнам уште пред тие да излезат!

Како и да е, откако ќе раскажат колку бурен им бил викендот, ме прашуваат што правев јас. И што да им кажам? Бев на христијански состаноци и во служба? Мислам дека навистина пропуштам добра забава. Затоа, обично им одговарам дека ништо не правев. Тогаш ме прашуваат зошто не сум излегла со нив.

Штом ќе помине понеделник, си мислиш: ‚Од утре ќе биде полесно‘. Но, не е. Во вторник, сите веќе зборуваат за викендот пред нас! Јас обично само седам и ги слушам. Се чувствувам како аутсајдер!“

ДАЛИ и ти си поминуваш вака во понеделник? Можеби имаш чувство дека родителите да не ти даваат да мрднеш од дома, а надвор има толку можности за забава. Тоа е исто како да си во луна-парк, а да не ти е дозволено да се возиш на ништо. Не дека сакаш да правиш сѐ што прават другите. Само сакаш да се издуваш малку понекогаш! На пример, што би сакал ти да правиш овој викенд? Да одиш...

◯ во диско

◯ на концерт

◯ на журка

◯ да гледаш филм

◯ друго ․․․․․

Факт е дека ти е потребна разонода (Проповедник 3:1, 4). Всушност, твојот Творец сака да му се радуваш на животот и на својата младост (Проповедник 11:9). И, иако на моменти можеби не ти се верува, но и твоите родители сакаат да се забавуваш. Сепак, има две работи за кои веројатно ќе бидат оправдано загрижени: 1) што ќе правиш и 2) со кого ќе бидеш.

Тогаш, што ќе правиш ако пријателите те викнат да излезеш, ама не си сигурен како ќе реагираат твоите родители? Кога треба да донесеш одлука, Библијата те поттикнува да ги разгледаш можните опции, и добрите и лошите, и да размислиш какви ќе бидат резултатите (5. Мојсеева 32:29; Изреки 7:6-23). Кои опции ги имаш во овој случај?

ОПЦИЈА А: НЕМА ДА ПРАШАМ, НО ЌЕ ОДАМ.

Зошто би се решил на оваа опција: Сакаш да се покажеш пред другарите колку си независен. Сметаш дека знаеш повеќе од родителите или не го цениш многу нивното мислење (Изреки 15:5).

Резултат: Твоите пријатели ќе дознаат нешто за тебе — дека си спремен да мамиш. Ако ги мамиш родителите, може да им го направиш тоа и ним. Ако твоите родители дознаат, ќе бидат повредени и ќе се чувствуваат изневерени, а најверојатно и ќе те казнат да не излегуваш некое време! Значи оваа опција — да не ги послушаш родителите и да излезеш — не е баш паметна (Изреки 12:15).

ОПЦИЈА Б: НЕМА ДА ПРАШАМ, НЕМА НИ ДА ОДАМ.

Зошто би се решил на оваа опција: Размислуваш и заклучуваш дека она што ќе се прави не е во склад со твоите принципи или дека некои од поканетите не се добро друштво (1. Коринќаните 15:33; Филипјаните 4:8). Од друга страна, можеби сакаш да одиш, но немаш храброст да ги прашаш родителите.

Резултат: Ако не одиш затоа што знаеш дека тоа е лоша идеја, ќе можеш сосема мирно да ги одбиеш пријателите. Но, ако не одиш само затоа што немаш храброст да ги прашаш родителите, на крајот може да останеш дома скиснат, со чувство дека сите, освен тебе, се забавуваат.

ОПЦИЈА В: ЌЕ ПРАШАМ И ЌЕ ВИДАМ ШТО ЌЕ БИДЕ.

Зошто би се решил на оваа опција: Го почитуваш авторитетот и мислењето на твоите родители (Колошаните 3:20). Ги сакаш и не сакаш да ги повредиш со тоа што скришум ќе излезеш со пријателите (Изреки 10:1). Исто така, имаш можност да ги изнесеш своите аргументи.

Резултат: Твоите родители гледаат дека ги сакаш и ги почитуваш. Освен тоа, ако видат дека твоето барање е разумно, може да те пуштат.

Зошто родителите може да не те пуштат

Но, што ако родителите не те пуштат? Сигурно нема да ти е сеедно. Сепак, полесно ќе ти биде ако разбереш зошто не те пуштаат. На пример, тоа би можело да биде поради некоја од овие причини.

Имаат поголемо знаење и искуство. Ако треба да бираш, веројатно би одбрал да пливаш на плажа на која има спасувачи. Зошто? Затоа што додека се разладуваш во водата, не си свесен за сите опасности. Но, спасувачите подобро ги гледаат работите и можат да ги забележат опасностите.

Слично на тоа, твоите родители, кои имаат поголемо знаење и искуство, се свесни за опасностите што ти не ги гледаш. Исто како спасувачите на плажа, твоите родители не сакаат да не се забавуваш туку сакаат да ти помогнат да ги избегнеш опасностите што можат да ти ја одземат радоста во животот.

Те сакаат. Твоите родители имаат силна желба да те заштитат. Љубовта ги мотивира да ти речат ‚да‘ секогаш кога може и ‚не‘ кога мора. Кога бараш од нив дозвола за нешто, најпрво размислуваат дали можат да ти го одобрат тоа и да живеат со последиците од својата одлука. Ќе бидат мирни и ќе те пуштат да го направиш она што го бараш само ако се уверени дека нема да ти се случи ништо лошо.

Немаат доволно информации. Од љубов, понекогаш родителите се претерано претпазливи. Ако не разбираат што бараш од нив, или ако мислат дека изоставаш важни факти, најверојатно ќе речат ‚не‘.

Што ќе ти помогне да ти дозволат нешто

Ќе ти помогнат следниве четири работи:

Искреност: Прво, треба искрено да се прашаш: ‚Зошто сакам да одам таму? Дали првенствено затоа што многу го сакам она што ќе се прави или чисто за да се вклопам во друштвото? Дали затоа што таму ќе биде некој што ми се допаѓа?‘ Потоа биди искрен со родителите. И тие биле млади, а и добро те познаваат, што значи дека и онака веројатно ќе сфатат кои се твоите вистински мотиви. Ќе ја ценат твојата искреност, а тебе ќе ти користи нивната мудрост (Изреки 7:1, 2). Но, ако не си искрен, си ја поткопуваш довербата и има помали шанси да те пуштат.

Добар тајминг: Немој да ги засипеш своите родители со барања веднаш штом ќе си дојдат од работа или кога се зафатени со нешто. Започни разговор кога се поопуштени. Но, немој да чекаш до последен момент и да бараш веднаш да ти одговорат. На твоите родители нема да им се допадне да ги тераш набрзина да одлучат нешто. Ако ги прашаш навреме, ќе го ценат тоа што си мислел на нив.

Содржина: Не испуштај детали. Објасни што точно сакаш да правиш. На родителите обично не им е баш мило да слушнат: „Не знам“, особено кога ќе те прашаат: „Кој друг ќе биде таму?“ „Ќе има ли и некој возрасен што ќе биде одговорен?“ или „Кога ќе се вратиш?“

Став: Не гледај на твоите родители како на непријатели. Сметај ги за дел од твојот тим бидејќи, на крајот на краиштата, тие и се во твојот тим. Ако сметаш дека се на твоја страна, нема да звучиш како да си спремен за кавга и поголема е веројатноста дека ќе соработуваат. Ако за нешто ти кажат ‚не‘, со почит прашај зошто. На пример, ако не те пуштаат на концерт, обиди се да сфатиш што ги загрижува. Дали се работи за изведувачот? За местото каде што ќе се одржи концертот? За луѓето со кои ќе одиш? За цената на влезницата? Гледај да не користиш фрази како: „Вие немате доверба во мене“, „Сите други ќе одат“ или „Родителите на тој и тој го пуштаат!“ Покажи им на родителите дека си доволно зрел да ја прифатиш нивната одлука и да ја почитуваш. Тогаш и тие ќе те почитуваат тебе. А следниот пат кога ќе побараш нешто, можеби ќе бидат поспремни да ти одобрат.

[Фуснота]

^ пас. 3 Името е сменето.

[Рамка/слика на страница 11]

„Родителите имаат доверба во мене, главно затоа што досега секогаш сум била одговорна. Отворено зборувам со нив за моите пријатели. Освен тоа, не се плашам да си отидам дома ако не ми е пријатно она што се прави на некоја забава“

[Слика]

Кимберли

[Рамка на страница 12]

ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?

Сакаш ли да знаеш што мислат твоите родители за работите што беа спомнати во оваа статија? Единствен начин да дознаеш е да ги прашаш! Во погоден момент, прашај ги зошто се толку загрижени поради тоа што сакаш да се забавуваш. Напиши како би ги прашал.

․․․․․

[Слика на страница 12]

Како спасувачите на плажа, твоите родители подобро ги гледаат работите и можат да те предупредат на потенцијалните опасности