Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Историски момент во Малави — 1.000 Сали на Царството!

Историски момент во Малави — 1.000 Сали на Царството!

Историски момент во Малави — 1.000 Сали на Царството!

„СИ МИСЛЕВ дека такво нешто никогаш нема да се случи во Малави“, рекол Аугустин за изградбата на огромен број Сали на Царството — места каде што Јеховините сведоци го слават Бог. Во 1993 год., во Малави, мала држава во југоисточна Африка, имаше 30.000 Сведоци. Но, тие немаа соодветни места каде што би можеле да се состануваат и да ја проучуваат Библијата.

Меѓутоа, сега работите стојат многу поинаку. Во Блантир, во септември 2010 год., Сведоците во Малави завршија со изградбата на својата илјадита Сала на Царството! * Зошто бројот на Сведоците во таа земја достигна 30.000 уште пред да почнат да градат верски објекти? Како успеаја да изградат 1.000 сали за релативно краток период во земја со ограничени средства? Какво влијание имаше оваа извонредна програма за изградба врз Сведоците и врз луѓето во нивната средина?

Тешки времиња

На почетокот на 20 век, Јеховините сведоци, во тоа време познати како Истражувачи на Библијата, почнаа да ја шират во Малави вистината од Библијата. До 1967 год., во земјата имаше околу 17.000 Сведоци. Исто како христијаните во првиот век, тие беа познати како луѓе што ги почитуваат законот и државните органи. По примерот на првите христијани, и тие останаа потполно неутрални во поглед на политиката (Јован 18:36; Дела 5:29).

За жал, до средината на 1960-тите, поради нивниот цврст став кој се темели на Библијата, Сведоците дојдоа во судир со власта и, во 1967 год., нивното дело беше забрането. Набрзо потоа, многу Сведоци без причина беа отпуштени од работа и незаконски им беше конфискуван или уништен имотот. Поради жестокото прогонство и стравот од можен геноцид, илјадници Сведоци пребегнаа во соседните земји Мозамбик и Замбија.

Но, со текот на времето, ситуацијата почна да се подобрува за Јеховините сведоци во Малави, и голем број од нив се вратија во почетокот на 1990-тите. Колку многу се радуваа кога на 12 август 1993 год., по 26 години беше укината забраната на нивното дело! Но, тогаш се појави нов проблем. Сведоците броеја повеќе од 30.000, поделени во 583 собранија, а немаа соодветни места за своите состаноци. Што можеа да направат?

Љубов на дело!

Пофално е тоа што во следните шест години откако беше укината забраната, Сведоците од Малави изградија Сали на Царството иако имаа ограничени средства. Но, тоа не беше лесна задача бидејќи, годишно, бројот на Сведоци растеше многу побрзо од бројот на новите сали. Како го решија овој проблем? Така што го применија библиското начело од 2. Коринќаните 8:14. Со „изедначување“ на вишокот средства во други земји може да се ‚покрие немаштијата‘ во земји како што е Малави. Со таа цел, во 1999 год., Водечкото тело на Јеховините сведоци започна една посебна програма со која се градат Сали на Царството во земји со ограничени средства. Оваа љубезна помош овозможи Сведоците во Малави значително да ја забрзаат изградбата на Сали на Царството. *

Пред тоа, собранијата во Малави ги одржуваа своите состаноци во училници, во привремени засолништа, па дури и под дрво. Сега, 1.230-те собранија се собираат да го слават Бог и да примаат библиска поука во соодветни места каде што луѓето може да го запознаат вистинскиот Бог. Како што најверојатно можеш да претпоставиш, Сведоците во Малави, кои ги има повеќе од 75.000, длабоко ја ценат поддршката на нивните духовни браќа и сестри од целиот свет.

Друга работа што им помогна на Сведоците да изградат толку многу верски објекти за толку кратко време беше нивната желба за скромни и практични сали. Не бараа луксуз. Тие сакаа едноставни, достоинствени места што ќе му носат слава на Бог и во кои ќе имаат услови да ја проучуваат Библијата и да зборуваат за неа.

Од полза за средината

Претходно, Јеховините сведоци во Малави беа исмејувани како религија без верски објекти. Поради тоа, некои Сведоци понекогаш се срамеа да ги канат заинтересираните на состаноци. Замисли како се чувствуваа кога имаа своја пристојна Сала на Царството. Со радост ги канеа соседите и заинтересираните на христијанските состаноци. Во една област, на состанок во една нова Сала на Царството дојдоа дури 698 лица!

Многу Сведоци и други луѓе рекоа дека не им било ни на крај памет дека ќе имаат толку убава и цврста сала во нивниот крај. Аугустин, спомнат на почетокот, се сеќава како едно собрание одржувало состаноци под дрво. „За време на сушната сезона беше многу пријатно“, вели Аугустин. „Но, кога ќе почнеа дождовите — тешко нам!“ Ако некогаш те фатил силен тропски дожд, сигурно ти е јасно за што зборува Аугустин.

Аугустин раскажува што се случило кога еднаш отишол во собранието Чимванџе. „Состанокот се одржуваше под мала стреа од дрвени колци и сламен покрив“, вели тој. „Но, немавме поим дека на сламениот покрив се населил еден огромен, отровен пајак. Одненадеж, додека уште го држев говорот, се спушти и ми застана до стапалото! Чув како еден преплашен човек од публиката извика: ‚Смачкај го, Аугустин, смачкај го!‘ И очигледно го смачкав, зашто, еве, уште сум жив!“ Сега, тоа собрание има нова Сала на Царството во која нема такви непријатни средби.

„Бисер што ја краси околината“

Откако почна програмата за изградба на Сали на Царството, Јеховините сведоци ги стекнаа почитта и восхитот од околината и од локалните поглавари, како што покажуваат и следниве коментари:

✔ „Изградбата на нов верски објект, како и љубовта и единството меѓу Јеховините сведоци се бисер што ја краси околината и мислам дека другите цркви би требало да учат од нивниот пример“ (поглаварот на Чабвензи).

✔ „Она што најмногу ми се допаѓа кај Сведоците е нивното единство. Нашата црква почнавме да ја градиме пред десет години, и сѐ уште ја градиме — а прашање е дали и ќе ја доградиме. Би сакал да ви се заблагодарам што направивте толку убав објект во нашето место“ (селскиот поглавар на Чигвенембе).

✔ „Милина е човек да ве гледа како работите. Толку сте брзи и уредни! Мора да сте многу сложни“ (поглавицата на Чиузира).

Програмата за изградба на Сали на Царството не помина незабележано и од уредниците на Чичева/чињања-англискиот речник, во кој за Сведоците се вели: „Јеховините сведоци изградија многу [Сали на Царството]“.

„Оваа Сала на Царството е вистинско чудо“

На 30 јануари 2011 год., во градот Блантир, спомнат погоре, беше свечено отворена новата Сала на Царството на собранието Манјове — илјадитата сала во Малави. „Тоа што ја добивме оваа Сала на Царството е вистинско чудо“, рече еден член на собранието. „Нашиот сон стана јаве.“

„Не пропуштив ниту еден ден додека се градеше салата“, раскажува една млада девојка од собранието Манјове. „Многу сум среќна што можев да помогнам во нашиот крај да се изгради соодветно место каде што ќе се слави Бог.“

„Не беше лесно да добиеме дозвола за градба на салата од локалните власти“, рече еден од старешините на собранието. „Неколкупати градската управа одби да ги потпише потребните дозволи. Меѓутоа, г-ѓа Линес Чикаонека, локална влијателна личност, се зазеде за нас и успеа да ги убеди властите да ги потпишат дозволите.“

Еден ден, г-ѓа Чикаонека отиде заедно со еден старешина да земе една од дозволите. „Сакам Сведоците да ја изградат својата Сала на Царството во моето село“, му рече таа на одговорниот службеник. „Тие се добри луѓе. Никогаш сме немале проблеми со нив.“ Службеникот тогаш ги потпиша дозволите.

Г-ѓа Чикаонека беше многу возбудена по свеченото отворање на Салата на Царството. Таа рече: „Многу сум среќна и горда што оваа прекрасна сала е во моето село!“

Во Малави, Јеховините сведоци и другите луѓе се многу благодарни што постои ваква програма за изградба на Сали на Царството. Поради самопожртвуваноста и трудољубивоста на Јеховините сведоци во оваа земја нема уште многу места каде што треба да се градат Сали на Царството, како што беше случај во 1993 год. Вистина е дека тие и понатаму ќе треба да градат уште сали затоа што луѓето ја прифаќаат ‚добрата вест за Божјето царство‘ и се формираат нови собранија (Матеј 24:14). Сведоците длабоко ја ценат поддршката и дарежливоста на своите соверници од целиот свет. *

Но, пред сѐ, Сведоците му се неизмерно благодарни на својот Бог, Јехова. Тие се чувствуваат слично како псалмистот, кој рекол: „Сите народи што ги создаде ќе дојдат и ќе се поклонат пред тебе, Јехова, и ќе го слават твоето име. Зашто, ти си голем и правиш чудесни дела“ (Псалм 86:9, 10).

[Фусноти]

^ Сега има повеќе од 1.030 Сали на Царството.

^ Од 1999 год. наваму, низ целиот свет Јеховините сведоци изградија вкупно 23.786 Сали на Царството во 151 земја со ограничени средства.

^ Делото на Јеховините сведоци се финансира само со доброволни прилози.

[Слика на страница 24]

Пред да почне програмата за изградба на Сали на Царството, повеќето места каде што се состануваа Сведоците изгледаа вака

[Слика на страница 24]

Сега собранијата се собираат во Сали на Царството како што е оваа