Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вознемирувачките вести и децата

Вознемирувачките вести и децата

„Мојата 11-годишна ќерка не сака да гледа вести. Често има кошмари од она што го гледа. Еднаш, гледаше на вести за еден човек што му ја отсекол главата на некој од семејството. Таа вечер сонувала дека и нејзе ѝ ја отсекле главата“ (Квин).

„Девер ми има 6-годишна ќеркичка. Еднаш гледала на вести дека во друг дел од земјата има торнада. Со седмици потоа живееше во страв. Ми се јавуваше, уверена дека торнадото доаѓа накај неа и дека ќе умре“ (Пејџ).

ДАЛИ и твоите деца се плашат од вестите што ги гледаат? Во една анкета, речиси 40 отсто од родителите рекле дека нивните деца биле вознемирени од нешто што го виделе на вестите и дека поради тоа се плашеле дека нешто слично ќе им се случи ним или на нивните блиски.

Зошто? Една причина е тоа што децата често ги доживуваат вестите поинаку од возрасните. На пример, малите деца може да мислат дека ако за некоја несреќа се известува повеќепати, тогаш таа навистина се случува повеќепати.

Друга причина е тоа што секојдневните извештаи за вознемирувачки настани можат да го искриват гледиштето на децата кон светот. Точно, живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Но, кога децата постојано се изложени на вознемирувачки вести, кај нив може да се родат стравови што ќе ги парализираат. „Децата кои често гледаат вести на телевизија се склони да го преувеличуваат бројот на злосторства и може да си го замислуваат светот како поопасен отколку што навистина е“, велат од фондацијата „Кајзер фемили“.

Што можеш да направиш ако лошите вести влијаат и врз твоите деца? Еве неколку предлози.

Заштити ги

Во зависност од возраста, зрелоста и емоционалната градба на твоите деца, би можел да им поставиш граници во врска со тоа колку ќе гледаат вести. Се разбира, во оваа ера на информации децата се свесни за настаните во светот. Дури и малите деца можеби гледаат или слушаат повеќе отколку што мислиш. Затоа, обрни внимание на знаците на страв кај твоите деца.

Поучи ги

Како што децата растат, би можел да гледаш вести заедно со нив. Така ќе можеш да ги искористиш вестите за да ги поучиш. Труди се да ги истакнеш позитивните аспекти на некоја вест — на пример, хуманитарната помош што се организира за жртвите при катастрофи.

Смири ги

Кога има некоја вознемирувачка вест, преку прашања дознај од децата што мислат тие за тој настан. „Јас и жена ми му го објаснуваме на нашиот син, Натаниел, она што го гледа на вестите, како и што правиме ние за да избегнеме нам да ни се случи такво нешто“, вели еден татко по име Мајкл. „Еднаш, Натаниел на вестите виде како една куќа изгоре до темел и му беше страв дека нашата куќа е следна. За да го смириме, му ги покажавме сите противпожарни аларми дома. Сега знае каде се и зошто се поставени. Тоа му помогна да се чувствува посигурно.“

Дај им реална слика

Според сознанијата на истражувачите, луѓето се склони да мислат дека нешто ќе им се случи ако знаат дека такво нешто веќе се случило. На пример, ако неодамна си чул дека било киднапирано дете, веројатно ќе мислиш дека твоето дете е во поголема опасност отколку што навистина е. Се разбира, добро е да бидеме свесни за можните опасности. Сепак, експертите велат дека извештаите во медиумите можат да направат да се плашиме од работи што веројатно никогаш нема да ни се случат нам (Изреки 22:3, 13).

Ако родителите не гледаат објективно на вестите, може да отидат во крајности. Истото може да им се случи и на нивните деца. На пример, во 2005 год, едно 11-годишно момче се изгубило во планините во Јута (САД). Толку се плашело од киднапери што четири дена се криело од спасувачите. Кога конечно го нашле, било изнемоштено и дехидрирано. Иако шансите да биде киднапирано биле 1:350.000, поради стравот момчето било спремно попрво да умре од глад отколку да прифати помош.

„Децата на возраст 3-7 години повеќе се плашат од вести за природни катастрофи и за несреќи, а децата на возраст 8-12 години повеќе се плашат од вести за криминал и насилство“ (Фондација „Кајзер фемили“)

Што учиме од ова? Труди се ти и твоите деца да бидете објективни во врска со вестите што се прикажуваат. Факт е дека многу несреќи се сметаат за ударна вест само затоа што релативно ретко се случуваат, а не затоа што се нешто вообичаено.

Криминалот, насилството и природните катастрофи се жална реалност на денешницата. Но, како што видовме, твоите напори да ги заштитиш, да ги поучиш, да ги смириш и да им помогнеш на твоите деца да имаат објективно гледиште ќе им помогнат исправно да гледаат на вознемирувачките вести.