Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мало телце, големи очи!

Мало телце, големи очи!

МНОЗИНА би рекле дека е слатко. За други, пак, е необично. Има долги, тенки нозе, меко крзно и големи светкави очи. Телото му е долго околу 12,5 сантиметри, а тежи околу 115 грама. Можеш ли да погодиш кое е ова животинче? Тоа е тарзиерот.

Да дознаеме нешто повеќе за тарзиерот што живее на Филипините. Очите, ушите, рацете, стапалата, нозете и опашката му се некако несразмерно големи во однос на неговото малечко тело. Но, ако малку подобро го анализираме, ќе видиме дека овие негови навидум чудни карактеристики се создадени со одредена цел.

СЛУХ: Тарзиерот има уши тенки како хартија кои може да ги витка, да ги одвиткува и да ги врти и со нив може да регистрира дури и најслаби звуци. Неговиот остар слух не само што му помага да ги избегне грабливците, како што се дивите мачки, туку и да го лоцира пленот. Откако ќе се стемни, тарзиерот ги насочува ушите кон звукот на штурците, термитите, бумбарите, птиците и жабите. Потоа ја врти и целата глава за да го здогледа со своите големи очи следниот можен оброк.

СТИСОК: Тарзиерот има раце совршено погодни за да се држи за тенките гранчиња. На врвовите на прстите има посебни перничиња со вдлабнатинки кои имаат функција како шарите на автомобилските гуми. Дури и кога спие, тарзиерот мора цврсто да се држи. Вдлабнатинките на долната страна од неговата долга опашка му помагаат да остане стабилен сѐ додека не се разбуди.

 ВИД: Ниеден друг цицач нема толку големи очи во однос на телото. Всушност, окото на тарзиерот е поголемо од неговиот мозок! Очите му се статични — секогаш насочени нанапред. Дали ова му е хендикеп? Не, затоа што тоа е надоместено со нешто друго — тарзиерот има флексибилен врат кој му овозможува да ја врти главата за 180 степени во двата правца.

ПОДВИЖНОСТ: Благодарение на долгите нозе, тарзиерот има доволно сила да прескокне растојание и до 6 метри, што е над 40 пати повеќе од неговата должина! Кога лови, овој мал грабливец скока во темнината со раширени прсти и го зграпчува пленот со милиметарска прецизност.

Тарзиерот ретко преживува во заробеништво, меѓу другото затоа што има ненаситен апетит за живи инсекти и затоа што не сака да го допираат. Сепак, ова уникатно животинче со очи како филџани им е едно од омилените на Филипинците. Речиси секое делче на ова мило жителче на шумата е за восхит.