Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мојата книга со библиски приказни

Мојата книга со библиски приказни
Исус зборува со деца

Ова е книга со вистинити приказни. Земени се од најважната книга на светот, Библијата. Приказните ќе ти ја кажат историјата на светот од времето кога Бог почнал да создава до денес. Тие зборуваат дури и за она што Бог ветува дека ќе го направи во иднина.

Оваа книга ќе ти покаже за што станува збор во Библијата. Таа раскажува за луѓе од Библијата и за она што тие го правеле. Исто така, ни објаснува за величествената надеж за вечен живот на рајска Земја која Бог им ја дал на луѓето.

Во книгата има 116 приказни. Тие се групирани во осум дела. На почетната страница од секој дел накратко е опишано што се наога во тој дел. Приказните се подредени така како што се случувале во историјата. Тоа ќе ти помогне да научиш кога се случило нешто во минатото — дали пред или по некој друг настан.

Приказните се раскажани со едноставен јазик. Многу од вас, дечиња, ќе можете сами да си ги читате. Вие, родители, ќе откриете дека вашите помали деца сакаат да им ги читате овие приказни секогаш одново. Ќе увидите дека оваа книга содржи многу интересни работи за младите, но и за возрасните.

На крајот од секоја приказна се наведени библиски стихови. Те поттикнуваме да ги прочиташ деловите од Библијата врз кои се темелени овие приказни. Кога ќе завршиш со една приказна, разгледај ги и прашањата за проучување за таа приказна, кои се наоѓаат на крајот од книгата, и обиди се да се сетиш на одговорите.

Библиските стихови во оваа книга се прераскажани. Изразени се на едноставен јазик за да можат малите деца да ја сфатат нивната смисла. Библиските стихови што се наведени на крајот од секоја приказна покажуваат од кое место во Библијата се земени.