Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 4: Зошто го изгубиле својот дом

Приказна 4: Зошто го изгубиле својот дом

ВИДИ што се случило. Адам и Ева се истерани од прекрасната градина Еден. Знаеш ли зошто?

Адам и Ева се истерани од градината Еден

Тие направиле нешто многу лошо. И затоа Јехова ги казнил. Знаеш ли што направиле Адам и Ева?

Тие го направиле тоа што Бог им рекол да не го направат. Бог им рекол дека можат да јадат од плодовите на дрвјата во градината. Но од едно дрво Бог им рекол да не јадат, за да не умрат. Тоа дрво му припаѓало на Бог. А ние знаеме дека е погрешно да се земе нешто туѓо, нели? Значи, што се случило?

Еден ден, кога Ева била сама во градината, со неа зборувала една змија. Замисли! Таа ѝ рекла на Ева да касне од плодот на дрвото од кое Бог рекол да не јадат. Но, кога Јехова ги направил змиите, тој не ги направил за да можат да зборуваат. Затоа, мора некој друг да зборувал преку змијата. Кој бил тој?

Тоа не бил Адам. Затоа, мора да било едно од суштествата кои Јехова ги создал долго време пред да ја создаде Земјата. Тие суштества се ангели, и ние не можеме да ги видиме. Овој ангел станал многу горд. Почнал да мисли дека треба да биде владетел како Бог. И сакал луѓето да го слушаат него, а не Јехова. Тој бил ангелот што направил змијата да зборува.

Овој ангел успеал да ја измами Ева. Кога ѝ рекол дека, ако касне од плодот, ќе стане како Бог, таа му поверувала. Затоа каснала од плодот, а истото го сторил и Адам. Адам и Ева не го послушале Бог, и токму затоа не можеле повеќе да живеат во таа прекрасна градина.

Но еден ден, Бог ќе се погрижи целата Земја да стане исто толку убава како градината Еден. Подоцна ќе дознаеме како можеш и ти да учествуваш во таа работа. Но сега да видиме што се случило со Адам и Ева.

1. Мојсеева 2:16, 17; 3:1-13, 24; Откровение 12:9.



Прашања

  • Што им се случило на Адам и Ева, како што се гледа на сликата?
  • Зошто Јехова ги казнил?
  • Што ѝ рекла змијата на Ева?
  • Кој направил змијата да зборува со Ева?
  • Зошто Адам и Ева не можеле повеќе да живеат во Рајот?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 2:16, 17 и 3:1-13, 24.

    На кој начин прашањето кое змијата ѝ го поставила на Ева погрешно го претставува Јехова? (1. Мој. 3:1-5; 1. Јов. 5:3).

    Во кој поглед примерот на Ева ни служи како предупредување? (Фил. 4:8; Јак. 1:14, 15; 1. Јов. 2:16).

    Како покажале Адам и Ева дека не ја прифаќаат одговорноста за своите постапки? (1. Мој. 3:12, 13).

    На кој начин херувимите, кои биле поставени на источниот крај од градината Еден, го поддржале Јеховиното право да владее? (1. Мој. 3:24).

  • Прочитај Откровение 12:9.

    До која мера успеал Сатана да ги сврти луѓето против владеењето на Бог? (1. Јов. 5:19).