Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 16: Исак добива добра жена

Приказна 16: Исак добива добра жена

ЗНАЕШ ЛИ која е жената на оваа слика? Нејзиното име е Ревека. А човекот што ѝ доаѓа во пресрет е Исак. Таа ќе му стане жена. Како дошло до тоа?

Татко му на Исак, Авраам, сакал неговиот син да добие добра жена. Тој не сакал Исак да се ожени со некоја Ханаанка, бидејќи тој народ им служел на лажни богови. Затоа Авраам го повикал својот слуга и му рекол: 'Сакам да појдеш во Харан, каде што живеат моите роднини, и да најдеш жена за мојот син Исак‘.

Слугата на Авраам веднаш зел десет камили и тргнал на долг пат. Кога се приближил до местото каде што живееле роднините на Авраам, застанал крај еден бунар. Било доцна попладне, време кога жените од градот доаѓале да нацрпат вода од бунарот. Тогаш слугата на Авраам му се помолил на Јехова: 'Девојката што ќе ми даде вода мене и на моите камили, нека биде таа што си ја избрал да му биде жена на Исак‘.

Ревека се сретнува со Исак

Наскоро по вода дошла Ревека. Кога слугата побарал да му даде да се напие вода, таа му дала. Потоа нацрпила доволно вода и за сите негови жедни камили. Тоа било тешка работа бидејќи камилите пијат многу, многу вода.

Кога Ревека завршила со работата, слугата на Авраам ја прашал како се вика татко ѝ. Исто така ја прашал дали ќе може да ноќева кај нив. Таа рекла: 'Татко ми е Ветуил, и кај нас има место за ноќевање‘. Слугата на Авраам знаел дека Ветуил му бил син на Нахор, братот на Авраам. Затоа паднал на колена и му се заблагодарил на Јехова што го довел кај роднините на Авраам.

Таа вечер, слугата на Авраам им кажал на Ветуил и на братот на Ревека, Лаван, зошто дошол. И двајцата се согласиле Ревека да појде со него и да се омажи за Исак. Што одговорила Ревека кога ја прашале неа? Таа рекла: 'Да, јас сакам да одам‘. Затоа, уште следниот ден, седнале на камилите и тргнале на долг пат за да се вратат во Ханаан.

Пристигнале приквечер. Ревека видела еден човек што шетал во полето. Тоа бил Исак. Тој се израдувал кога ја видел Ревека. Мајка му Сара умрела пред само три години, и тој сѐ уште жалел по неа. Но Исак многу ја засакал Ревека, и повторно бил среќен.

1. Мојсеева 24:1-67.



Прашања

  • Кои се мажот и жената на сликата?
  • Што направил Авраам за да најде жена за својот син, и зошто?
  • Како била услишена молитвата на Авраамовиот слуга?
  • Што одговорила Ревека кога ја прашале дали сака да се омажи за Исак?
  • Што било причина за Исак да биде повторно среќен?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 24:1-67.

    Кои добри особини ги покажала Ревека кога го сретнала Авраамовиот слуга на изворот? (1. Мој. 24:17-20; Изр. 31:17, 31).

    Кој одличен пример го дава за денешните христијани Авраам со тоа што го направил за Исак? (1. Мој. 24:37, 38; 1. Кор. 7:39; 2. Кор. 6:14).

    Зошто треба, исто како Исак, да најдеме време за размислување? (1. Мој. 24:63; Пс. 77:12; Фил. 4:8).