Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 22: Јосиф е ставен в затвор

Приказна 22: Јосиф е ставен в затвор

ЈОСИФ имал само 17 години кога го одвеле во Египет. Таму му го продале на еден човек кој се викал Петефри. Петефри работел за царот на Египет, кого го викале фараон.

Јосиф во затвор

Јосиф напорно работел за својот господар Петефри. Затоа, кога Јосиф станал постар, Петефри му дал да управува со целата куќа. Тогаш, зошто Јосиф е во затвор? Поради жената на Петефри.

Јосиф бил многу убав млад маж, па жената на Петефри сакала тој да легне со неа. Но, Јосиф знаел дека тоа е погрешно, и ја одбил. Жената на Петефри многу се налутила. Затоа, кога нејзиниот маж си дошол дома, таа го излажала и му рекла: 'Тој лош Јосиф сакаше да легне со мене!‘ Петефри ѝ поверувал на својата жена и многу се налутил на Јосиф. Затоа го фрлил в затвор.

Човекот што управувал со затворот набрзо видел дека Јосиф е добар човек. Затоа го поставил да ги надгледува сите други затвореници. Подоцна фараонот се налутил на својот пехарник и на својот пекар и ги ставил в затвор. Една ноќ, двајцата сониле по еден необичен сон, но не знаеле што значат тие соништа. Следниот ден Јосиф им рекол: 'Кажете ми ги своите соништа‘. Кога му ги раскажале, Јосиф, со Божја помош, им го објаснил значењето на она што го сониле.

Јосиф му рекол на пехарникот: 'По три дена ќе те пуштат од затворот, и ти пак ќе му бидеш пехарник на фараонот‘. Затоа Јосиф додал: 'Кога ќе излезеш, кажи му на фараонот за мене, и помогни ми да излезам од ова место‘. А на пекарот, Јосиф му рекол: 'По три дена фараонот ќе нареди да ти ја отсечат главата‘.

По три дена се случило токму тоа што го кажал Јосиф. Фараонот заповедал да му ја отсечат главата на пекарот, а пехарникот го пуштиле од затвор, и повторно почнал да му служи на царот. Но пехарникот потполно го заборавил Јосиф! Не му кажал на фараонот за него, и Јосиф морал да остане во затворот.

1. Мојсеева 39:1-23; 40:1-23.



Прашања

  • Колку години имал Јосиф кога го одвеле во Египет, и што се случило кога стигнал таму?
  • Како Јосиф завршил в затвор?
  • Какво задолжение добил Јосиф во затворот?
  • Што направил Јосиф за пехарникот и за пекарот на фараонот додека биле во затворот?
  • Што се случило откако пехарникот бил ослободен од затворот?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 39:1-23.

    Што го навело Јосиф да бега од жената на Петефри, кога во негово време немало пишан закон од Бог дека прељубата е осудена? (1. Мој. 2:24; 20:3; 39:9).

  • Прочитај 1. Мојсеева 40:1-23.

    Накратко опиши ги сонот на пехарникот и толкувањето што Јехова му го дал на Јосиф (1. Мој. 40:9-13).

    Каков сон сонил пекарот, и што значел тој? (1. Мој. 40:16-19).

    Во кој поглед класата на верниот и разборит роб го има истиот став како Јосиф? (1. Мој. 40:8; Пс. 36:9; Јован 17:17; Дела 17:2, 3).

    На кој начин 1. Мојсеева 40:20 помага полесно да се разбере христијанскиот став кон прославата на родендени? (Проп. 7:1; Мар. 6:21-28).