Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 24: Јосиф ги испитува своите браќа

Приказна 24: Јосиф ги испитува своите браќа

ЈОСИФ сакал да знае дали неговите 10 постари браќа сѐ уште се зли и нељубезни. Затоа им рекол: 'Вие сте извидувачи! Сте дошле за да видите каде е нашата земја незаштитена!‘

'Не, не сме‘ — му рекле тие. 'Ние сме чесни луѓе. Сите сме браќа. Бевме 12, но еден брат го нема повеќе, а најмалиот е дома со нашиот татко‘.

Јосиф се правел дека не им верува. Го задржал во затвор својот брат Симеон, а ги пуштил останатите да земат храна и да си одат. Но, им рекол: 'Кога ќе се вратите, морате да го поведете со себе и вашиот најмлад брат‘.

Кога се вратиле во Ханаан, браќата му раскажале на својот татко Јаков за сѐ што им се случило. Јаков бил многу тажен. 'Го нема Јосиф‘, плачел тој, 'а сега го нема и Симеон. Нема да ви дозволам да ми го земете и најмалиот син Венијамин‘. Но, кога почнало да им снемува храна, Јаков морал да дозволи Венијамин да оди со нив во Египет за да земат уште храна.

Тогаш Јосиф ги видел своите браќа како доаѓаат. Тој бил многу среќен што го гледа и својот помал брат Венијамин. Се разбира, никој од нив не знаел дека овој важен човек е Јосиф. Тогаш Јосиф направил нешто за да ги испита своите 10 полубраќа.

Им заповедал на своите слуги да им ги наполнат вреќите со храна. Но, без да знаат, заповедал да го стават во вреќата на Венијамин неговиот посебен сребрен пехар. Откако заминале и поминале дел од патот, Јосиф ги испратил своите слуги по нив. Кога ги стигнале, слугите им рекле: 'Зошто сте го украле сребрениот пехар на нашиот господар?‘

'Не сме го украле неговиот пехар‘, му рекле браќата. 'Ако го најдете пехарот кај некого од нас, тој нека биде убиен.‘

Така слугите ги пребарале сите вреќи и, како што можеш да видиш на сликата, го нашле пехарот во вреќата на Венијамин. Слугите им рекле: 'Вие другите можете да одите, но Венијамин мора да дојде со нас‘. Што да прават сега 10-те полубраќа?

Сите заедно се вратиле со Венијамин во куќата на Јосиф. Јосиф им рекол на своите браќа: 'Сите вие можете да си одите дома, но Венијамин мора да остане тука како мој роб‘.

Тогаш Јуда, за да го ослободи Венијамин, рекол: 'Ако се вратам дома без момчето, татко ми ќе умре зашто многу го сака. Затоа те молам, земи ме мене за свој роб, но пушти го момчето да си оди дома‘.

Јосиф можел да види дека неговите браќа се промениле. Повеќе не биле злобни и нељубезни. Да видиме што направил Јосиф понатаму.

1. Мојсеева 42:9-38; 43:1-34; 44:1-34.

Браќата на Јосиф се обвинети


Прашања

  • Зошто Јосиф ги обвинил своите браќа дека се извидувачи?
  • Зошто Јаков дозволил неговиот најмал син, Венијамин, да оди во Египет?
  • Како се нашол сребрениот пехар на Јосиф во вреќата на Венијамин?
  • Што рекол Јуда за да го ослободи Венијамин?
  • Во кој поглед браќата на Јосиф се промениле?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 42:9-38.

    На кој начин зборовите на Јосиф од 1. Мојсеева 42:18 се одлично потсетување за оние што носат одговорности во Јеховината организација денес? (Неем. 5:15; 2. Кор. 7:1, 2).

  • Прочитај 1. Мојсеева 43:1-34.

    Што покажува дека Јуда бил тој што зборувал во името на своите браќа иако Рувим бил првородениот? (1. Мој. 43:3, 8, 9; 44:14, 18; 1. Лет. 5:2).

    На кој начин Јосиф ги испитал своите браќа, и зошто? (1. Мој. 43:33, 34).

  • Прочитај 1. Мојсеева 44:1-34.

    Како каков им се претставил Јосиф на своите браќа со цел да скрие од нив кој е тој? (1. Мој. 44:5, 15; 3. Мој. 19:26).

    На кој начин покажале браќата на Јосиф дека повеќе не му се љубоморни на својот брат како порано? (1. Мој. 44:13, 33, 34).