Приказна 27: Еден лош цар владее со Египет
ОВИЕ луѓе го присилуваат народот да работи. Види го човекот кој со камшик тепа еден од работниците! Тие работници се од семејството на Јаков, и се нарекуваат Израелци. Луѓето, пак, што ги присилуваат да работат се Египќани. Израелците им станале робови на Египќаните. Како се случило тоа?
![Египќаните ги угнетуваат Израелците](https://assetsnffrgf-a.akamaihd.net/assets/l/my/my_MC/27a.jpg)
Големото семејство на Јаков со години живеело во мир во Египет. Јосиф, кој бил најважниот човек во Египет по царот-фараон, се грижел за нив. Но Јосиф умрел, а цар во Египет станал еден нов фараон, кој не ги сакал Израелците.
Така, овој лош фараон ги направил Израелците робови. Исто така, над нив поставил луѓе кои биле зли и сурови. Тие ги принудувале Израелците да работат многу напорно и да градат градови за фараонот. Но бројот на Израелците сѐ повеќе растел. По некое време, Египќаните се уплашиле дека Израелците ќе станат многу побројни и посилни од нив.
![Египќаните ги угнетуваат Израелците](https://assetsnffrgf-a.akamaihd.net/assets/l/my/my_MC/27.jpg)
Дали знаеш што направил фараонот? Разговарал со жените кои им помагале на израелските мајки кога ги раѓале своите деца, и им рекол: 'Мора да го убиете секое машко дете што ќе се роди‘. Но тие жени биле добри и не ги убивале децата.
Затоа фараонот им заповедал на сите свои луѓе: 'Земете ги машките бебиња на Израелците и убијте ги! Оставете ги живи само женските бебиња‘. Зарем тоа не било една ужасна заповед? Да видиме како било спасено едно машко бебе.
2. Мојсеева 1:6-22.
Прашања
- Кој е човекот на сликата со камшик во раката, и кого тепа тој?
- Што се случило со Израелците откако умрел Јосиф?
- Зошто Египќаните се уплашиле од Израелците?
- Која заповед им ја дал фараонот на жените кои им помагале на Израелките да се породат?
Дополнителни прашања
- Прочитај 2. Мојсеева 1:6-22.
На кој начин Јехова почнал да го исполнува ветувањето што му го дал на Авраам? (2. Мој. 1:7; 1. Мој. 12:2; Дела 7:17).
Како еврејските бабици покажале почит кон светоста на животот? (2. Мој. 1:17; 1. Мој. 9:6).
Како биле наградени бабиците за својата верност кон Јехова? (2. Мој. 1:20, 21; Изр. 19:17).
Како Сатана се обидел да ја расипе Јеховината намера во врска со ветениот Потомок на Авраам? (2. Мој. 1:22; Мат. 2:16).