Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 35: Јехова ги дава своите закони

Приказна 35: Јехова ги дава своите закони

ОКОЛУ два месеца откако го напуштиле Египет, Израелците дошле до планината Синај, која исто така се вика и Хорив. На истото место Јехова зборувал со Мојсеј од грмушката што горела. Таму народот се улогорил и останал некое време.

Народот останал да чека во подножјето, а Мојсеј се качил на планината. Таму горе, на врвот од планината, Јехова му рекол на Мојсеј дека сака Израелците да го слушаат Него и да станат Негов посебен народ. Кога слегол од планината, Мојсеј им кажал на Израелците што рекол Јехова. А тие рекле дека ќе го слушаат Јехова, бидејќи сакале да бидат негов народ.

Тогаш Јехова направил нешто необично. Предизвикал да излегува чад од врвот на планината и пуштил силни грмежи. Тој, исто така, зборувал со народот и рекол: 'Јас сум Јехова, твојот Бог, кој те изведе од Египет‘. Потоа заповедал: 'Не смееш да почитуваш други богови, освен мене‘.

Двете камени плочи

Бог им дал на Израелците уште девет заповеди, односно закони. Народот многу се исплашил. Тие му рекле на Мојсеј: 'Зборувај ни ти, зашто се плашиме дека ќе умреме ако со нас зборува Бог‘.

Подоцна, Јехова му рекол на Мојсеј: 'Качи се кај мене на планината. Ќе ти дадам две камени плочи на кои ги испишав законите што сакам народот да ги држи‘. Затоа Мојсеј повторно се качил на планината. Таму останал 40 дена и 40 ноќи.

Бог имал многу, многу закони за својот народ. Мојсеј ги запишал сите нив. Бог му ги дал на Мојсеј и двете камени плочи. На нив, Бог лично ги запишал 10-те закони кои Мојсеј му ги пренел на целиот народ. Тие се наречени Десетте заповеди.

Мојсеј на планината Синај

Десетте заповеди биле важни закони. Но важни биле и многуте други закони што Бог им ги дал на Израелците. Еден од тие закони гласи: 'Сакај го Јехова, својот Бог, со сето срце, со сиот ум, со сета душа и со сета сила‘. А друг закон вели: 'Сакај го својот ближен како себеси‘. Божјиот Син, Исус Христос, рекол дека тоа се најголемите закони што Јехова му ги дал на својот народ Израел. Подоцна ќе научиме многу за Божјиот Син и за неговите учења.

2. Мојсеева 19:1-25; 20:1-21; 24:12-18; 31:18; 5. Мојсеева 6:4-6; 3. Мојсеева 19:18; Матеј 22:36-40.



Прашања

  • Каде се улогориле Израелците два месеца откако го напуштиле Египет?
  • Што сакал Јехова да прави народот, и што одговориле тие?
  • Зошто Јехова му дал на Мојсеј две камени плочи?
  • Покрај Десетте заповеди, кои други закони им ги дал Јехова на Израелците?
  • За кои два закона рекол Исус Христос дека се најголемите?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 19:1-25; 20:1-21; 24:12-18 и 31:18.

    Како ни помагаат зборовите запишани во 2. Мојсеева 19:8 да разбереме што е вклучено во заветот што христијанинот му го дава на Бог? (Мат. 16:24; 1. Пет. 4:1-3).

  • Прочитај 5. Мојсеева 6:4-6; 3. Мојсеева 19:18 и Матеј 22:36-40.

    Како христијаните ја покажуваат својата љубов кон Бог и кон ближниот? (Мар. 6:34; Дела 4:20; Рим. 15:2).