Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 44: Раав ги крие извидувачите

Приказна 44: Раав ги крие извидувачите

ОВИЕ мажи се во неволја. Мора да бегаат или ќе бидат убиени. Тие се израелски извидувачи, а жената што им помага е Раав. Раав живеела во куќа која се наоѓала на ѕидиштата на градот Ерихон. Ајде да откриеме зошто овие мажи биле во неволја.

Израелците биле готови да ја преминат реката Јордан и да влезат во ханаанската земја. Но пред да го сторат тоа, Исус Навин испратил двајца извидувачи. Тој им рекол: 'Одете, извидете ги земјата и градот Ерихон‘.

Раав и двајцата израелски извидувачи

Кога дошле во Ерихон, извидувачите отишле во куќата на Раав. Но некој му кажал на царот на Ерихон: 'Двајца Израелци дојдоа вечерва кај нас за да ја извидат земјата‘. Кога го чул тоа, царот испратил луѓе кај Раав, и тие ѝ заповедале: 'Доведи ги луѓето што се во твојата куќа!‘ Но, Раав ги скрила извидувачите на покривот од својата куќа. Затоа им рекла: 'Некои луѓе дојдоа во мојата куќа, но не знам од каде се. Си заминаа кога се стемнуваше, пред да се затворат градските порти. Ако побрзате, ќе ги фатите!‘ И така, луѓето тргнале во потера по нив.

Откако си заминале, Раав брзо се качила на покривот. 'Знам дека Јехова ќе ви ја даде оваа земја‘, им рекла на извидувачите. 'Чувме како го исушил Црвеното Море кога сте заминувале од Египет, и како сте ги погубиле царевите Сихон и Ог. Јас бев добра со вас, па затоа ветете ми, ве молам, дека и вие ќе бидете добри со мене. Спасете ги татко ми и мајка ми, и моите браќа и сестри.‘

Извидувачите ѝ ветиле дека ќе ги спасат, но Раав морала да направи нешто. 'Земи ја оваа црвена врвца и врзи ја на својот прозорец‘, ѝ рекле извидувачите, 'а потоа собери ги кај себе во својата куќа сите свои роднини. Кога ќе се вратиме и ќе го заземеме Ерихон, ќе ја видиме оваа врвца на твојот прозорец, и нема да убиеме никого во твојата куќа.‘ Кога се вратиле кај Исус Навин, извидувачите му раскажале за сѐ што се случило.

Исус Навин 2:1-24; Евреите 11:31.



Прашања

  • Каде живеела Раав?
  • Кои се овие двајца мажи на сликата, и зошто се во Ерихон?
  • Што ѝ заповедале на Раав луѓето на царот на Ерихон, и што рекла таа?
  • Како Раав им помогнала на двајцата мажи, и каква услуга побарала таа?
  • Што ѝ ветиле на Раав двајцата извидувачи?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Исус Навин 2:1-24.

    Како се исполнило ветувањето што го дал Јехова, а е запишано во 2. Мојсеева 23:27, кога Израелците дошле за да го нападнат Ерихон? (Ис. Нав. 2:9-11).

  • Прочитај Евреите 11:31.

    На кој начин примерот на Раав нагласува колку е важна верата? (Рим. 1:17; Евр. 10:39; Јак. 2:25).