Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 57: Бог го избира Давид

Приказна 57: Бог го избира Давид
Давид спасил едно јагненце

ГЛЕДАШ ЛИ што се случило? Момчето го спасило ова јагненце од мечката. Мечката дошла, го однела јагнето и сакала да го изеде. Но момчето потрчало по неа и го спасило јагнето од мечкината уста. А кога мечката го нападнала, момчето ја зграпчило и ја убило! Другпат, спасило една овца од лав. Зарем не е храбро ова момче? Знаеш ли кој е тој?

Ова е младиот Давид. Тој живеел во градот Витлеем. Негов дедо бил Овид, синот на Рут и Вооз. Се сеќаваш ли на нив? А татко на Давид му бил Јесеј. Давид ги чувал овците на својот татко. Се родил 10 години откако Јехова го избрал Саул за цар.

Дошло време кога Јехова му рекол на Самоил: 'Земи малку од посебното масло и оди во куќата на Јесеј во Витлеем. Избрав еден од неговите синови да биде цар‘. Кога го здогледал Елијав, најстариот син на Јесеј, Самоил си рекол: 'Ова сигурно е тој што Јехова го избрал‘. Но Јехова му рекол: 'Не гледај на тоа колку е висок и убав. Не го избрав него за цар‘.

Затоа Јесеј го викнал својот син Авинадав и го довел кај Самоил. Но, Самоил рекол: 'Не, Јехова не го избрал ниту него‘. Потоа, Јесеј му го довел својот син Сама. 'Не, Јехова не го избрал ниту него‘, рекол Самоил. Јесеј му ги довел сите седум синови, но Јехова не избрал ниту еден од нив. 'Дали се ова сите твои синови?‘ — го прашал Самоил.

'Остана уште најмалиот‘, рекол Јесеј. 'Но, тој ги чува овците.‘ Кога го довеле Давид, Самоил видел едно убаво момче. 'Ова е тој‘, рекол Јехова. 'Излеј го маслото врз него.‘ И Самоил го излеал. Подоцна дошло времето Давид да стане цар на Израел.

1. Самоилова 17:34, 35; 16:1-13.



Прашања

  • Како се вика момчето на сликата, и од каде знаеме дека е храбро?
  • Каде живеел Давид, и како се викале татко му и дедо му?
  • Зошто Јехова му рекол на Самоил да оди во куќата на Јесеј во Витлеем?
  • Што се случило кога Јесеј довел пред Самоил седум од своите синови?
  • Што му рекол Јехова на Самоил кога го довеле Давид?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Самоилова 17:34, 35.

    Како овие настани ја нагласуваат храброста на Давид и неговата доверба во Јехова? (1. Сам. 17:37).

  • Прочитај 1. Самоилова 16:1-14.

    Како ни помагаат Јеховините зборови од 1. Самоилова 16:7 да бидеме непристрасни и да не ги оценуваме луѓето според изгледот? (Дела 10:34, 35; 1. Тим. 2:4).

    Како примерот на Саул покажува дека, кога Јехова ќе му го одземе на некој човек својот свет дух, празнината може да биде исполнета со лош дух, односно со внатрешна склоност која го тера да постапува погрешно? (1. Сам. 16:14; Мат. 12:43-45; Гал. 5:16).