Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 66: Злобната царица Језавела

Приказна 66: Злобната царица Језавела

ПО СМРТТА на цар Јеровоам, секој цар кој владеел со северното 10-племенско царство Израел бил лош. Цар Ахав бил најлошиот цар од сите нив. Знаеш ли зошто? Една голема причина била неговата жена, злобната царица Језавела.

Језавела не била Израелка. Таа му била ќерка на царот на Сидон. Го обожавала лажниот бог Ваал, а ги навела и Ахав и многу Израелци да го обожаваат Ваал. Језавела го мразела Јехова и убила многу негови пророци. Други морале да се кријат по пештери за да не бидат убиени. Ако сакала нешто, Језавела била спремна да убие и човек само за да го добие.

Еден ден, цар Ахав бил многу тажен. Затоа Језавела го прашала: 'Зошто си денес толку тажен?‘

'Поради тоа што ми го рече Навутеј‘, ѝ одговорил Ахав. 'Сакав да му го купам лозјето, но тој ми рече дека не можам да го добијам.‘

'Не грижи се‘, му рекла Језавела. 'Јас ќе го земам за тебе.‘

Затоа Језавела напишала писма до некои важни луѓе во градот каде што живеел Навутеј. 'Најдете некои неранимајковци за да кажат дека Навутеј ги проколнал Бог и царот‘, им рекла таа. 'Потоа, изведете го Навутеј надвор од градот и каменувајте го додека не умре.‘

Веднаш штом дознала дека Навутеј е мртов, Језавела му рекла на Ахав: 'Сега оди и земи го неговото лозје‘. Зарем не се согласуваш дека Језавела требало да биде казнета за таа ужасна постапка?

Царицата Језавела

Затоа, по некое време, Јехова го испратил Јуј да ја казни. Кога чула дека доаѓа Јуј, Језавела ги нашминкала очите и се обидела да се изнакити за да биде убава. Но, кога дошол и ја видел Језавела на прозорецот, Јуј им викнал на луѓето во палатата: 'Фрлете ја долу!‘ Луѓето го послушале, како што можеш да видиш на сликата. Тие ја фрлиле долу, и таа умрела. Така завршила злобната царица Језавела.

1. Царевите 16:29-33; 18:1-4; 21:1-16; 2. Царевите 9:30-37.



Прашања

  • Која била Језавела?
  • Зошто еден ден цар Ахав бил тажен?
  • Што направила Језавела за да го земе за својот маж, Ахав, лозјето на Навутеј?
  • Кого го испратил Јехова за да ја казни Језавела?
  • Што се случило кога Јуј дошол во палатата на Језавела, како што можеш да видиш на сликата?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Царевите 16:29-33 и 18:3, 4.

    Колку лоши биле условите во Израел во времето на цар Ахав? (1. Цар. 16:33).

  • Прочитај 1. Царевите 21:1-16.

    Како Навутеј покажал храброст и лојалност кон Јехова? (1. Цар. 21:1-3; 3. Мој. 25:23-28).

    Што можеме да научиме од примерот на Ахав за тоа што да правиме кога сме разочарани? (1. Цар. 21:4; Рим. 5:3-5).

  • Прочитај 2. Царевите 9:30-37.

    Што можеме да научиме од ревноста на Јуј кон вршењето на Јеховината волја? (2. Цар. 9:4-10; 2. Кор. 9:1, 2; 2. Тим. 4:2).