Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 73: Последниот добар цар на Израел

Приказна 73: Последниот добар цар на Израел

ЈОСИЈА имал само осум години кога станал цар на двете јужни племиња на Израел. Ова е многу мала возраст за некој да стане цар. Затоа, на почетокот, некои постари луѓе му помагале да владее со народот.

По седум години откако станал цар, Јосија почнал да го бара Јехова. Тој го следел примерот на добрите цареви како Давид, Јосафат и Езекија. Потоа, кога уште немал полни 20 години, Јосија направил нешто храбро.

Цар Јосија и неговите луѓе ги кршат идолите

Повеќето Израелци долго време биле многу лоши. Им служеле на лажни богови. Се поклонувале пред идоли. Затоа Јосија излегол со своите луѓе и почнал да го отстранува од земјата обожавањето на лажни богови. Ова било голема работа затоа што толку многу луѓе го правеле тоа. На сликата можеш да видиш како Јосија и неговите луѓе ги кршеле идолите.

Потоа, Јосија поставил тројца мажи да го надгледуваат поправањето на Јеховиниот храм. Од народот биле собрани пари и им биле дадени на овие луѓе за да платат за работата што ќе се изврши. Додека тие работеле на храмот, првосвештеникот Хелкија нашол таму нешто многу важно. Тоа била книгата на законот што Јехова му го дал на Мојсеј да го запише пред долго, долго време. Многу години таа книга била изгубена.

Книгата му ја однеле на Јосија, а тој замолил еден свој слуга да му ја прочита. Додека слушал, Јосија сфатил дека народот не го држел Јеховиниот закон. Поради тоа, бил многу тажен, па затоа си ја раскинал облеката, како што можеш да видиш на сликата. Тој рекол: 'Јехова се лути на нас поради тоа што нашите татковци не ги држеле законите запишани во оваа книга‘.

Сафан и цар Јосија

Јосија му заповедал на првосвештеникот Хелкија да дознае што ќе направи Јехова со нив. Хелкија отишол кај жената Олда, која била пророчица, и ја прашал. Таа му ја пренела следнава порака од Јехова и му рекла да му ја однесе на Јосија: 'Ерусалим и сиот народ ќе бидат казнети поради тоа што им служеа на лажни богови и земјата се наполни со лошотија. Но поради тоа што ти, Јосија, го правеше она што е добро, оваа казна нема да дојде сѐ до твојата смрт‘.

2. Летописи 34:1-28.



Прашања

  • Колку години имал Јосија кога станал цар, и што почнал да прави по седум години откако станал цар?
  • Што прави Јосија на првата слика?
  • Што нашол првосвештеникот кога луѓето го поправале храмот?
  • Зошто Јосија си ја раскинал облеката?
  • Која порака од Јехова му ја пренела на Јосија пророчицата Олда?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Летописи 34:1-28.

    Каков пример им оставил Јосија на оние што можеби морале да имаат тешко детство? (2. Лет. 33:21-25; 34:1, 2; Пс. 27:10).

    Кои важни чекори ги направил Јосија за да ја унапредува вистинската религија во 8-та, 12-тата и 18-тата година од своето владеење? (2. Лет. 34:3, 8).

    Каква поука во врска со одржувањето на нашите места за состаноци можеме да извлечеме од примерот на цар Јосија и на првосвештеникот Хелкија? (2. Лет. 34:9-13; Изр. 11:14; 1. Кор. 10:31).