Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 74: Човек кој не се плашел

Приказна 74: Човек кој не се плашел

ВИДИ ГО народот кој го исмејува овој млад човек. Дали знаеш кој е тој? Тоа е Еремија. Тој бил многу важен Божји пророк.

Народот го исмејува Еремија

Набрзо откако цар Јосија почнал да ги уништува идолите во земјата, Јехова му рекол на Еремија да биде Негов пророк. Меѓутоа, Еремија мислел дека е премлад за да биде пророк. Но, Јехова му рекол дека Тој лично ќе му помогне.

Еремија им рекол на Израелците да престанат да прават лоши работи. 'Боговите на кои им се поклонуваат луѓето од другите народи се лажни‘, рекол тој. Но многу Израелци повеќе сакале да им служат на идоли отколку вистинскиот Бог Јехова. Кога Еремија му кажал на народот дека Бог ќе ги казни поради нивната лошотија, тие само му се смееле.

Поминале многу години. Јосија умрел и, три месеци подоцна, цар станал неговиот син Јоаким. Еремија продолжил да му кажува на народот: 'Ерусалим ќе биде уништен ако не го промените својот лош начин на постапување‘. Свештениците го зграпчиле Еремија и му викнале: 'Ти треба да бидеш убиен затоа што ни зборуваш вакви работи!‘ Потоа, им рекле на кнезовите на Израел: 'Еремија треба да биде убиен затоа што зборува против нашиот град!‘

Што направил Еремија? Тој не се плашел, туку им рекол на сите нив: 'Јехова ме испрати да ви ги кажам овие работи. Ако не го промените својот лош начин на живот, Јехова ќе го уништи Ерусалим. Но бидете сигурни: ако ме убиете, ќе убиете човек кој не направил ништо лошо‘.

Кнезовите го оставиле Еремија да живее, но Израелците не ги смениле своите лоши постапки. Подоцна Навуходоносор, царот на Вавилон, дошол и се борел против Ерусалим. На крајот, Навуходоносор ги заробил Израелците за да му бидат слуги. Тој одвел во Вавилон илјадници од нив. Само помисли како би ти било кога некои непознати луѓе би те одвеле од дома во некоја странска земја!

Еремија 1:1-8; 10:1-5; 26:1-16; 2. Царевите 24:1-17.



Прашања

  • Кој е младиот човек на сликата?
  • Што мислел Еремија за службата на пророк, но што му рекол Јехова?
  • Која порака Еремија постојано му ја кажувал на народот?
  • Како се обиделе свештениците да го запрат Еремија, но како покажал тој дека не се плаши?
  • Што се случило кога Израелците не ги смениле своите лоши постапки?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Еремија 1:1-8.

    Како е некој оспособен да му служи на Јехова, како што покажува примерот на Еремија? (2. Кор. 3:5, 6).

    Какво охрабрување им дава примерот на Еремија на младите христијани денес? (Проп. 12:1; 1. Тим. 4:12).

  • Прочитај Еремија 10:1-5.

    Која делотворна споредба ја користел Еремија за да покаже дека е бесмислено човек да се надева на идоли? (Ерем. 10:5; Иса. 46:7; Авак. 2:19).

  • Прочитај Еремија 26:1-16.

    Додека ја шири предупредувачката порака денес, на кој начин помазаниот остаток ја сфаќа сериозно заповедта која Јехова му ја дал на Еремија 'да не изостава ниту еден збор‘? (Ерем. 26:2; 5. Мој. 4:2; Дела 20:27).

    Кој одличен пример го дал Еремија за Јеховините сведоци денес додека им го објавувал Јеховиното предупредување на народите? (Ерем. 26:8, 12, 14, 15, 2. Тим. 4:1-5).

  • Прочитај 2. Царевите 24:1-17.

    Кои жалосни последици произлегле од тоа што Јудејците не му биле верни на Јехова? (2. Цар. 24:2-4, 14).