Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 77: Тие не сакаат да се поклонат

Приказна 77: Тие не сакаат да се поклонат

ДАЛИ се сеќаваш на овие три момчиња? Да, тие се пријателите на Даниел кои одбиле да го јадат она што не било добро за нив. Вавилонците ги викале Седрах, Мисах и Авденаго. Но види ги сега. Зошто не му се поклонуваат на овој огромен кип како сите други? Ајде да дознаеме.

Се сеќаваш ли на законите кои Јехова лично ги напишал, а се наречени Десет заповеди? Првата од нив гласи: 'Немој да имаш други богови освен мене‘. Момчињата го послушале тој закон, и покрај тоа што не им било лесно да го сторат тоа.

Навуходоносор, царот на Вавилон, повикал голем број важни луѓе за да му оддадат чест на овој кип што го поставил. Тој пред сите нив рекол: 'Штом ќе го чуете звукот на рогот, на харфата и на другите музички инструменти, треба да паднете и да се поклоните пред овој златен кип. Секој што нема да падне и да се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка‘.

Кога дознал дека Седрах, Мисах и Авденаго не се поклониле, Навуходоносор многу се налутил. Наредил да му ги доведат и им дал уште една шанса да се поклонат. Но, момчињата имале доверба во Јехова. 'Нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ спаси‘, му рекле на Навуходоносор. 'Но, дури и да не нѐ спаси, нема да му се поклониме на твојот златен кип.‘

Седрах, Мисах и Авденаго

Кога го слушнал ова, Навуходоносор се разлутил уште повеќе. Во близина имало една печка, па тој заповедал: 'Вжарете ја печката седум пати повеќе отколку што беше пред тоа!‘ Потоа им наредил на најсилните мажи од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печката. Печката била толку вжарена што нејзините пламења ги убиле силните мажи. Но, што се случило со трите момчиња што биле фрлени во неа?

Царот погледнал во печката и многу се исплашил. 'Зарем не врзавме тројца мажи и ги фрливме во вжарената печка?‘ — прашал тој.

'Да, тоа го сторивме‘, му одговориле слугите.

'Но, јас гледам како низ огнот се шетаат четворица мажи‘, рекол тој. 'Тие не се врзани и огнот не ги повредува. А четвртиот изгледа како бог.‘ Царот се приближил до вратата на печката и викнал: 'Седрах! Мисах! Авденаго! Излезете, вие слуги на Севишниот Бог!‘

Кога излегле, сите можеле да видат дека не биле повредени. Потоа царот рекол: 'Нека биде фален Богот на Седрах, Мисах и Авденаго! Тој испрати свој ангел и ги спаси бидејќи тие не би се поклониле и не би служеле на ниту еден друг бог освен на својот‘.

Зарем тие не се за нас одличен пример на верност кон Јехова што треба да го следиме?

2. Мојсеева 20:3; Даниел 3:1-30.



Прашања

  • Каква заповед им дал вавилонскиот цар Навуходоносор на луѓето што ги повикал?
  • Зошто тројцата пријатели на Даниел не се поклониле на златниот кип?
  • Како тројцата Евреи ја покажале својата доверба во Јехова кога Навуходоносор им дал уште една шанса да се поклонат?
  • Што им наредил Навуходоносор на своите луѓе да им направат на Седрах, Мисах и Авденаго?
  • Што видел Навуходоносор кога погледнал во печката?
  • Зошто царот го фалел Богот на Седрах, Мисах и Авденаго, и каков пример се тие за нас?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Даниел 3:1-30.

    Кој став на тројцата млади Евреи треба да го покажуваат сите Божји слуги кога ќе биде ставена на испит нивната верност? (Дан. 3:17, 18; Мат. 10:28; Рим. 14:7, 8).

    Која важна поука му ја дал Јехова Бог на Навуходоносор? (Дан. 3:28, 29; 4:34, 35).