Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 79: Даниел во лавовска јама

Приказна 79: Даниел во лавовска јама

ЛЕЛЕ! Изгледа како Даниел да е во голема неволја. Но, лавовите не го повредуваат! Знаеш ли зошто? Кој го ставил Даниел тука со сите овие лавови? Ајде да откриеме.

Во тоа време, цар на Вавилон бил еден човек кој се викал Дариј. Тој многу го сакал Даниел затоа што Даниел бил многу добар и мудар човек. Дариј го избрал Даниел да биде главен управител во неговото царство. Поради тоа, други мажи во царството му станале љубоморни на Даниел, па затоа го направиле следново.

Дариј

Отишле кај Дариј и му рекле: 'Ние се согласивме, о царе, дека треба да издадеш закон кој вели дека 30 дена никој не смее да се моли на ниту еден друг бог или човек освен на тебе, о царе. Ако некој не послуша, тогаш треба да се фрли кај лавовите‘. Дариј не знаел зошто тие луѓе сакале да се издаде тој закон. Но мислел дека тоа е добра идеја, па затоа го дал написмено тој закон. Откако бил даден, законот не можел да се промени.

Кога Даниел дознал за законот, отишол дома и се помолил, исто како и секогаш. Лошите луѓе знаеле дека Даниел нема да престане да му се моли на Јехова. Тие биле среќни бидејќи изгледало дека им успеал планот да се ослободат од Даниел.

Кога царот Дариј дознал зошто сакале тие мажи да се издаде тој закон, му било многу жал. Сепак, не можел да го промени законот, па затоа издал наредба да го фрлат Даниел во лавовската јама. Но, царот му рекол на Даниел: 'Се надевам дека твојот Бог, кому му служиш, ќе те спаси‘.

Дариј бил толку вознемирен што не можел да спие таа ноќ. Следното утро отрчал до лавовската јама. Можеш да го видиш на сликата. Тој викнал: 'Даниеле, слуго на живиот Бог! Дали Богот кому му служиш можеше да те спаси од лавовите?‘

Даниел во лавовската јама

'Бог го испрати својот ангел‘, му одговорил Даниел, 'па им ја затвори устата на лавовите, и така не ме повредија.‘

Царот бил многу радосен. Тој заповедал да го извлечат Даниел од јамата. Потоа наредил да бидат фрлени во лавовската јама лошите луѓе што се обиделе да се ослободат од Даниел. Уште не паднале на дното од јамата, а лавовите веќе ги зграпчиле и им ги скршиле сите коски.

Потоа, цар Дариј му напишал на сиот народ во своето царство: 'Издавам заповед, секој да го почитува Богот на Даниел, бидејќи прави големи чуда. Тој го спаси Даниел да не го изедат лавовите‘.

Даниел 6:1-28.



Прашања

  • Кој е Дариј, и какво мислење има тој за Даниел?
  • Што направил Дариј под влијание на некои љубоморни луѓе?
  • Што направил Даниел кога дознал за новиот закон?
  • Зошто Дариј бил толку вознемирен што дури не можел да спие, и што направил следното утро?
  • Што му одговорил Даниел на Дариј?
  • Што им се случило на лошите луѓе кои се обиделе да го убијат Даниел, и што му напишал Дариј на сиот народ во неговото царство?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Даниел 6:1-28.

    На кој начин заговорот против Даниел нѐ потсетува на она што го имаат направено противниците за да го запрат делото на Јеховините сведоци во денешно време? (Дан. 6:7; Пс. 94:20; Иса. 10:1; Рим. 8:31).

    На кој начин Божјите слуги денес постапуваат исто како Даниел со тоа што остануваат подложни на 'властите што се над нив‘? (Дан. 6:5, 10; Рим. 13:1; Дела 5:29).

    На кој начин можеме да земеме пример од Даниел за да му служиме на Јехова "постојано“? (Дан. 6:16, 20; Фил. 3:16; Отк. 7:15).