Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 84: Еден ангел ја посетува Марија

Приказна 84: Еден ангел ја посетува Марија

ОВАА убава жена е Марија. Таа била Израелка која живеела во градот Назарет. Бог знаел дека таа била многу добра личност. Токму затоа тој го испратил својот ангел Гавриел да зборува со неа. Знаеш ли што требало да и каже Гавриел на Марија? Да видиме.

'Здраво, со милост обдарена‘, ѝ рекол Гавриел. 'Јехова е со тебе!‘ Марија никогаш порано не го видела Гавриел. Таа се вознемирила бидејќи не знаела што сакал да ѝ каже со тие зборови. Но Гавриел веднаш ја смирил за да нема страв.

Марија

'Не плаши се, Марија‘, ѝ рекол тој. 'Јехова е многу задоволен со тебе. Затоа тој ќе направи за тебе нешто прекрасно. Наскоро ќе имаш бебе на кое треба да му го дадеш името Исус.‘

Гавриел ѝ објаснил: 'Тоа дете ќе стане важно и ќе биде наречено Син на Севишниот Бог. Јехова ќе го постави за цар, како што беше Давид. Но Исус ќе биде цар засекогаш, а неговото царство ќе нема крај!‘

'Како е можно сето тоа?‘ — прашала Марија. 'Јас не сум ни мажена. Не сум живеела со маж, па како може да имам бебе?‘

'Божјата сила ќе дојде врз тебе‘, ѝ одговорил Гавриел. 'Затоа детето ќе биде наречено Божји Син.‘ Потоа ѝ рекол на Марија: 'Помисли на својата роднина Елисавета. Луѓето велеа дека е престара за да има деца. Но, наскоро таа ќе има син. Ете гледаш, за Бог не е ништо невозможно‘.

Марија веднаш рекла: 'Јас сум Јеховина робинка! Нека се случи со мене токму тоа што го рече‘. Тогаш ангелот си заминал.

Марија брзо отишла да ја посети Елисавета. Кога Елисавета го слушнала гласот на Марија, бебето што било во стомакот на Елисавета скокнало од радост. Елисавета се исполнила со Божји дух, па ѝ рекла на Марија: 'Ти си посебно благословена меѓу жените‘. Марија останала кај Елисавета околу три месеци, а потоа се вратила дома во Назарет.

Марија требало да се омажи со еден човек кој се викал Јосиф. Но, кога Јосиф дознал дека Марија ќе има бебе, мислел дека не треба да се ожени со неа. Тогаш еден Божји ангел му рекол: 'Не плаши се да ја земеш Марија за жена. Зашто, Бог е тој што ѝ даде син‘. Затоа Марија и Јосиф се венчале и чекале да се роди Исус.

Лука 1:26-56; Матеј 1:18-25.



Прашања

  • Која е жената на сликата?
  • Што ѝ рекол Гавриел на Марија?
  • Како Гавриел ѝ објаснил на Марија дека ќе има дете иако не живеела со маж?
  • Што се случило кога Марија ја посетила својата роднина Елисавета?
  • Што мислел Јосиф кога дознал дека Марија ќе има бебе, но зошто се премислил?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Лука 1:26-56.

    Што покажува Лука 1:35 во врска со несовршеноста наследена од Адам во јајце-клетката на Марија кога бил пренесен во неа животот на Божјиот син од духовното подрачје? (Агеј 2:11-13; Јован 6:69; Евр. 7:26; 10:5).

    Како на Исус му била укажана чест уште пред да се роди? (Лука 1:41-43).

    Кој одличен пример го оставила Марија за денешните христијани кои добиваат посебни одговорности? (Лука 1:38, 46-49; 17:10; Изр. 11:2).

  • Прочитај Матеј 1:18-25.

    Иако Исус не го добил личното име Емануел, како неговата улога како човек го исполнила значењето на тоа име? (Мат. 1:22, 23; Јован 14:8-10; Евр. 1:1-3).