Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 88: Јован го крштава Исус

Приказна 88: Јован го крштава Исус

ВИДИ ГО гулабот кој слетува врз главата на човекот. Тој човек е Исус. Тука има околу 30 години. А тој што е со него е Јован. Ние веќе научивме нешто за него. Се сеќаваш? Кога Марија отишла да ја посети својата роднина Елисавета, бебето во стомакот на Елисавета скокнало од радост. Тоа неродено бебе бил Јован. Но, што прават Јован и Исус на сликата?

Крштавањето на Исус

Јован го нурнал Исус во реката Јордан. На тој начин се крштава еден човек. Прво, тој е нурнат под вода, а потоа изваден од водата. Бидејќи Јован така ги крштавал луѓето, бил наречен Јован Крстител. Но, зошто Јован го крстил Исус?

Јован го сторил тоа бидејќи Исус дошол и побарал од Јован да го крсти. Јован ги крштавал луѓето кои сакале да покажат дека им е жал за лошите работи што ги направиле. Но, дали Исус некогаш направил нешто лошо, па да му биде жал за тоа? Не, Исус никогаш не сторил такво нешто, бидејќи тој е Божји Син кој дошол од небото. Но го замолил Јован да го крсти од една друга причина. Ајде да видиме која била таа причина.

Пред да дојде кај Јован, Исус бил дрводелец. Дрводелец е човек кој прави предмети од дрво, како што се маси, столови и клупи. Мажот на Марија, Јосиф, бил дрводелец, па го научил и Исус на тој занает. Но Јехова не го испратил својот Син на Земјата за да биде дрводелец. Тој имал една посебна задача за него, и дошло времето Исус да почне да ја извршува. За да покаже дека ќе ја врши волјата на својот Татко, Исус го замолил Јован да го крсти. Дали Бог бил задоволен со тоа?

Да, бил задоволен бидејќи, откако Исус излегол од водата, еден глас од небото рекол: 'Ова е мојот Син со кого сум задоволен‘. Исто така, изгледало дека небото се отворило и овој гулаб слетал врз Исус. Но тоа не бил вистински гулаб. Само изгледал како гулаб. Всушност, тоа бил Божјиот свет дух.

Од тој момент натаму, Исус имал многу работи за размислување. Затоа отишол на едно осамено место и таму останал 40 дена. Таму му дошол Сатана. Тој трипати се обидел да го натера Исус да направи нешто против Божјите закони. Но Исус не сакал да го стори тоа.

Потоа, Исус се вратил и сретнал некои мажи кои станале негови први следбеници, односно ученици. Имињата на некои од нив се: Андреј, Петар (наречен и Симон), Филип и Натанаел (наречен и Вартоломеј). Исус и овие нови ученици отишле во областа Галилеја. Таму се задржале во Кана, родниот град на Натанаел. Исто така, таму Исус отишол на една голема свадба и го направил првото чудо. Знаеш ли што било тоа? Ја претворил водата во вино.

Матеј 3:13-17; 4:1-11; 13:55; Марко 6:3; Јован 1:29-51; 2:1-12.



Прашања

  • Кои се овие двајца луѓе на сликава?
  • На кој начин се крштава еден човек?
  • Кои луѓе Јован обично ги крштавал?
  • Од која посебна причина Исус побарал од Јован да го крсти?
  • Како покажал Бог дека бил задоволен со тоа што Исус се крстил?
  • Што се случило кога Исус отишол на осамено место и таму останал 40 дена?
  • Како се викале некои од првите Исусови следбеници, односно ученици, и кое е првото чудо што го направил Исус?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Матеј 3:13-17.

    Каков пример им оставил Исус на своите ученици во врска со крштавањето? (Пс. 40:7, 8; Мат. 28:19, 20; Лука 3:21, 22).

  • Прочитај Матеј 4:1-11.

    Како тоа што Исус вешто ги користел Писмата нѐ поттикнува редовно да ја проучуваме Библијата? (Мат. 4:5-7; 2. Пет. 3:17, 18; 1. Јов. 4:1).

  • Прочитај Јован 1:29-51.

    Кај кого ги упатил своите ученици Јован Крстител, и како и ние денес да го следиме неговиот пример? (Јован 1:29, 35, 36; 3:30; Мат. 23:10).

  • Прочитај Јован 2:1-12.

    Како покажува Исусовото прво чудо дека Јехова нѐ им скратува никакво добро на своите слуги? (Јован 2:9, 10; Пс. 84:11; Јак. 1:17).