Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 95: Начинот на кој Исус поучувал

Приказна 95: Начинот на кој Исус поучувал

ЕДЕН ден, Исус му рекол на еден човек дека треба да го сака својот ближен. Човекот го прашал Исус: 'Кој е мојот ближен?‘ Исус знаел што мислел овој човек со тие зборови. Тој мислел дека му се ближни само луѓето што припаѓаат на неговиот народ и на неговата религија. Затоа, да видиме што му одговорил Исус.

Понекогаш Исус поучувал раскажувајќи некоја приказна. Токму тоа го направил и тогаш. Тој раскажал една приказна за еден Евреин и за еден Самарјанин. Веќе научивме дека повеќето Евреи не ги сакале Самарјаните. Но, еве што раскажал Исус:

Еден ден, еден Евреин слегувал по еден планински пат кој водел до Ерихон. Но, го нападнале разбојници. Тие му ги зеле парите и го претепале скоро до смрт.

Подоцна, по патот поминал еден еврејски свештеник. Тој го видел претепаниот човек. Што мислиш, што направил? Замисли, само поминал на другата страна од патот и си продолжил понатаму. Потоа поминал еден друг многу побожен човек. Тој бил Левит. Дали застанал тој? Не, ни тој не застанал да му помогне на претепаниот човек. Можеш да ги видиш во далечината свештеникот и левитот како си одат по патот.

Но, види кој бил покрај претепаниот човек. Тоа бил еден Самарјанин. Тој му помогнал на Евреинот. Му ставил лек на раните. Потоа, го однел Евреинот до едно место каде што можел да се одмори и да оздрави.

Добриот Самарјанин

Откако ја раскажал приказната, Исус го прашал човекот кој му го поставил прашањето: 'Што мислиш, кој од овие тројца постапил како ближен на претепаниот човек? Дали бил тоа свештеникот, Левитот или Самарјанинот?‘

Човекот одговорил: 'Самарјанинот. Тој бил добар со претепаниот човек‘.

Исус рекол: 'Имаш право. Затоа оди и постапувај со другите како него‘.

Зарем не ти се допаѓа начинот на кој поучувал Исус? Ние можеме да научиме многу важни работи ако го слушаме она што Исус го кажал во Библијата, нели?

Лука 10:25-37.



Прашања

  • Кое прашање еден човек му го поставил на Исус, и зошто?
  • Што користел понекогаш Исус кога поучувал, и што научивме досега за Евреите и за Самарјаните?
  • Што му се случило на еден Евреин кој одел по еден пат што водел до Ерихон, според приказната што ја раскажал Исус?
  • Што се случило кога по патот поминале еден еврејски свештеник и еден левит?
  • Кој му помогнал на повредениот Евреин на сликата?
  • Откако Исус ја раскажал приказната, кое прашање го поставил, и како одговорил човекот?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Лука 10:25-37.

    Наместо да му даде директен одговор, како Исус му помогнал на еден човек што бил упатен во Законот да размислува за одредена работа? (Лука 10:26; Мат. 16:13-16).

    Како Исус користел споредби за да ги отстрани предрасудите кај своите слушатели? (Лука 10:36, 37; 18:9-14; Тит 1:9).