Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 96: Исус ги лекува болните

Приказна 96: Исус ги лекува болните

ДОДЕКА патувал низ земјата, Исус ги лекувал болните. Веста за овие чуда се пренесувала во сите села и градови. Затоа народот му ги носел сакатите, слепите и глувите, како и многу други болни. И Исус ги излекувал сите нив.

Откако Јован го крстил Исус, поминале повеќе од три години. И Исус им кажал на своите апостоли дека наскоро ќе оди во Ерусалим каде што ќе биде убиен, а потоа ќе биде подигнат од мртвите. Во меѓувреме, Исус продолжил да ги лекува болните.

Исус лекува една болна жена

Еден ден, Исус поучувал во сабота. За Евреите, саботата била ден за одмор. Жената што ја гледаш на сликата била многу болна. Осумнаесет години била згрбавена и не можела да се исправи. Затоа Исус ги ставил рацете врз неа, и таа почнала да се исправа. Била излекувана!

Ова ги разлутило верските водачи. 'Има шест дена во кои треба да работиме!‘ — му викнал еден од нив на мноштвото. 'Тогаш треба да доаѓате да ве лекува, а не во сабота!‘

Но Исус одговорил: 'Вие, лоши луѓе. Секој од вас ќе го одврзе своето магаре и ќе го одведе да пие вода во сабота. Зарем не треба оваа кутра жена, која е болна 18 години, да биде излечена во сабота?‘ Исусовиот одговор ги посрамил тие лоши луѓе.

Подоцна, Исус и неговите апостоли патувале за Ерусалим. Штом излегле од градот Ерихон, двајца слепи просјаци чуле дека поминува Исус. Затоа извикале: 'Исусе, помогни ни!‘

Исус ги повикал слепите и ги прашал: 'Што сакате да ви направам?‘ Тие рекле: 'Господару, нека ни се отворат очите‘. Исус им ги допрел очите и тие веднаш прогледале! Знаеш ли зошто Исус ги направил сите овие прекрасни чуда? Затоа што ги сака луѓето и сака тие да веруваат во него. Поради тоа, можеме да бидеме сигурни дека, кога тој ќе владее како Цар, никој на Земјата повеќе нема да биде болен.

Матеј 15:30, 31; Лука 13:10-17; Матеј 20:29-34.



Прашања

  • Што правел Исус додека патувал низ земјата?
  • Што им кажал Исус на своите апостоли околу три години откако се крстил?
  • Кои се луѓето на сликата, и што прави Исус за жената?
  • Зошто Исусовиот одговор ги посрамил верските водачи кои приговарале?
  • Што направил Исус за двајца слепи просјаци кога заедно со своите апостоли бил во близина на Ерихон?
  • Зошто Исус ги направил чудата?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Матеј 15:30, 31.

    Како Јехова на прекрасен начин ја покажал својата моќ преку Исус, и како треба тоа да влијае врз нашето разбирање на она што Јехова ветил дека ќе го направи во новиот свет? (Пс. 37:29; Иса. 33:24).

  • Прочитај Лука 13:10-17.

    Како тоа што Исус направил некои од најголемите чуда во сабота треба да ни покаже на кој начин ќе му помогне на човештвото во текот на своето илјадагодишно владеење? (Лука 13:10-13; Пс. 46:9; Мат. 12:8; Кол. 2:16, 17; Отк. 21:1-4).

  • Прочитај Матеј 20:29-34.

    Како овој извештај покажува дека Исус никогаш не бил презафатен, па да не може да им помогне на луѓето, и што можеме ние да научиме од тоа? (5. Мој. 15:7; Јак. 2:15, 16; 1. Јов. 3:17).