Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 104: Исус се враќа на небото

Приказна 104: Исус се враќа на небото

КАКО што минувале деновите така Исус им се појавувал на своите следбеници многу пати. Еднаш го виделе околу 500 ученици. Кога Исус им се појавил, знаеш ли за што им зборувал? За Божјето Царство. Јехова го испратил Исус на Земјата за да поучува за Царството. И тој продолжил да го прави тоа дури и откако бил воскреснат од мртвите.

Исус се враќа на небото

Се сеќаваш ли што е Божјето Царство? Да, Царството е една вистинска влада од Бог која се наоѓа на небото, а Исус е Тој кого Бог го избрал да биде цар. Како што научивме, Исус покажал колку прекрасен цар ќе биде, хранејќи ги гладните, лекувајќи ги болните, па дури и враќајќи мртви во живот!

Според тоа, кога Исус ќе владее илјада години како цар на небото, како ќе биде на Земјата? Да, целата Земја ќе биде претворена во еден преубав рај. Таму ќе нема повеќе војни, криминал, болести, па дури ќе нема ни смрт. Ние знаеме дека ова е вистина бидејќи Бог ја создал Земјата да биде рај во кој луѓето ќе живеат среќно. Затоа на почетокот ја направил и градината Еден. А Исус ќе се погрижи конечно да се исполни Божјата волја.

Дошло време Исус да се врати на небото. Четириесет дена Исус им се појавувал на своите ученици. Затоа биле сигурни дека тој е повторно жив. Но, пред да ги напушти своите ученици, тој им рекол: 'Останете во Ерусалим сѐ додека не добиете свет дух‘. Светиот дух е силата што ја користи Бог, која е слична на ветар. Таа сила требало да им помогне на неговите ученици да ја вршат Божјата волја. На крајот Исус рекол: 'Вие треба да проповедате за мене до најоддалечените места на земјата‘.

Откако Исус го кажал тоа, се случило нешто чудно. Тој почнал да се подига кон небото, како што можеш да видиш на сликата. Тогаш го скрил еден облак, и учениците не можеле повеќе да го видат. Исус отишол на небото и оттогаш почнал да владее над своите следбеници на Земјата.

Учениците гледаат кон небото

1. Коринќаните 15:3-8; Откровение 21:3, 4; Дела 1:1-11.



Прашања

  • Колкумина ученици еднаш го виделе Исус, и за што им зборувал тој?
  • Што е Божјето Царство, и каков ќе биде животот на Земјата кога Исус ќе владее како Цар илјада години?
  • Колку дена Исус им се појавувал на своите ученици, но за што дошло време?
  • Што им рекол Исус на своите ученици пред да ги напушти?
  • Што се случува на сликата, и зошто учениците не можеле повеќе да го видат Исус?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Коринќаните 15:3-8.

    Зошто апостол Павле можел со сигурност да зборува за воскресението на Исус, и за кои работи можат со сигурност да зборуваат христијаните денес? (1. Кор. 15:4, 7, 8; Иса. 2:2, 3; Мат. 24:14; 2. Тим. 3:1-5).

  • Прочитај Дела 1:1-11.

    До каде се раширило делото на проповедање, како што е проречено во Дела 1:8? (Дела 6:7; 9:31; 11:19-21; Кол. 1:23).