Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 105: Чекање во Ерусалим

Приказна 105: Чекање во Ерусалим

ОВИЕ луѓе се следбеници на Исус. Тие го послушале и останале во Ерусалим. И додека сите чекале заедно, целата куќа се исполнила со силна бучава. Звукот бил како звук на брз, силен ветар. И тогаш, на главата на секој ученик се појавил по еден пламен. Го гледаш ли оганчето над секого од нив? Што значело сето тоа?

Светиот дух бил излеан врз учениците од првиот век

Тоа било чудо! Исус се вратил на небото кај својот Татко и го излеал Божјиот свет дух врз своите следбеници. Знаеш ли што правеле тие со помош на тој дух? Сите почнале да зборуваат на различни јазици.

Многу луѓе во Ерусалим ја слушнале бучавата која звучела како силен ветар, па дошле да видат што се случува. Некои од нив биле од други народи, а дошле во Ерусалим поради израелскиот празник Педесетница. И колкаво изненадување доживеале! Ги чуле учениците како зборуваат на нивните јазици за прекрасните работи кои Бог ги направил.

'Сите овие луѓе се од Галилеја‘, рекле посетителите. 'Па како можат да зборуваат на овие различни јазици кои се зборуваат во земјите од каде што доаѓаме ние?‘

Тогаш Петар станал да им објасни. Тој почнал гласно да му раскажува на народот како бил убиен Исус и дека Јехова го воскреснал од мртвите. 'Сега Исус е на небото од десната страна на Бог‘, рекол Петар. 'И тој го излеа ветениот свет дух. Затоа ги видовте и ги чувте овие чуда.‘

Кога Петар ги кажал тие работи, на многумина од народот им било многу жал поради она што му било направено на Исус. 'Што да правиме?‘ — прашале тие. Петар им рекол: 'Треба да го промените својот начин на живот и да се крстите‘. Затоа, истиот тој ден, околу 3.000 луѓе се крстиле и станале следбеници на Исус.

Дела 2:1-47.



Прашања

  • Што им се случило на Исусовите следбеници кои чекале во Ерусалим, како што се гледа на сликата?
  • Какво изненадување доживеале луѓето што дошле во Ерусалим?
  • Што им објаснил Петар на луѓето?
  • Како се чувствувале луѓето откако го слушале Петар, и што им рекол тој да прават?
  • Колку луѓе се крстиле на Педесетница 33 год. од н.е.?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Дела 2:1-47.

    Како зборовите на Петар, запишани во Дела 2:23, 36, покажуваат дека целиот израелски народ бил одговорен за смртта на Исус? (1. Сол. 2:14, 15).

    Како Петар дал добар пример за тоа како да се одговори на темел на Библијата? (Дела 2:16, 17, 29, 31, 36, 39; Кол. 4:6).

    Како Петар го употребил првиот од "клучевите на царството небесно“, кои Исус ветил дека ќе му ги даде? (Дела 2:14, 22-24, 37, 38; Мат. 16:19).