Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 108: На патот за Дамаск

Приказна 108: На патот за Дамаск

ЗНАЕШ ЛИ кој е човекот што лежи на земјата? Тоа е Савле. Се сеќаваш? Тоа е оној што им ги чувал наметките на луѓето кои го каменувале Стефан. Види ја таа сјајна светлина! Што се случило?

Откако Стефан бил убиен, Савле бил главниот што ги прогонувал Исусовите следбеници. Тој влегувал од куќа во куќа, ги фаќал и ги фрлал в затвор. Многумина од учениците побегнале во други градови и почнале таму да ја објавуваат добрата вест. Сепак, Савле одел и во другите градови за да ги најде таму Исусовите следбеници. На сликата е на пат за Дамаск. Но, по патот се случило следново чудо:

Наеднаш, светлина од небото светнала околу Савле. Тој паднал на земја, како што гледаме тука. Потоа еден глас рекол: 'Савле, Савле! Зошто ме прогонуваш?‘ Луѓето што биле со Савле ја виделе светлината и го чуле звукот на гласот, но не можеле да разберат што зборува.

Савле го заслепува светлина од небото

'Кој си ти, Господару?‘ — прашал Савле.

'Јас сум Исус, кого го прогонуваш‘, одговорил гласот. Исус го рекол тоа бидејќи, кога Савле ги прогонувал Исусовите следбеници, Исус чувствувал како да го прогонува него самиот.

Тогаш Савле прашал: 'Што треба да направам, Господару?‘

'Стани и оди во Дамаск‘, рекол Исус. 'Таму ќе ти биде кажано што мораш да правиш.‘ Кога Савле станал и ги отворил очите, не можел ништо да види. Бил слеп! Затоа луѓето што биле со него го зеле за рака и го одвеле во Дамаск.

Исус зборувал со еден од своите ученици во Дамаск и му рекол: 'Ананија, стани и оди во улицата наречена Права. Во куќата на Јуда побарај го човекот кој се вика Савле. Него го избрав за да ми биде посебен слуга‘.

Ананија го послушал. Кога го сретнал Савле, ги положил рацете врз него и рекол: 'Господарот ме испрати за да можеш да гледаш повторно и да се исполниш со свет дух‘. Одеднаш, нешто што личело на лушпи паднало од очите на Савле и тој повторно можел да гледа.

Савле на еден важен начин бил употребен да им проповеда на луѓето од многу народи. Тој станал познат како апостол Павле за кого ќе учиме многу повеќе. Но прво, да видиме каква задача му дал Бог на Петар.

Дела 8:1-4; 9:1-20; 22:6-16; 26:8-20.



Прашања

  • Што направил Савле откако Стефан бил убиен?
  • Какво чудо му се случило на Савле кога бил на пат за Дамаск?
  • Што му рекол Исус на Савле да направи?
  • Какви упатства му дал Исус на Ананија, и како прогледал Савле повторно?
  • По кое име станал познат Савле, и на кој начин Бог го користел?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Дела 8:1-4.

    Како прогонството што го погодило новоформираното христијанско собрание послужило да се рашири христијанската вера, и што се случило во денешно време на сличен начин? (Дела 8:4; Иса. 54:17).

  • Прочитај Дела 9:1-20.

    Според зборовите на Исус, која трикратна задача ја имал на ум за Савле? (Дела 9:15; 13:5; 26:1; 27:24; Рим. 11:13).

  • Прочитај Дела 22:6-16.

    Како можеме да бидеме како Ананија, и зошто е тоа важно? (Дела 22:12; 1. Тим. 3:7; 1. Пет. 1:14-16; 2:12).

  • Прочитај Дела 26:8-20.

    Како тоа што Савле станал христијанин им е охрабрување на денешните Сведоци чии сопружници не им се соверници? (Дела 26:11; 1. Тим. 1:14-16; 2. Тим. 4:2; 1. Пет. 3:1-3).