Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 113: Павле во Рим

Приказна 113: Павле во Рим

ВИДИ ГИ оковите на Павле и римскиот војник кој го чува. Павле бил затвореник во Рим. Тој чекал римскиот цезар да одлучи што ќе направи со него. Додека бил затвореник, му било дозволено да прима посети.

Три дена откако пристигнал во Рим, Павле испратил порака до некои еврејски водачи да дојдат и да го посетат. И така, дошле многу Евреи што живееле во Рим. Павле им проповедал за Исус и за Божјето Царство. Некои од нив поверувале и станале христијани, но други не верувале.

Павле во затвор

Павле, исто така, им проповедал на војниците кои морале да го чуваат. За тие две години додека бил во затвор, Павле им проповедал на сите што ги сретнал. Како резултат на тоа, дури и во домот на цезарот слушнале за добрата вест за Царството, и некои од нив станале христијани.

Но, кој е овој посетител што пишува на масата? Можеш ли да погодиш? Да, тоа е Тимотеј. И Тимотеј бил во затвор затоа што проповедал за Царството, но подоцна бил ослободен. Тој дошол во Рим за да му помогне на Павле. Знаеш ли што пишува Тимотеј? Ајде да видиме.

Се сеќаваш ли на градовите Филипи и Ефес од 110-тата приказна? Павле помогнал да се основаат христијански собранија во тие градови. Додека бил в затвор, Павле им напишал писма на тие христијани. Писмата се наоѓаат во Библијата и се наречени Послание до Ефешаните и Послание до Филипјаните. Павле му кажувал на Тимотеј што да им напише на нивните христијански пријатели во Филипи.

Филипјаните биле многу добри кон Павле. Тие му испратиле подарок во затворот, и затоа Павле им се заблагодарил. Подарокот му го донел Епафродит. Но тој многу се разболел и за малку ќе умрел. Кога оздравел, бил спремен да си оди дома. Тој требало да го понесе со себе писмото од Павле и Тимотеј кога ќе се врати во Филипи.

Додека бил в затвор, Павле напишал уште две писма што ги имаме во Библијата. Едното е до христијаните во градот Колоси. Знаеш ли како е наречено тоа? Послание до Колошаните. Другото е лично писмо до еден близок пријател кој се викал Филимон и кој исто така живеел во Колоси. Писмото било во врска со Онисим, кој му бил слуга на Филимон.

Онисим побегнал од Филимон и дошол во Рим. Онисим некако дознал дека Павле бил таму во затвор, па дошол да го посети. Тогаш Павле му проповедал. По кратко време и Онисим станал христијанин. На Онисим му било жал што побегнал. Затоа Павле му напишал на Филимон едно писмо. Знаеш ли што пишувало во него?

Павле го молел Филимон да му прости на Онисим. 'Ти го враќам назад‘, напишал Павле. 'Но сега, тој не ти е само слуга. Тој е исто така и многу добар христијански брат.‘ Кога се вратил во Колоси, Онисим ги понел со себе овие две писма, едното до Колошаните, а другото до Филимон. Можеме само да си замислиме колку бил среќен Филимон кога дознал дека неговиот слуга станал христијанин.

Кога им пишал на Филипјаните и на Филимон, Павле имал некои навистина добри вести. 'Ви го испраќам Тимотеј‘, им рекол Павле на Филипјаните. 'Но и јас ќе ве посетам наскоро.‘ А на Филимон му напишал: 'Приготви ми место за да останам таму‘.

Кога го ослободиле, Павле ги посетил своите христијански браќа и сестри на многу места. Но, подоцна повторно го затвориле во Рим. Тогаш бил сигурен дека ќе го убијат. Затоа му пишал на Тимотеј и го замолил да дојде брзо. 'Му бев верен на Бог‘, напишал Павле, 'и Бог ќе ме награди.‘ Неколку години откако Павле бил убиен, Ерусалим бил повторно уништен, овојпат од страна на Римјаните.

Но, во Библијата се запишани и други работи. Јехова Бог му рекол на апостол Јован да ги напише последните библиски книги, вклучувајќи го и Откровението. Оваа библиска книга ни зборува за иднината. Ајде сега да дознаеме што ни носи иднината.

Дела 28:16-31; Филипјаните 1:13; 2:19-30; 4:18-23; Евреите 13:23; Филимон 1-25; Колошаните 4:7-9; 2. Тимотеј 4:7-9.



Прашања

  • Кому му проповедал Павле додека бил затвореник во Рим?
  • Кој е посетителот што седи на масата на сликата, и што направил тој за Павле?
  • Кој бил Епафродит, и што понел со себе кога се вратил во Филипи?
  • Зошто Павле му напишал писмо на својот близок пријател Филимон?
  • Што направил Павле кога го ослободиле, и што му се случило подоцна?
  • Кого употребил Јехова за да ги напише последните библиски книги, и за што зборува книгата Откровение?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Дела 28:16-31 и Филипјаните 1:13.

    Како Павле го користел своето време додека бил во затвор во Рим, и какво влијание имала неговата непоколеблива вера врз христијанското собрание? (Дела 28:23, 30; Фил. 1:14).

  • Прочитај Филипјаните 2:19-30.

    Како Павле го изразил своето ценење за Тимотеј и Епафродит, и како можеме да го следиме примерот на Павле? (Фил. 2:20, 22, 25, 29, 30; 1. Кор. 16:18; 1. Сол. 5:12, 13).

  • Прочитај Филимон 1-25.

    На што се повикал Павле кога го поттикнал Филимон да го прави она што е исправно, и како тоа им помага на старешините денес? (Филим. 9; 2. Кор. 8:8; Гал. 5:13).

    Како зборовите на Павле, што се запишани во Филимон 13, 14, покажуваат дека тој ја почитувал совеста на другите во собранието? (1. Кор. 8:7, 13; 10:31-33).

  • Прочитај 2. Тимотеј 4:7-9.

    На кој начин и ние, како апостол Павле, можеме да имаме доверба дека Јехова ќе нѐ награди ако останеме верни до крај? (Мат. 24:13; Евр. 6:10).