Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вовед

Вовед

„ПОРАСНАВ во едно селце во северната покраина“, раскажува Дауда од Сиера Леоне. „Еднаш, кога бев малечок, моето семејство имаше расправија со друго семејство поради едно парче земја. И двете семејства тврдеа дека земјата е нивна. За да се реши проблемот, викнаа врач. Тој му даде на еден друг човек да држи огледало, а потоа го покри со бело платно. Наскоро човекот под платното почна да се тресе и да се поти. Со погледот вперен во огледалото, тој извика: ‚Гледам како приоѓа еден стар човек! Облечен е во бела облека. Висок е и стар, има бела коса и оди малку подгрбавено‘.

Тоа беше опис на дедо ми! Одеднаш човекот стана хистеричен, и повика: ‚Ако не верувате во ова што ви го кажувам, дојдете и видете сами!‘ Се разбира, никој од нас не се осмели да го стори тоа! Врачот го смири така што го попрска со една магична смеса од лисја и вода што ја имаше ставено во корупка од тиква.

Зборувајќи преку човекот што го држеше огледалото, ‚дедо ми‘ рече дека земјата му припаѓа на нашето семејство. Ѝ рече на баба ми дека таа треба да продолжи да си ја работи земјата. Другото семејство ја прифати пресудата. Спорот беше решен.“

Вакви работи секојдневно се случуваат во западна Африка. Таму, како и во други делови од светот, милиони луѓе веруваат дека мртвите преоѓаат во духовниот свет, од каде што можат да ги гледаат луѓето на Земјата и да влијаат врз нивните животи. Дали ова верување е вистинито? Дали мртвите, всушност, се живи? Ако не, кои се тие што тврдат дека се духови на мртвите? Многу е важно да се знаат точните одговори на овие прашања. Се работи за живот или смрт.