Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не! Тоа не е можно!“

„Не! Тоа не е можно!“

ЕДЕН ЧОВЕК од Њујорк (САД) раскажува: „Син ми Џонатан отиде да посети едни пријатели кои живееја на неколку километри од нас. Жена ми, Валентина, не сакаше тој да оди таму. Таа секогаш се плашеше од сообраќајот. Но синот имаше голема љубов кон електрониката, а неговите пријатели имаа работилница каде што можеше да стекне практично искуство. Жена ми беше во посета на нејзините роднини во Порторико, а јас бев дома во западен Менхетн (Њујорк). ‚Ќе се врати брзо Џонатан‘, си помислив. Тогаш заѕвони ѕвончето. ‚Сигурно е тој.‘ Но не беше. Тоа беа полицијата и брзата помош. ‚Ја препознавате ли оваа возачка дозвола?‘ праша полицаецот. ‚Да, таа е на син ми Џонатан.‘ ‚Имаме лоши вести за вас. Се случи сообраќајна несреќа и . . . вашиот син . . . вашиот син загина.‘ Мојата прва реакција беше: ‚Не! Тоа не е можно!‘ Тој шок ни отвори рана во срцата која сѐ уште не заздравила, дури и по толку години“.

‚Имаме лоши вести за вас. Се случи сообраќајна несреќа и . . . вашиот син . . . вашиот син загина.

Еден татко од Барселона (Шпанија) пишува: „Во 1960-тите години во Шпанија бевме едно среќно семејство — жена ми Марија и нашите три деца, Дејвид на 13, Пакито на 11 и Изабел на 9-годишна возраст.

Еден ден во март 1963, кога Пакито се врати од училиште, се жалеше на силни главоболки. Се прашувавме што може да биде причината — но не за долго време. После три часа веќе беше мртов. Изливот на крв во мозокот наеднаш стави крај на неговиот живот.

Пакито почина пред 30 години. Но сепак, длабоката болка на таа загуба останува во нас до ден-денес. Не е можно родителите да изгубат дете, а да не почувствуваат дека изгубиле дел од себе — без разлика колку време ќе помине или уште колку други деца ќе имаат“.

Овие две искуства, во кои родителите изгубиле деца, покажуваат колку е длабока и трајна раната кога ќе умре дете. Колку се вистинити зборовите на еден доктор на науки кој напишал: „Смртта на едно дете е обично потрагична и потрауматска од смртта на некој постар човек затоа што детето е последниот член од семејството кој би требало да умре. . . . Смртта на било кое дете е пропаѓање на сите идни соништа, односи [син, снаа, внуци], искуства . . . кои сѐ уште не се доживеани“. А ваквото чувство на голема загуба може да се однесува и на секоја жена која изгубила бебе преку пометнување.

Една ужалена сопруга објаснува: „Во текот на Втората светска војна, маж ми Расел служеше како медицински помошник на военото подрачје на Пацификот. Таму видел и преживеал многу страшни битки. Се врати во САД да води еден посмирен живот. Подоцна служеше како слуга на Божјата Реч. Во неговите рани 60-ти години почнаа да му се јавуваат симптоми на срцеви проблеми. Се трудеше да води поактивен живот. Потоа, во јули 1988, еден ден доби тежок срцев удар и почина. Загубата делуваше разорно врз мене. Дури не се ни поздравив со него. Тој не ми беше само сопруг. Ми беше најдобриот пријател. Заедно поминавме 40 години. Се чинеше дека сега ќе морам да се соочам со еден посебен вид осаменост“.

Ова се само неколку од илјадниците трагедии кои секој ден ги погодуваат семејствата ширум светот. Како што повеќето ужалени ќе ви речат, кога смртта ќе ви го одземе детето, сопругот, сопругата, родителот или пријателот, навистина тоа е она што христијанскиот писател Павле го нарекол — „последниот непријател“ (НС). Честопати првата природна реакција на страшните вести е негирање: „Не! Тоа не е можно! Не ми се верува“. Често следат и други реакции, како што ќе видиме (1. Коринтјаните 15:25, 26).

Меѓутоа, пред да ги разгледаме чувствата на жалост, да одговориме на некои важни прашања. Дали со смртта завршува сѐ за таа личност? Постои ли некаква надеж повторно да ги видиме нашите блиски?

Постои вистинска надеж

Библискиот писател Павле дал надеж за ослободување од тој ‚последен непријател‘, смртта. Тој напишал: „Смртта ќе биде поништена“. „Последниот непријател кој ќе биде уништен е смртта“ (1. Коринтјаните 15:26, The New English Bible). Зошто можел Павле да биде толку сигурен во тоа? Затоа што бил поучен од некој кој бил подигнат од мртвите, Исус Христос (Дела 9:3-19). Затоа Павле можел исто така да напише: „Бидејќи смртта дојде преку човекот [Адам], така и воскресението од мртвите стана преку човек [Исус Христос]. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринтјаните 15:21, 22).

Исус особено многу се разжалостил кога сретнал една вдовица од Наин со нејзиниот мртов син. Библискиот извештај ни кажува: „А кога [Исус] се приближи до градската порта [Наин], ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: ‚Не плачи!‘ И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: ‚Момче, тебе ти велам, стани!‘ Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: ‚Голем пророк се јави меѓу нас.‘ и ‚Бог го посети Својот народ‘“. Забележи како Исус се сочувствувал, така што го воскреснал синот на вдовицата! Замисли што навестува тоа за иднината! (Лука 7:12-16).

Тука, пред очевидци, Исус извршил едно незаборавно воскресение. Тоа било гаранција за воскресението што веќе го предвидел извесно време пред овој настан, односно враќање во живот на Земјата под ‚новото небо‘. Во таа прилика Исус рекол: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Откровение 21:1, 3, 4; Јован 5:28, 29; 2. Петрово 3:13).

Меѓу другите сведоци на некое воскресение бил и Петар, заедно со уште некои други од 12-темина кои го придружувале Исус на неговите патувања. Тие всушност го слушнале воскреснатиот Исус како зборува покрај Галилејското Море. Извештајот ни кажува: „Исус им рече: ‚Дојдете, јадете!‘ И никој не смееше да Го праша: ‚Кој си Ти?‘, оти гледаа дека е Господ. Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите“ (Јован 21:12-14).

Затоа, Петар можел потполно уверен да напише: „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж“ (1. Петрово 1:3).

Апостол Павле ја изразил својата сигурна надеж кога рекол: „Верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците, и дека се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат“ (Дела 24:14, 15).

Според тоа, милиони можат да имаат цврста надеж дека повторно ќе ги видат своите блиски на Земјата, но во многу поинакви околности. Какви ќе бидат тие околности? Натамошни детали за надежта темелена на Библијата за нашите драги кои сме ги изгубиле ќе бидат разгледани во последниот дел од оваа брошура под насловот: „Сигурна надеж за мртвите“.

Но прво да разгледаме некои прашања кои можеби ги имаш и ти доколку жалиш поради загубата на некој драг: Нормално ли е така да се жали? Како можам да живеам со својата жалост? Што можат да сторат другите за да ми помогнат да се борам? Како можам да им помогнам на другите кои жалат? И како најглавно: Што вели Библијата за една сигурна надеж за мртвите? Дали некогаш повторно ќе ги видам саканите? Каде?