Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како настанал нашиот универзум? — Контроверзија

Како настанал нашиот универзум? — Контроверзија

Второ поглавје

Како настанал нашиот универзум? — Контроверзија

АСТРОНАУТИТЕ со одушевеност ја фотографираат Земјата како што се појавува со нејзината големина видена од прозорецот на вселенскиот брод. „Тоа е најдоброто нешто кога леташ во вселената“, рекол еден од нив. Но, нашата Земја изгледа многу мала кога ќе се спореди со Сончевиот систем. Сонцето би можело во себе да содржи милиони Земји, и да има уште простор! Меѓутоа, дали таквите факти за универзумот би можеле да имаат некаква врска со твојот живот и неговото значење?

Ајде да одиме на едно кратко патување со мислите низ вселената за да ги видиме нашата Земја и Сонцето во перспектива. Нашето Сонце е само една од бројните ѕвезди кои влеваат стравопочитување во еден спирален ракав на галаксијата Млечен Пат *‚ која и самата е само еден ситен дел од универзумот. Со голо око може да се видат неколку дамки светлина кои всушност се други галаксии, како што е убавата и поголема Андромеда. Млечниот Пат, Андромедата и околу 20 други галаксии гравитационо се поврзани во едно јато, а сите тие се само еден мал предел во едно пространо суперјато. Универзумот содржи безброј суперјата, но сепак сликата не завршува со тоа.

Во вселената, јатата не се подеднакво распоредени. Во пошироки рамки, изгледаат како тенки плочи и конци околу пространи празнини кои се во вид на меурчиња. Некои облици се толку долги и широки што личат на огромни ѕидови. Тоа може да изненади многумина кои мислат дека нашиот универзум се создал самиот по пат на случајна космичка експлозија. „Колку појасно можеме да го видиме универзумот во сета негова славна поединост“, заклучува еден писател од повисок ранг за Scientific American, „толку потешко ќе ни биде да објасниме со едноставна теорија како дошло до тоа да биде таков.“

Докази кои укажуваат на некаков почеток

Сите поединечни ѕвезди што ги гледаш се во галаксијата Млечен Пат. Сѐ до 1920-тите, изгледаше дека тоа е единствената галаксија. Но, можеби знаеш дека набљудувањата со поголеми телескопи оттогаш наваму докажале нешто друго. Нашиот универзум содржи најмалку 50.000.000.000 галаксии. Не мислиме 50 милијарди ѕвезди — туку најмалку 50 милијарди галаксии, секоја со по милијарди ѕвезди како нашето Сонце. Сепак, зашеметувачкото множество огромни галаксии не беше тоа што ги потресе научните верувања во 1920-тите години, туку тоа што сите тие се во движење.

Астрономите откриле еден значаен факт: Кога било предизвикано да помине галаксичка светлина низ призма, можело да се види дека светлосните бранови биле истегнати, што укажува на движење кое се оддалечува од нас со огромна брзина. Колку е подалеку една галаксија толку побргу изгледало дека се повлекува. Тоа укажува на универзум кој се шири! *

Дури и ако не сме професионални астрономи или аматери, можеме да увидиме дека еден универзум кој се шири би имал длабоки импликации во однос на нашето минато — а можеби и на нашата лична иднина. Нешто морало да го започне процесот — една сила доволно моќна за да ја совлада неизмерната гравитација на целиот универзум. Имаш добра причина да прашаш: ‚Што би можело да биде извор на една таква динамичка енергија?‘

Иако повеќето научници го откриваат потеклото на универзумот со еден многу мал, густ почеток (сингуларитет), сепак не можеме да го избегнеме ова клучно прашање: „Ако во некој момент во минатото универзумот бил блиску до една сингуларна состојба на бесконечно мала големина и бесконечна густина, тогаш мораме да се запрашаме што имало таму пред тоа и што имало надвор од универзумот . . . Мораме да се соочиме со проблемот за еден Почеток“ (Сер Бернард Ловел).

Тоа подразбира повеќе отколку само извор на огромна енергија. Потребни се и далековидност и интелигенција бидејќи стапката на ширење изгледа многу вешто ускладена. „Кога универзумот би се проширил за еден милион милионити дел побргу“, рекол Ловел, „досега целата материја во универзумот би била распрсната . . . И кога би бил за еден милион милионити дел побавен, тогаш гравитационите сили би предизвикале универзумот да се распадне во текот на првите илјада милиони години од неговото постоење или слично. Повторно, не би имало никакви долговечни ѕвезди и не би имало живот.“

Обиди да се објасни почетокот

Дали стручњаците сега можат да го објаснат потеклото на универзумот? Многу научници, на кои им е неугодна идејата дека универзумот го создала една повисока интелигенција, шпекулираат дека тој се создал самиот себеси од ништо преку некаков механизам. Дали ова ти звучи разумно? Таквите шпекулации обично вклучуваат една варијанта на една теорија (модел на инфлација на универзумот) * која ја смислил физичарот Ален Гут во 1979. Сепак, понеодамна, д-р Гут признал дека неговата теорија „не објаснува како универзумот настанал од ништо“. Д-р Андреј Линде бил појасен во една статија во Scientific American: „Објаснувањето на тој почетен сингуларитет — каде и кога сето тоа започнало — сѐ уште останува најтврдокорниот проблем на современата космологија“.

Ако стручњаците не можат вистински да го објаснат ниту потеклото ниту раниот развој на нашиот универзум, зарем не треба да бараме објаснување на друго место? Навистина, имаш полноважни причини да разгледаш некои докази кои многумина ги превиделе но кои би можеле да ти дадат вистински увид во ова спорно прашање. Доказите ги вклучуваат прецизните мерки на четирите фундаментални сили кои се одговорни за сите својства и промени кои влијаат врз материјата. При самото спомнување на фундаменталните сили, некои можат да се колебаат, мислејќи: ‚Тоа е само за физичари‘. Но, не е така. Вреди да се разгледаат основните факти затоа што тие влијаат врз нас.

Вешто ускладување

Четирите фундаментални сили стапуваат во игра како во пространството на космосот така и во бесконечната ситност на атомските структури. Да, вклучено е сѐ што гледаме околу нас.

Елементите кои се витални за нашиот живот (особено јаглеродот, кислородот и железото) не би можеле да постојат кога не би било вештото ускладување на четирите сили кои се очигледни во универзумот. Веќе споменавме една сила — гравитацијата. Друга е електромагнетната сила. Кога би била значително послаба, електроните не би се држеле околу јадрото на атомот. ‚Дали тоа би било нешто сериозно?‘ би можеле некои да прашаат. Да, бидејќи атомите не би можеле да се соединат за да формираат молекули. Во спротивно, кога оваа сила би била многу посилна, електроните би биле фатени како во стапица за јадрото од атомот. Не би можело да има никакви хемиски реакции меѓу атомите — што значи нема живот. Дури и од оваа гледна точка, јасно е дека нашето постоење и животот зависат од вештото ускладување на електромагнетната сила.

А земи го предвид космичкиот размер: Мала разлика во електромагнетната сила би влијаела врз Сонцето и на тој начин би ја изменила светлината која стигнува на Земјата, со што фотосинтезата во растенијата би се отежнала или би станала невозможна. Исто така, би можела да ја лиши водата од нејзините единствени својства кои се витални за животот. Значи, уште еднаш, прецизното ускладување на електромагнетната сила одредува дали ќе живееме или не.

Подеднакво витален е интензитетот на електромагнетната сила во сооднос со другите три сили. На пример, некои физичари пресметуваат дека таа сила е 10.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000 (1040) пати поголема од гравитацијата. Можеби би изгледало како мала промена ако на тој број му се додаде уште една нула (1041). Но, тоа би значело дека гравитацијата пропорционално е послаба. Во врска со ситуацијата која би резултирала од тоа, д-р Рајнхард Бројер коментира: „Со пониска гравитација ѕвездите би биле помали и притисокот на гравитацијата во нивната внатрешност не би ја кренал температурата доволно високо за да можат да се одвиваат реакциите на нуклеарната фузија: Сонцето не би можело да свети“. Можеш само да си замислиш што би значело тоа за нас!

Што ако гравитацијата би била пропорционално појака, така што бројот би имал само 39 нули (1039)? „Само со таа ситна измена“, продолжува Бројер, „животниот век на една ѕвезда како Сонцето би бил значително намален.“ Други научници сметаат дека вештото ускладување е дури уште попрецизно.

Навистина, два извонредни квалитета на нашето Сонце и на другите ѕвезди се долгорочната делотворност и стабилност. Земи предвид една едноставна илустрација. Знаеме дека на автомобилскиот мотор му е потребен еден критичен сооднос помеѓу горивото и воздухот за да работи делотворно; инженерите дизајнираат сложени механички и компјутерски системи за да ја усовршат перфомансата. Ако е така со еден обичен мотор, што останува за ѕвездите кои ефикасно „горат“, како што е нашето Сонце? Клучните сили кои се вклучени се прецизно ускладени, усовршени за живот. Дали таа прецизност се случила туку-така? Древниот човек Јов бил запрашан: „Дали ти ги објави правилата кои управуваат со небото или ги одреди законите на природата на Земјата?“ (Јов 38:33, The New English Bible). Ниеден човек не го направил тоа. Па, од каде доаѓа таа прецизност?

Двете нуклеарни сили

Структурата на универзумот вклучува многу повеќе отколку само вешто ускладување на гравитацијата и на електромагнетната сила. Две други физички сили, исто така, се поврзани со нашиот живот.

Тие две сили дејствуваат во јадрото на атомот и даваат обилен доказ за промисленост. Размисли за јаката нуклеарна сила, која ги залепува протоните и неутроните во јадрото на атомот. Поради таквото врзување, можат да се формираат разновидни елементи — лесни (како што се хелиумот и кислородот) и тешки (како што се златото и оловото). Изгледа дека кога таа сила на врзување би била само за 2 проценти послаба, би постоел само водородот. Во спротивно, кога оваа сила би била малку посилна, би можело да се најдат само потешките елементи, но не и водородот. Дали тоа би влијаело на нашите животи? Па, кога на универзумот би му недостигал водород, нашето Сонце не би го имало горивото кое му е потребно да ја зрачи животодајната енергија. И, се разбира, ние не би имале ниту вода ниту храна поради тоа што водородот е битна состојка на обете.

Четвртата сила во оваа дискусија, наречена слаба нуклеарна сила, го контролира радиоактивното распаѓање. Исто така, влијае и врз термонуклеарната активност во нашето Сонце. ‚Дали таа сила е вешто ускладена?‘ би можел да прашаш. Математичарот и физичар Фриман Дајсон објаснува: „Слабата [сила] е милиони пати послаба од нуклеарната сила. Таа е доволно слаба за водородот во Сонцето да гори со бавна и рамномерна стапка. Кога слабата [сила] би била многу појака или многу послаба, секаков облик на живот кој е зависен од ѕвездите слични на Сонцето, повторно би бил загрозен“. Да, таа прецизна стапка на горење ја чува нашата Земја топла — но не и спалена — и нѐ држи во живот.

Понатаму, научниците веруваат дека слабата сила игра улога во експлозиите на суперновите, кои според нив го претставуваат механизмот за произведување и дистрибуирање на повеќето елементи. „Кога тие нуклеарни сили на кој и да било начин би биле малку поинакви од тоа што навистина се, ѕвездите не би биле во состојба да ги создаваат елементите од кои ти и јас сме составени“, објаснува физичарот Џон Полкингхорн.

Уште многу би можело да се каже, но веројатно ја сфаќаш поентата. Постои зачудувачки степен на вешто ускладување на овие четири фундаментални сили. „Се чини дека насекаде околу нас можеме да видиме докази дека природата ги уредила работите токму онака како што треба“, напишал професорот Пол Дејвис. Да, прецизното ускладување на фундаменталните сили го овозможило постоењето и функционирањето на нашето Сонце, нашата прекрасна планета со нејзината вода која го поддржува животот, нашата атмосфера која е толку витална за животот и една пространа низа скапоцени хемиски елементи на Земјата. Но, запрашај се: ‚Зошто толку прецизно ускладување и од каде?‘

Идеалните одлики на Земјата

Нашето постоење бара прецизност и во други погледи. Размисли за мерките на Земјата и за нејзината положба во однос на останатиот дел од нашиот Сончев систем. Библиската книга Јов ги содржи овие прашања кои наведуваат на понизност: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? . . Кој ѝ ги определил мерките? Знаеш ли?“ (Јов 38:4, 5). Како никогаш порано, овие прашања изискуваат одговори. Зошто? Поради зачудувачките работи што се откриени во врска со нашата Земја — вклучувајќи ја нејзината големина и нејзината положба во нашиот Сончев систем.

Ниедна друга планета како Земјата не е најдена на друго место во универзумот. Вистина, некои научници укажуваат на индиректниот доказ дека околу одредени ѕвезди во орбитата кружат објекти кои се стотици пати поголеми од Земјата. Но, нашата Земја ја има токму исправната големина за нашето постоење. Во која смисла? Кога Земјата би била малку поголема, нејзината гравитација би била посилна и водородот, како лесен гас, би се насобрал затоа што не би можел да излезе од Земјината гравитација. Според тоа, атмосферата би се покажала негостољубива спрема животот. Од друга страна, пак, кога нашата Земја би била малку помала, кислородот кој го поддржува животот би излегол а површинската вода би испарила. Како и да е, ние не би можеле да живееме.

Земјата, исто така, се наоѓа на идеално растојание од Сонцето — витален фактор за развој на животот. Астрономот Џон Бероу и математичарот Френк Типлер го проучувале „соодносот на Земјиниот радиус и оддалеченоста од Сонцето“. Тие заклучиле дека човечкиот живот не би постоел „кога тој сооднос би бил малку поинаков од она што е забележано дека е“. Професор Дејвид Л. Блок забележува: „Пресметувањата покажуваат дека, кога Земјата би била сместена само 5 проценти поблиску до Сонцето, би дошло до неконтролирано дејство на стаклената градина [презагревање на Земјата] уште пред околу 4.000 милиони години. Од друга страна, пак, кога Земјата би била поставена само 1 процент подалеку од Сонцето, би дошло до неконтролирано заледување [покривајќи голем дел од Земјината топка со огромни плочи мраз] уште пред околу 2.000 милиони години“ (Our Universe: Accident or Design?).

Покрај горенаведената прецизност, можеш да го додадеш и фактот дека Земјата ротира околу својата оска еднаш дневно — исправна брзина за да се создадат умерени температури. На Венера ѝ се потребни 243 денови за да ротира. Замисли си кога и на Земјата би ѝ било толку потребно! Не би можеле да ги преживееме екстремните температури кои би произлегле од таквите долги денови и ноќи.

Уште една витална поединост е патеката на Земјата околу Сонцето. Кометите имаат широка елиптична патека. За среќа, со Земјата не е така. Нејзината орбита е скоро кружна. Повторно, тоа спречува да не ги доживееме смртоносните температурни екстремности.

Не треба да ја игнорираме ниту локацијата на нашиот Сончев систем. Кога би бил поблиску до центарот на галаксијата Млечен Пат, гравитациониот ефект на соседните ѕвезди би ја искривил орбитата на Земјата. Во спротивност, кога би бил сместен на самиот раб од нашата галаксија, ноќното небо би било скоро без ѕвезди. Ѕвездената светлина не е неопходна за животот, но зарем не му придава величествена убавина на нашето ноќно небо? Исто така, на темел на сегашните сфаќања за универзумот, научниците пресметале дека на рабовите од Млечниот Пат не би имало доволно неопходни хемиски елементи за да се формира Сончев систем како нашиот. *

Закон и ред

Од лично искуство, веројатно знаеш дека сите работи се склони кон неред. Како што веќе забележал секој сопственик на куќа, кога предметите ќе се препуштат самите на себе, склони се да се расипат или да се распаднат. Научниците укажуваат на таа склоност како на „втор закон на термодинамиката“. Можеме секојдневно да гледаме како дејствува тој закон. Ако се остави сам, новиот автомобил или велосипед ќе стане отпад. Напушти некоја зграда, и ќе стане рушевина. Што е со универзумот? Истиот закон важи и таму. Затоа, би можел да помислиш дека редот во универзумот треба да попушти пред целосен неред.

Меѓутоа, изгледа дека тоа не му се случува на универзумот, како што открил професорот по математика Роџер Пенроуз кога ја проучувал состојбата на неуредност (односно ентропија) на видливиот универзум. Еден логичен начин да се толкуваат таквите откритија е да се заклучи дека универзумот започнал во една средена состојба и дека сѐ уште е високо организиран. Астрофизичарот Ален Лајтман забележал дека научниците „ја увидуваат мистериозноста на тоа дека универзумот бил создаден во една така високо средена состојба“. Тој додал дека „секоја успешна теорија на космологијата треба на крајот да го објасни овој проблем со ентропијата“ — зошто универзумот не станал хаотичен.

Всушност, нашето постоење е спротивно на овој признат закон. Тогаш, зошто живееме овде на Земјава? Како што претходно беше забележано, тоа е основно прашање кое би требало да сакаме да ни биде одговорено.

[Фусноти]

^ пас. 4 Галаксијата Млечен Пат е околу еден квинтилион километри во дијаметар — да, 1.000.000.000.000.000.000 километри! На светлината ѝ се потребни 100.000 години да ја премине, а таа една галаксија содржи преку 100 милијарди ѕвезди!

^ пас. 8 Во 1995, научниците го забележале чудното однесување на најоддалечената ѕвезда (SN 1995K) која била набљудувана додека експлодирала во својата галаксија. Како суперновите во соседните галаксии, оваа ѕвезда станала многу сјајна, но потоа почнала полека да избледнува, и тоа во тек на еден подолг временски период што воопшто бил откриен. Списанието New Scientist го вцртало тоа на еден графикон и објаснило: „Обликот на светлосната кривина . . . е растегнат во времето токму толку колку што се очекува кога галаксијата би се повлекувала од нас со брзина која е скоро половина од брзината на светлината“. Заклучокот? Тоа е „најдобриот доказ досега, според кој универзумот навистина се шири“.

^ пас. 13 Инфлационата теорија шпекулира во врска со тоа што се случило во едно делче од секундата после почетокот на универзумот. Застапниците на инфлацијата веруваат дека универзумот првобитно бил субмикроскопски кој потоа се надул со брзина поголема од брзината на светлината — тврдење кое не може да се испита во лабораторија. Инфлацијата останува теорија која се дебатира.

^ пас. 34 Научниците утврдиле дека елементите откриваат зачудувачки ред и хармонија. Интересни податоци се изложени во додатокот „Архитектонски единици на универзумот“, страница 26.

[Рамка на страница 15]

Обид да се избројат ѕвездите

Пресметано е дека галаксијата Млечен Пат има преку 100.000.000.000 (100 милијарди) ѕвезди. Претстави си една енциклопедија како ѝ посветува по една страница на секоја од овие ѕвезди — нашето Сонце и остатокот од нашиот Сончев систем би биле ограничени на една страница. Колку томови би ѝ биле потребни на збирката за да ги опфати ѕвездите во Млечниот Пат?

Се вели дека со томови од разумна дебелина, енциклопедијата не би ја собрало во јавната библиотека во Њујорк со својот простор за полици од 412 километри!

Колку време би ти било потребно да ги испиташ тие страници? „За да ја прелисташ, со брзина од една страница во секунда, би биле потребни преку десет илјади години“, објаснува Coming of Age in the Milky Way. А сепак, ѕвездите кои ја сочинуваат нашата галаксија се само мал дел од ѕвездите во пресметаните 50.000.000.000 (50 милијарди) галаксии во универзумот. Кога енциклопедијата би содржела по една страница за секоја од овие ѕвезди, не би можела да стои на сите библиотекарски полици на Земјата. „Колку повеќе знаеме за универзумот“, забележува книгата, „толку повеќе увидуваме колку малку знаеме.“

[Рамка на страница 16]

Џастро — во врска со почетокот

Роберт Џастро, професор по астрономија и геологија на Колумбискиот универзитет, напишал: „Малкумина астрономи можеле да предвидат дека овој настан — ненадејното раѓање на универзумот — ќе стане докажан научен факт, но набљудувањата на небото преку телескопи ги присили на таквиот заклучок“.

Потоа коментирал за импликациите: „Астрономскиот доказ за Почеток ги става научниците во една непријатна положба затоа што веруваат дека секоја последица има природна причина . . . Британскиот астроном Е. А. Милн напишал: ‚Ние не можеме да даваме никакви предлози во врска со состојбата на работите [во почетокот]; во Божествениот чин на создавањето Бог е ненабљудуван и непосведочен‘“ (The Enchanted Loom—Mind in the Universe).

[Рамка на страница 17]

Четири фундаментални физички сили

1. Гравитацијата — многу слаба сила на атомско ниво. Влијае врз големите објекти — планети, ѕвезди и галаксии.

2. Електромагнетизмот — клучна привлечна сила помеѓу протоните и електроните, која овозможува да се формираат молекули. Секавицата е еден доказ за неговата моќ.

3. Јаката нуклеарна сила — сила која ги лепи протоните и неутроните во јадрото на атомот.

4. Слабата нуклеарна сила — сила која управува со распаѓањето на радиоактивните елементи и со делотворната термонуклеарна активност на Сонцето.

[Рамка на страница 20]

„Комбинација на коинциденции“

„Да беше слабата сила малку појака, немаше да се произведе хелиум; да беше малку послаба, скоро целиот водород ќе се претвореше во хелиум.“

„Шансите за универзум во кој има малку хелиум, а воедно и експлодирачки супернови, се многу слаби. Нашето постоење зависи од оваа комбинација на коинциденции и од уште подраматичната коинциденција на нивоата на нуклеарната енергија предвидени од [астрономот Фред] Хојл. За разлика од сите претходни генерации, ние знаеме како сме дошле овде. Но, како и сите претходни генерации, сѐ уште не знаеме зошто“ (New Scientist).

[Рамка на страница 22]

„Посебните услови на Земјата кои произлегуваат од нејзината идеална големина, состав на елементите и речиси кружната орбита на совршена оддалеченост од една долговечна ѕвезда, Сонцето, го овозможиле акумулирањето на водата на Земјината површина“ (Integrated Principles of Zoology, 7. издание). Животот на Земјата не би можел да се појави доколку не би имало вода.

[Рамка на страница 24]

Веруваш само во она што го гледаш?

Многу разумни луѓе го прифаќаат постоењето на работи кои не можат да ги видат. Во јануари 1997, списанието Discover известило дека астрономите го откриле она за кое заклучиле дека претставува околу дузина планети во орбитата на далечни ѕвезди.

„За новите планети досега се знае само по начинот како нивната гравитација го нарушува движењето на родителските ѕвезди.“ Да, видливите ефекти на гравитацијата за астрономите создале основа за верување во постоењето на невидливи небесни тела.

Сродните докази — а не директното набљудување — биле адекватна основа за научниците да го прифатат она што сѐ уште не било видливо. Многумина кои веруваат во Творец заклучуваат дека имаат слична основа за да го прифатат она кое не можат да го видат.

[Рамка на страница 25]

Во The Nature of the Universe, сер Фред Хојл објаснува: „За да се избегне прашањето за создавањето, неопходно би било сета материја во универзумот да биде бесконечно стара, а тоа не може да биде случај . . . Водородот рамномерно се претвора во хелиум и во другите елементи . . . Тогаш, како дошло до тоа универзумот скоро целосно да се состои од водород? Кога материјата би била бесконечно стара, тоа би било сосема невозможно. Значи, гледаме дека поради тоа што универзумот е онаков каков што е, прашањето во врска со создавањето едноставно не може да се избегне“.

[Слика на страници 12 и 13]

Нашето Сонце (рамка) е безначајно во галаксијата Млечен Пат, како што е илустрирано овде со спиралната галаксија NGC 5236

Млечниот Пат содржи преку 100 милијарди ѕвезди, и тој е само една од преку 50-те милијарди галаксии во познатиот универзум

[Слика на страница 14]

Астрономот Едвин Хабл (1889—1953) сфатил дека едно црвено поместување на светлината од далечните галаксии покажало дека нашиот универзум се шири и, според тоа, тој имал почеток

[Слика на страница 19]

Вештото ускладување на силите кои го контролираат нашето Сонце води до услови кои се токму такви какви што се потребни за нашиот живот на Земјата